Свет
„Фокскон“ воведува трки за да спречи самоубиства
По серијата самоубиства на работниците во фабриките во Кина, компанијата „Фокскон технолоџи груп“, фирмата ги зголеми платите, постави безбедносни мрежи за да ги сопрат идните самоубијци и почна да организира трки за да го крене моралот на вработените, јавува Асошиејтед прес
Ваквата промена на односот кон вработените покажува колку производителот на „Ајфон“ и на други електронски помагала е погоден од самоубиствата и лошото известување во печатот за компанијата која се смета за една од најзатворените кон јавноста. Последното самоубиство се случи на 4-ти август, кога 22-годишна жена се фрли од својата соба во фабричкиот пансион за вработени. Сега компанијата организира „мотивациски трки“, наречени „Вреднувајте си го животот, сакајте си го семејството, грижете се еден за друг за да изградиме прекрасна иднина“ и ќе се одржуваат во сите фабрики на оваа компанија во Кина. Компанијата првото рели треба да го одржи денеска во нејзиниот мамутски индустриски парк во Шензен, во кој се вработени 300.000 луѓе и каде што се случија најголемиот дел од самоубиствата. „Фокскон“, дел од тајванската компанија „Хон Хаи пресижн индустри ко.“, израсна во најголемиот претприемач за изработка на електроника во светот со тоа што понуди висококвалитетни производи со многу мала маргина на профит и тоа на порачатели како што се „Ејпл“, „Сони“, „Дел“, „Нокиа“ и „Хјулет Пакард“.Проблемите во компанијата и станаа достапни на јавноста со засилувањето на работничките протести во цела Кина, кои го потенцираа незадоволството на кинеските работници со прениските плати и ужасните работни услови кои, всушност, ја претворија земјата во светски економски гигант. Синдикалните активисти велат дека овој успех на земјата дојде од претераното експлоатирање на работниците преку форсирање на исклучително ригиден менаџерски стил, воведување на исклучително брзи фабрички линии и постојано притискање за бесплатно дополнително работно време. Самата „Фокскон“ негира дека ги третирала своите вработени нехумано и вети дека ќе им ги подобри работните услови. Сепак, синдикалците се убедени дека трките нема да го поттикнат моралот и повикуваат на потемелни реформи. „Не верувам дека со овој настан ќе се постигне нешто повеќе од правење малку театар. Она што „Фокскон“ треба да го стори е да ги третира своите вработени како човечки суштества и да им даде човечки плати. Тоа не е ракетна наука“, вели Гуфри Кротал, портпарол на кинескиот „Трудов булетин“, група за заштита на работничките права со седиште во Хонг Конг. Во мај компанијата – мајка вети потемелен однос кон проблемот за да се спречат натамошни самоубиства. Вработени се поголем број на советници, а вработените се поделени во групи од по 50 луѓе, за да внимаваат едни на други и навреме да ги забележат знаците за самоубиствени намери. „Фокскон“, исто така, најави две покачувања на платите, со што тие двојно би се зголемиле на 293 долари месечно. /крај/ап/ссе/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Растот на платите во Еврозоната се забавува: „Ќе биде помал од 3 проценти“
Европската централна банка (ЕЦБ) денес објави дека растот на договорните плати во Еврозоната во 2026 година ќе остане умерен и ќе изнесува помалку од три проценти до крајот на 2026 година, што укажува на нормализација на притисокот врз заработката.
Според ЕЦБ, договорните плати, вклучувајќи ги и еднократните плаќања (како што се бонуси или надоместоци поради инфлација), се зголемиле за 3,2 проценти во 2025 година, додека се очекува зголемување од 2,4 проценти во 2026 година.
Ако се исклучат еднократните плаќања од пресметката, се очекува платите во Еврозоната да пораснат за 2,7 проценти во 2026 година, со постабилно и поумерено темпо отколку во претходните години. Податоците покажуваат дека во првата половина од 2026 година, договорените плати ќе се зголемат за околу 2,1 процент, додека во втората половина се очекува раст од 2,7 проценти, бидејќи ефектите од големите еднократни плаќања од претходните години постепено се намалуваат.
Европската централна банка, исто така, забележува дека притисокот врз платите сè повеќе се изедначува меѓу различните земји од еврозоната.
Податоците опфаќаат околу една третина од вработените во земјите од еврозоната, и даваат добар увид во трендовите на платите, но ЕЦБ забележува дека нејзиниот извештај не е прогноза, туку одраз на моменталната состојба во колективните договори.
Свет
Шојгу: НАТО создава отскочна даска за воена агресија по должината на руската и белоруската граница
НАТО создава отскочна даска за воена агресија по должината на руската и белоруската граница, изјави денес секретарот на Советот за безбедност на Русија, Сергеј Шојгу.
Тој во интервју за руските медиуми изјави дека клучните инструменти за обезбедување стратешка стабилност се уништени и дека тоа не е вина на Русија.
„Ова е резултат на намерни и систематски дејствија на западните земји“, рече Шојгу, објави Спутник.
Шојгу предупреди против зголемувањето на военото присуство на НАТО по должината на западните граници на земјите од Организацијата на договорот за колективна безбедност (ОДКБ), во близина на Русија и Белорусија.
„Европските земји тргнаа по патот на милитаризација, и покрај тешката економска ситуација. Военото присуство на НАТО се зголемува, а се зголемува и бројот на провокации во воздух и на море“, нагласи Шојгу.
Тој оцени дека заканата од дестабилизација во Иран, како и ситуацијата на таџикистанско-авганистанската граница, се фактори што влијаат на безбедноста на ОДКБ. „Проблеми сè уште постојат на јужните граници.
Ова вклучува, пред сè, напнатата ситуација на таџикистанско-авганистанската граница, каде што редовно се регистрираат нелегални преминувања на границата, што често резултира со вооружени конфликти со таџикистанските граничари, како и заканата од дестабилизација во Иран“, изјави Шојгу.
Тој, исто така, ја истакна зголемената улога на ОДКБ, Заедницата на независни држави (ЗНД), Евроазиската економска унија (ЕАЕУ) и Шангајската организација за соработка (ШОС) во безбедноста.
„Полека, но сигурно, се гради заедничка евроазиска безбедносна архитектура, иако засега, сепак, без западниот дел од континентот, каде што суверенитетот на повеќето држави е, на пример, ограничен“, оцени Шојгу, пренесува Танјуг. Тој истакна дека е потребно „активно да се работи на развојот на силите и средствата на колективниот безбедносен систем“.
Свет
Скандал во ЕУ: полицијата упадна во просториите на Европската комисија
Белгиската полиција спроведе претрес во просториите на Европската комисија во Брисел.
Станува збор за истрага за можни неправилности во продажбата на недвижен имот во сопственост на Европската Унија, пренесуваат светските медиуми.
Акцијата е спроведена наутро, а опфатила неколку објекти на Комисијата, вклучувајќи го и одделот задолжен за буџетот, објавува Фајненшл тајмс (FT).
Истрагата, според написите, се однесува на продажба на недвижен имот на Европската Унија, која е спроведена за време на претходниот мандат на Европската комисија, кога Јоханес Хан бил задолжен за буџетот.
Според изворите, предмет на проверката е трансакција од 2024 година, кога 23 згради биле продадени на белгискиот државен инвестициски фонд SFPIM за вкупно 900 милиони евра.
Постапката ја води Европското јавно обвинителство (EPPO), одговорно за кривични дела што им штетат на финансиските интереси на Европската Унија.
Портпаролката на организацијата, Тине Холвет, потврди дека активностите за собирање докази се во тек, но нагласи дека не може да даде дополнителни информации за да не се загрози текот на истрагата.
Белгиската федерална полиција и OLAF, европската канцеларија за борба против измами, одбија да коментираат за случајот.
Белгискиот фонд SFPIM исто така не одговори на барањата на медиумите, додека истрагата продолжува без официјални обвиненија или заклучоци.
Јоханес Хан беше задолжен за управување со буџетот на Европската Унија до 2024 година, а по завршувањето на неговиот мандат, беше назначен за специјален претставник на ЕУ за Кипар.
Претходно ја извршуваше функцијата европски комесар за проширување од ноември 2014 до ноември 2019 година.

