Свет
Албино девојче обезглавено и убиено поради суеверие
Единаесетгодишно албино девојче од Свазиленд било убиено пред нејзините пријатели и потоа обезглавено, за што полицијата верува дека е убиство направено во ритуал, пренесува Телеграф.
Единаесетгодишно албино девојче од Свазиленд било убиено пред нејзините пријатели и потоа обезглавено, за што полицијата верува дека е убиство направено во ритуал, пренесува Телеграф. Детето ја перело облеката во река со пријателите, и на враќање кон својот дом било грабнато од маж кој носел маска. Човекот ја застрелал во позадината на главата пред да ја одвлечка. Нејзиното обезглавено тело било пронајдено кратко по убиството. Грозоморното убиство е едно од серијата убиства кои се прават врз албино популацијата во деловите на Африка, каде се концентрирани носителите на оваа ретка пигментска состојба. Полицијата смета дека децата се убиваат поради верувањата кај одредени врачеви (witch doctors) кои со крвта и деловите од телото на албино луѓето прават напивки кои според нив ако се конзумираат носат среќа и добра енергија. Албинизмот во Африка, инаку, не е ретка појава. Во Танзанија која има 40 милиони жители, дури 200 илјади ја имаат оваа пигментална аномалија. Танзанија воедно е и државата во која најмногу се убивани албино луѓето, дури 40, додека последните години во соседниот Бурунди биле убиени десет албино луѓе. Пред две години новинарка која работи во BBC изнесе новинарска истражувачка сторија, во која таа во Танзанија се претставувала како успешна деловна жена од запад. Таа од локалните врачеви добила многу понуди направени од делови на тела од албино луѓе, кои требало да ја збогатат со нивна продажба на запад. Во Танзанија убивањето албино луѓе достигнало сериозни размери, што дури бил донесен и претседателски декрет со кој строго се забранува убивање албино луѓе. Но врачевите кои се главните нарачители на тела од албино луѓе, продолжиле со нивните „медицински“ практики, па затоа во оваа јужноафриканска држава само во една година се забележани убиства на 20 албина./крај/тгф/ко
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Странски турист испадна од кабина на жичницата на планината Дурмитор во Црна Гора
Еден странски турист загина, а тројца се спасени во несреќа на жичницата на планината Дурмитор во Црна Гора. Тамошните медиуми објавија дека двајца германски државјани испаднале од својата кабина, од кои еден починал, додека неговата сопруга е тешко повредена.
По неколкучасовниот прекин на работата на жичницата поради несреќата, спасени се тројца странски туристи кои беа заглавени на стрмниот и непристапен дел на скијалиштето на Дурмитор. Тие беа заглавени во горниот дел на жичницата, каде што температурите се пониски.
Црногорските медиуми објавија дека несреќата се случила откако жичницата поради дефект тргнала наназад, при што двајцата Германци испаднале од кабината.
Свет
Поради зимата во Газа умираат бебиња и деца, повик до Израел да дозволи помош
Организацијата „Лекари без граници“ (Médecins Sans Frontières – MSF) вчера предупреди дека бебиња и деца во Појасот Газа умираат од студ поради тешките зимски услови и го повика Израел да ја ублажи блокадата на хуманитарната помош, додека, како што наведуваат, воените дејствија продолжуваат и покрај примирјето.
МСФ соопшти дека во јужниот дел на Газа, во Кан Јунис, од тешка хипотермија починало прерано родено бебе на 29 дена, истакнувајќи дека зимата во комбинација со исклучително лошите животни услови значително ги зголемува здравствените ризици, пренесе Ал Џезира.
Според податоците на Министерството за здравство на Газа, бројот на смртни случаи поради екстремните временски услови достигнал 13, додека претходно оваа недела од студ починало и двонеделно бебе поради недостаиг на соодветно засолниште и облека.
Шефот на педијатриско-акушерското одделение во Медицинскиот комплекс „Насер“ Ахмед ал-Фара предупреди дека хипотермијата е исклучително опасна за новороденчињата и дека доколку на семејствата во шаторите не им се обезбедат средства за греење и соодветно сместување, бројот на смртни случаи ќе расте.
МСФ наведува дека бележи висок пораст на респираторни инфекции, кои во текот на зимата би можеле дополнително да се шират, особено загрозувајќи ги децата под пет години.
Во последните недели Газа се соочува со обилни врнежи, силни ветрови и ниски температури, при што повеќе од 53.000 шатори, кои служат како привремено сместување за раселените лица, се оштетени или уништени.
Поради уништената инфраструктура, улиците брзо се поплавуваат, а канализацијата се излева, додека семејствата се принудени да се засолнат во делумно урнати објекти.
Обединетите нации наведуваат дека Израел и натаму спречува испорака на шатори, ќебиња и други основни потреби, додека околу 55.000 семејства претрпеле штета за време на невреме, а оштетени се и просторите наменети за деца, што погодило околу 30.000 деца.
Организацијата „Refugees International“ оцени дека хуманитарната помош во Газа пристигнува во минимални количини, делумно поради списокот на „контролирани предмети“, кој, според наводите, вклучува и основни потреби како пелени, завои и шатори.
Свет
Брз патнички воз уби седум слонови на пруга во Индија
Седум диви азиски слонови загинаа, а еден мал е повреден кога брз патнички воз се судрил со крдо кое ја преминувало пругата во североисточната индиска сојузна држава Асам, соопштија локалните власти.
Машиновозачот забележал крдо од околу 100 слонови и ги употребил сопирачките за итни случаи, но возот сепак удрил во дел од животните, изјави портпаролот на Индиските железници, Капинџал Кишор Шарма.
Пет вагони и локомотивата излетале од шините по сударот, но немало човечки жртви.
Ветеринари извршиле обдукција на угинатите слонови, кои дополнително треба да бидат погребани.
Местото на несреќата е шумско подрачје на околу 125 километри југоисточно од главниот град на Асам, Гвахати.
Возот „Раџдани експрес“, кој сообраќал од Саиранг во државата Мизорам која се граничи со Мјанмар, бил на пат кон главниот град Њу Делхи со 650 патници кога удрил во слоновите.
Сударите на возови и диви слонови не се ретки во Асам, каде што живеат околу 7.000 диви азиски слонови, што претставува една од најголемите концентрации во Индија. Од 2020 година, најмалку десетина слонови биле убиени на овој начин.

