Свет
Нови жртви во серијата напади во Ирак
Серија од над десет напади врз локални функционери и врз полициските сили низ целиот Ирак досега однесе 43 животи, но бројката постојано расте, соопшти ирачката полиција, пренесува Асошиејтед прес.
Серија од над десет напади врз локални функционери и врз полициските сили низ целиот Ирак досега однесе 43 животи, но бројката постојано расте, соопшти ирачката полиција, пренесува Асошиејтед прес. Засега никој не ја презеде одговорноста, но нивото и опсегот на насилство, кое се случува на само ден откако бројот на американски војници во Ирак падна на под 50.000, посочува на намерата на бунтовничките групи да ја истакнат својата моќ откако американското присуство во земјата се намали. Цел на нападите во најголем дел беа владини институции кои се неопходни за секојдневното функционирање на државата и за нејзината стабилност. Најсмртоносниот напад се случи во северен Багдад, каде што бомбаш-самоубиец детонираше автомобил-бомба на паркингот зад полициска станица. Петнаесет луѓе беа убиени, вклучувајќи шест полицајци. Полициски извори велат дека уште 58 биле ранети во експлозијата, која создала кратер од три метри, а повеќе луѓе биле затрупани во урнатините на околните куќи. Висок офицер на ирачкото разузнавање, кој побарал да остане анонимен, вели дека напаѓачите, најверојатно, имале помош однатре од полицијата, како и дека бомбашкиот напад носи ознаки на ал-Каеда. Други, помали фракции помогнале при другите напади, тврди офицерот, но одби да изнесе повеќе детали. Сепак, не успеале сите напади. Во северниот ирачки град Мосул, ирачки војници забележале и убиле бомбаш-самоубиец, пред тој да успее да ја активира бомбата пред една армиска база. Речиси истовремено, 16 луѓе, сите освен еден полицајци, биле убиени, а 90 ранети кога бомбаш-самоубиец се разнел во гратче југоисточно од Багдад. Уште четири напади се случиле ширум, Ирак, сите со огромен број на жртви. Од 7 март годинава, кога парламентарните избори не донесоа убедлив победник кој ќе основа цврста влада, меѓународната заедница, а особено САД, стравуваат дека политичката нестабилност може да предизвика насилства кои ќе поништат се што беше постигнато во последниве две години на безбедносен план. Иако секташкото насилство значително се намали од зенитот на крвопролевањето во 2006 и 2007 година, милитантите и натаму се обидуваат со чести напади врз се уште недооформените ирачки безбедносни сили да ја намалат нивната способност да ја бранат земјата и внатрешниот поредок. /крај/ап/ссе/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Данска ја обвини Русија за сајбер напади врз инфраструктура и веб-страници
Данските власти објавија извештај на воената разузнавачка служба, во кој се наведува дека Русија извршила сајбер напади врз инфраструктура и веб-страници во таа земја во текот на 2024 и 2025 година, а се откриваат и нови случаи кои претходно не биле пријавени, објавува денес АП.
Според извештајот, Москва е одговорна за деструктивните сајбер напади врз данската компанија за вода во 2024 година, како и за серија напади врз данските веб-страници пред регионалните и локалните избори минатиот месец.
Данската разузнавачка служба додаде дека овие напади се дел од хибридната војна на Русија против Западот и претставуваат обид за предизвикување нестабилност.
Се вели дека сајбер нападите на Москва се дел од поширока кампања за заканување и казнување на земјите што ја поддржуваат Украина.
Западните претставници наведуваат дека има сè повеќе инциденти во рамките на саботажната кампања низ цела Европа, зад која стои Русија.
Според АП, документирани се 147 вакви инциденти, вклучувајќи два случаи пријавени од Данска оваа недела.
„Руската држава користи и групи и поединци како инструменти на хибридна војна против Западот, а целта е да предизвика нестабилност и да ги таргетира земјите што ја поддржуваат Украина“, се вели во извештајот на данската разузнавачка служба.
Германските власти го повикаа рускиот амбасадор во Берлин на 12 декември откако Министерството за надворешни работи на земјата ја обвини Москва за саботажа, сајбер напади и мешање во изборите, потсетува АП.
Како што изјави портпаролот на Министерството, Мартин Гизе, меѓу овие напади е и нападот врз германската контрола на воздушниот сообраќај во текот на 2024 година.
Фото: депозитфотос
Регион
Путин првпат зборуваше за НИС: Верувам дека Белград ќе ги исполни своите обврски
Рускиот претседател Владимир Путин повеќе од две децении одржува годишна прес-конференција, на која ги презентира своите политички ставови и анализи на јавноста во Русија и во странство.
За време на конференцијата, новинар од Србија го потсети рускиот претседател дека Нафтената индустрија на Србија (НИС), заедничко вложување меѓу Русија и Србија, ги трпи последиците од западните санкции. Тој го праша Путин како ја коментира оваа ситуација?
„Што се однесува до НИС, притисокот од западните санкции продолжува, а ова е показател за политичка моќ. Москва претпоставува дека Белград ќе ги исполни своите обврски, а двете земји ќе спроведат многубројни други проекти“, рече Путин не сакајќи да се продлабочува на оваа тема.
Претходно денес, рускиот претседател изјави за „Спутник“ дека знае што се случува со компанијата НИС и дека се надева оти ќе се најде заедничко решение.
„Знаеме што се случува со компанијата НИС. Имаме меѓудржавен договор и претпоставуваме дека пријателското српско раководство ќе го земе ова предвид. Имаме идеја за насоката во која сакаме да се движиме заедно. Работиме на тоа и се надевам дека ќе го најдеме потребното решение“, рече рускиот претседател.
Тој исто така рече дека без оглед на надворешната аспирација за подобрување на односите, притисокот со санкции ќе продолжи како начин за покажување сила, пренесува „Раша тудеј“.
„Москва претпоставува дека Белград ќе ги исполни своите обврски и дека Русија и Србија ќе спроведат многубројни други заеднички проекти“, рече тој.
НИС е под санкции на САД од почетокот на октомври поради мнозинската руска сопственост, што значително го комплицира работењето на една од најважните компании за функционирање на целата српска економија.
Рускиот „Газпромнефт“ е мнозински сопственик на НИС, а рускиот претседател рече дека земјата инвестирала повеќе од три милијарди долари во компанијата.
фото/депозитфотос
Свет
Пет деца во Индија заразени со ХИВ по трансфузија на крв
Пет деца, кои страдаат од таласемија, во индиската држава Мадја Прадеш биле заразени со вирусот ХИВ по примање трансфузии на крв, објавија локалните власти, објави денес Би-би-си.
Најновите случаи на ХИВ-инфекција предизвикаа загриженост во врска со начинот на кој се даваат трансфузии, а властите формираа комитет за истражување на инцидентот.
Овие случаи следуваа по слични инфекции во источната држава Џарканд во октомври, каде што пет деца под осумгодишна возраст беа заразени со вирусот по примање трансфузии на крв во државна болница, потсетува Би-би-си.
Властите во државата Гуџарат почнаа истрага во 2011 година кога 23 деца со таласемија беа позитивни на вирусот по примањето трансфузии во болницата.
Родителите на пациенти со таласемија минатата недела го повикаа индискиот парламент да го усвои националниот закон за трансфузија за кој велат дека ќе ги заостри регулативите поврзани со собирањето резерви од крв, нивното тестирање и трансфузијата.
Фото: депозитфотос

