Свет
Обама својот проштален говор до нацијата ќе го има на 10-ти јануари
Американскиот претседател на заминување Барак Обама ќе го одржи својот проштален говор на 10-ти јануари во својот роден Чикаго, во сојузната држава Илиноис, кога ќе се осврне на годините во коишто ги предводеше САД и ќе им се заблагодари на своите поддржувачи, соопшти во понеделникот преку електронска пошта а подоцна со соопштение потврди и Белата куќа.
„Во вторник, 10-ти јануари, заминувам дома во Чикаго за со благодарност да се простам од вас“, се наведува во пораката на Барак Обама. Според актуелниот американски челник, тој само што започнал да го пишува текстот од говорот.
„За говорот размислувам како за можност да ви се заблагодарам за ова неверојатно патување, да ги прославам начините на кои изминатите осум години ја подобривте оваа земја, и да понудам некои мисли за тоа на каде да се продолжи оттука“, пишува Обама.
„Од 2009-та се соочивме со повеќе предизвици, и од нив излеговме посилни. Тоа е затоа што никогаш не се откажувавме од вербата којашто нé води од нашето основање – нашето уверување дека заедно можеме да ја промениме оваа држава на подобро“, заклучува Обама.
Тој во неделата во новогодишната порака, 19 дена пред предавањето на должноста, изјави дека должноста претседател на САД за него била „привилегија“. Да се служи како ваш претседател ми беше животна привилегија, Се радувам на тоа што ќе стојам до вас како граѓанин…“, напиша Обама на Twitter.
Обама ги искористи своите профили на социјалните мрежи за мултимедијален пресек на постигнувањето на неговите осум години на функцијата претседател на САД, од реформите на здравственото осигурување и легализирањето на исполовите бракови, до борбата против климатските промени и растот на енергетскиот сектор на обновливи извори на енергија.
Американскиот претседател на заминување потсетува дека преседанот на „мирно демократско предавање на власта“ и обраќањето со „проштален говор до американскиот народ“ го направил во 1796 година првиот претседател Џорџ Вашингтон. „Во наредните 220 години многу американски претседатели, одржаа таков говор“, истакнува Обама.
Во поновата американска историја со проштално обраќање до нацијата од должноста заминаа претседателите Хари Труман, Двајт Ајсенхауер, Линдон Џонсон, Ричард Никсон, Роналд Реган, Бил Клинтон. Претходникот на Обама, републиканецот Џорџ В. Буш, својот проштален говор го одржа во 2009 година од Белата куќа.
На 20-ти јануари Обама на претседателската должност ќе го замени републиканецот Доналд Трамп, кој на изборите на 8-ми ноември ја победи демократската кандидатка Хилари Клинтон. Трамп во својата кампања се обврза дека ќе поништи голем дел од мерките воведени од Обама, вклучително и за здравствениот систем./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Тбилиси одговори на Киев: Зеленски да го намали тонот кон Грузија
Претседателот на грузискиот парламент, Шалва Папуашвили, го повика украинскиот претседател Володимир Зеленски да го „намали тонот“ во изјавите поврзани со Тбилиси, велејќи дека грузиските власти нема да прифатат забелешки што доаѓаат од Киев.
Папуашвили истакна дека критиките што украинското раководство ги упатува кон западноевропските земји се разбирливи, но дека таков став не смее да се пренесе на грузискиот народ. Тој, исто така, потсети на претходните изјави на американскиот претседател дека војната немаше да се случи доколку тој беше на власт, наведувајќи дека во овој контекст е јасно зошто Киев изразува незадоволство од одредени партнери.
„Нема да толерираме таков тон од украинските власти. Нема да прифатиме ниту една од забелешките на Зеленски“, рече претседателот на грузискиот парламент, додавајќи дека во претходните години, како што изјави, украинските делегации донеле одлуки на неколку меѓународни форуми што биле непријателски настроени кон интересите на Грузија.
Папуашвили, исто така, ја доведе во прашање потребата да се очекува дополнителна благодарност од Тбилиси, нагласувајќи дека односите меѓу двете земји мора да се темелат на меѓусебно почитување.
Тензиите во односите беа дополнително поттикнати од изјавите на грузискиот премиер Иракли Кобахидзе, кој на крајот од минатата година откри дека во 2022 година тогашниот американски амбасадор во Тбилиси, Кели Дегнан, вршел притисок врз грузиските власти да влезат во вооружен конфликт со Русија. Според него, Грузија одбила да се вклучи во такво сценарио.
Шефот на грузиската влада претходно изјави дека Тбилиси нема да дозволи повторување на „украинското сценарио“, алудирајќи на настаните што претходеа на војната, вклучувајќи протести и политички превирања. Тој оцени дека по државниот удар, Украина влегла во процес на длабока дестабилизација и уништување.
Грузиските власти претходно објаснија дека одбиваат да воведат санкции врз Русија, наведувајќи дека таков потег директно би ја загрозил економската и безбедносната стабилност на земјата.
Свет
Шведската војска пресретна сомнителен руски дрон во близина на Малме
Шведската војска пресретна сомнителен руски дрон кој летал над морето јужно од земјата, додека францускиот носач на авиони бил закотвен во пристаништето Малме. Службениците потврдија дека инцидентот се случил во теснецот Ересунд, кој ги дели Шведска и Данска, објави Асошиејтед Прес.
Вооружените сили вчера соопштија дека шведски воен брод забележал сомнителен дрон за време на патрола. Тие рекоа дека се преземени контрамерки за да се спречи дронот, по што контактот бил изгубен.
Францускиот носач на авиони со нуклеарен погон Шарл де Гол е во Малме оваа недела како дел од редовните вежби на НАТО. Малме се наоѓа во теснецот Ересунд, спроти данската престолнина Копенхаген.
Францускиот воен портпарол Гијом Верне изјави дека дронот бил забележан во среда и додаде дека дронот бил оддалечен повеќе од 10 километри од Шарл де Гол.
„Системот ја покажа својата отпорност и инцидентот на никаков начин не влијаел на активностите на борбената група на носачот на авиони“, рече Верне.
Шведскиот министер за одбрана Пол Џонсон синоќа изјави за јавниот радиодифузен сервис СВТ дека дронот веројатно припаѓа на Русија.
фото/Depositphotos
Регион
Поранешниот грчки министер Варуфакис обвинет откако во подкаст призна дека пробал екстази во 1989 година
Поранешниот грчки министер Јанис Варуфакис, самопрогласен „недоследен“ марксист, е обвинет за поттикнување злоупотреба на дрога откако јавно призна дека земал апче екстази пред речиси четири децении, соопшти неговата партија.
Професорот по економија, кој ги налути колегите од еврозоната со тоа што постојано ги отфрлаше условите од пакетот за спасување во замена за реформи за време на должничката криза на земјата во 2015 година, рече дека еднаш пробал екстази, или MDMA, во Австралија во 1989 година.
„Беше одлично искуство, до неколку дена подоцна“, рече тој во подкастот „3026: Човечки алгоритам“, додавајќи дека можел да танцува со часови, но потоа страдал од мигрена. Тој, исто така, кажа дека во минатото користел марихуана.
Варуфакис, сега секретар на малата левичарска партија Мера25, треба да се појави на суд во декември. „Ројтерс“ не можеше веднаш да го контактира 64-годишникот за коментар. Неговата партија издаде соопштение во кое ја обвинува конзервативната влада на Грција дека се обидува да го замолчи на суд.
„Идејата да се суди лидерот на политичка партија затоа што зборувал за своите искуства со дрога пред неколку децении не е ниту случајна, ниту невина грешка. Нема да молчиме. Ниту за провокативната манипулација на судството, ниту за огромниот проблем со зависноста“, соопшти партијата Мера25.
фото/Depositphotos

