Свет
Забраната за јавни собири е дискриминаторска
Владата остава простор да ги манипулира граѓаните, да ги прекршува нивните права и да ги дискриминира, вели Мирјана Најчевска, претседателка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, за измените во Законот за јавни собири
Сунчица Стојановска
Владата остава простор да ги манипулира граѓаните, да ги прекршува нивните права и да ги дискриминира, вели Мирјана Најчевска, претседателка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, за измените во Законот за јавни собири, со кои пратеници од власта предлагаат да се ограничат местата каде што граѓаните во иднина ќе протестираат.
– Владата може да ги дозволи собирите што и одговараат и да ги забрани собирите или протестите што не и одговараат. Одредбите во предлогот се непрецизни. Власта може произволно да решава кој собир е дозволен, а кој забранет и да ги дискриминира граѓаните при примената на законот – вели Најчевска.
Според неа, обврска на државата е да најде алтернативни патишта доколку некои се блокирани, наместо да ги ограничува граѓаните каде да изразуваат незадоволство.
Народниот правобранител Иџет Мемети допрва ќе разгледува дали со ваков закон власта ги загрозува правата на граѓаните. Тој уште не го разгледал предлог-законот за јавни собири.
Пратениците од владејачкото мнозинство ќе го поддржат предлогот.
– Ова е најдобриот можен закон за овој момент, ако не сакаме анархија и дестабилизација. Блокадите ми пречат и мене и на другите граѓани. Ако некои сили во Македонија се за анархија, не знам колку ја сакаат сопствената држава – изјави Хусеин Хусеинџевад, пратеник од ДУИ.
ВМРО-ДПМНЕ најави иницијатива пред Уставниот суд ако Собранието го донесе овој закон вака како што го предложи Владата.
– Власта предлага да се протестира на места без значење. Со тоа ги омаловажува граѓаните, кои ќе треба да се собираат во ливади и на паркинзи – изјави Илија Србиновски од ВМРО-ДПМНЕ.
Доколку пратениците го изгласаат предлогот за јавни собири, граѓаните нема да смеат да протестираат пред Владата, пред Собранието, на магистралните патишта и на важни сообраќајници, во близина на училишта, болници, градинки и на други места што би можеле да ги попречат слободното движење и работа на граѓаните.
Според Уставот, граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходна најава и без посебна дозвола.
Зошто Станковска го повлече својот потпис?
Славица Станковска, пратеничка на СДСМ, го повлече потписот од предлог-законот на кој се потпишани уште четворица пратеници од владејачкото мнозинство. Таа изјави дека не се потпишала на ваков предлог бидејќи била во странство.
Иван Анастасовски од СДСМ вели дека ќе гласа „за“, иако има дилема по постапката на Станковска.
– Јас и летово гласав за овој предлог, ќе гласам и сега. Од друга страна, останува сомнежот зошто еден од предлагачите го повлече својот потпис. Овој закон е потребен, но треба јасно да се дефинираат правилата каде и како ќе се протестира – вели Анастасовски.
Роза Топузовска – Каревска од ЛДП изјави дека не верува оти некој друг се потпишал наместо Станковска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Фински политичар до малите држави: Приклучете се кон ЕУ, тоа ви носи заштита
Во рамки на дискусијата за глобалната трговија и иднината на државите во новиот светски поредок, финскиот политичар Александар Стуб даде јасен совет за обезбедување стабилност. Според него, најдобриот рецепт за помалите држави е членство во Европската унија, додека директорката на Светската трговска организација (СТО), Нгози Окоњо-Ивеала, истакна дека и покрај критиките, постоечкиот систем покажува отпорност.
На прашањето како другите земји би требало да постапат за да си ја обезбедат иднината, Стуб полушеговито одговорил: „Приклучете се кон Европската унија – тоа ви носи заштита“, изјавил тој.
Како што посочил дека важноста на ваквите сојузи станала уште поочигледна по заканите на поранешниот американски претседател Доналд Трамп за Гренланд.
Стуб објасни дека царини не може да се воведат само за некои членки, бидејќи „тогаш царина од 25% би важела за целата Европска унија“. На малите и средни сили кои не се членки на ЕУ им препорача активно да се вклучат и да ги поддржат мултилатералните трговски организации, за да обезбедат одредено ниво на заштита.
Претходно, на иста тема се осврна и директорката на СТО, Нгози Окоњо-Ивеала, која изјави дека иако не се согласува со едностраните потези на САД, се согласува со многу од нивните критики кон трговскиот систем.
„Системот не се развиваше, не се менуваше брзо и не реагираше соодветно на светските промени. Некои од критиките дека не функционира добро се основани“, призна таа.
Сепак, таа нагласи дека:
„И покрај огромните пореметувања и најголемото поткопување на глобалните трговски правила во последните 80 години, системот покажува отпорност.“
Свет
Макрон: Расте непријателството кон Евреите, сите мораме да се мобилизираме
Францускиот претседател, Емануел Макрон, повика на зајакнати напори во борбата против антисемитизмот во Франција, откако нови владини податоци покажале дека непријателството кон Евреите останува на високо ниво, и покрај падот на регистрираните инциденти во 2025 година.
Франција, која има најголема еврејска заедница во Европа, минатата година евидентирала 1320 антисемитски дела, што претставува 53 отсто од сите инциденти поврзани со религија, според извештајот на Министерството за внатрешни работи објавен денеска.
Иако бројот на инциденти се намалил за 16 проценти во однос на претходната година, Министерството соопшти дека тие остануваат на „историски високо ниво трета година по ред“. Зголемувањето е забележано особено по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година и последователниот конфликт во Газа.
„Училиштата, правосудниот систем, избраните претставници – сите мора да се мобилизираат“, порача Макрон на церемонија по повод 20 години од смртта на Илан Халими, 23-годишен Евреин кој беше киднапиран и држен во заложништво 24 дена, пред да биде убиен. Водачот на бандата беше осуден на доживотен затвор во 2009 година.
Макрон го осуди, како што го нарече, „отровот на омразата на интернет“, и побара од Европската комисија да ги повика големите онлајн платформи на одговорност.
Свет
Мерц: Русија сè уште не е подготвена за сериозни мировни преговори
Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, изјави дека Русија сè уште не е подготвена за сериозни преговори за мир во Украина, иако западните сојузници се подготвени за дијалог кога ќе има смисла.
Говорејќи за време на Минхенската безбедносна конференција, Мерц го почна излагањето со критика на унгарскиот премиер Виктор Орбан, раскажувајќи за „еден премиер од ЕУ“ кој заминал во Москва без мандат и „не постигнал ништо“. Според него, една недела по таа посета, Украина претрпела некои од најжестоките напади врз цивилната инфраструктура.
„Ако разговорите имаат смисла, ние сме подготвени. Но, како што гледаме и од американска страна – Русија сè уште не е подготвена сериозно да разговара“, рече Мерц.
Тој додаде дека војната ќе заврши дури кога Русија ќе биде барем економски, а можеби и воено, исцрпена:
„Се приближуваме до тој момент, но сè уште не сме таму. Русија мора да се откаже од овој ужасен напад врз Украина, а ние мора да направиме сè што е потребно за да ги доведеме до точка кога повеќе нема да гледаат корист од продолжување на оваа војна“, истакна германскиот канцелар.

