Свет
Инвалидска пензија не земаат само инвалидите
Од лажните инвалиди со вистински врски кај лекарите, и од "актерите" што социјалниот спас си го гледаат во инвалидската пензија и се прават неспособни за работа, вистинските трудови инвалиди не може да дојдат на ред за пензија.
МАНИПУЛАЦИИ
Од лажните инвалиди со вистински врски кај лекарите, и од "актерите" што социјалниот спас си го гледаат во инвалидската пензија и се прават неспособни за работа, вистинските трудови инвалиди не може да дојдат на ред за пензија.
Тоа е впечатокот што ќе се добие ако се погледнат и споредат списоците со 55.000 луѓе што земаат инвалидска пензија и луѓето што додека работеле во рудник или на фабричка машина останале без рака или без нога, а денес мака мачат да дојдат до каков било месечен паричен надоместок.
Дека ситуацијата во социјалата е таква, апсурдна и неправедна, потврдува и надлежниот министер Стевчо Јакимовски. Тој вели дека низ дупките на законите или на свеста на лекарските комисии, сеедно, досега се протнале многу здрави луѓе, способни за работа, кои сега го цедат пензискиот фонд и оневозможуваат вистинските трудови инвалиди да го добијат тоа што им следува. Јакимовски вели дека искуството го научило оти инвалидите на кои навистина им треба помош не се многу упорни и агресивни пред институциите, за разлика од манипулантите, кои тврдат дека се инвалиди, а имаат сила везден да висат по шалтери или со месеци штрајкуваат.
Како најдобар пример за тоа ја посочува лидерката на штрајкот на кумановските трудови инвалиди Вера Јовановска. Според Јакимовски, само 13 од 87 штрајкувачи што со полиција без избркани од Подрачната единица на Министерството имаа законска основа да бараат пензија.
– Јовановска не е една од нив. Таа жена воопшто не е трудов инвалид, туку е потенцијален трудов инвалид. Во стариот закон имаше три вида инвалидитет: со изгубена работна способност, со преостаната работна способност и со претпоставена опасност за губење на способноста. Ова последното, на кое се повикува Јовановска, е избришано од новиот закон затоа што се злоупотребуваше. Ако тргнеме по таа основа и јас сум потенцијален инвалид, зашто од работата постојано ме боли грбот, а и уште половина милион луѓе во земјава. Дури и според стариот закон, не се добиваше пензија за тоа, туку само за целосно изгубена работна способност. Штрајкувањата со глад и онесвестувањата пред Влада се театар со кој се сака да се привлече вниманието на јавноста и да се изврши притисок врз институциите – вели Јакимовски.
Кумановката Вера Јовановска е навистина интересен социјален феномен. Досега учествувала на половина дузина штрајкови, повеќето од нив со глад. Првпат во фабриката "ЧИК" во 1994 година – 19 дена, следната година во поранешниот зграда на Комитетот – 41 ден, по што била однесена во болница, каде што била 16 дена. Во 1997 година шест месеци непрекинато штрајкувала во Подрачната единица на Министерството, а во 1998 година штрајкот пред Владата во Скопје го прекинала зашто почнала предизборната кампања. Се вратила во Скопје, овој пат во Министерството за труд, кога конечно успеала да издејствува надоместок од 3.000 денари месечно. Според Јакимовски, надоместокот требало да го добива три години, а го добивала шест. Тој контактирал и со поранешни министри и сите му рекле оти си имале работа со нејзините писма, жалби, поплаки, штрајкови…
Педесет и петгодишната Јовановска ни изјави дека полициската интервенција нема да ја обесхрабри, таа продолжува со својата борба. Меѓу два штрајка се одмора во својот дом и најавува дека ќе ја истера својата правда со другите штрајкувачи. Живее со двајца синови од административната пензија на својот сопруг и со 450 денари додатокот за телесно оштетување. Таа вели дека боледува од ангина пекторис, заболени и се бубрезите, има висок крвен притисок и анемија, а пред 15 години и била извршена хистеротомија на репродуктивните органи.
– Уште еднаш му испративме писмо на премиерот Бучковски, во кое ги истакнавме нашите барања. Тие се за исплата на заостанатите пари од Министерството за труд укинати во 2003 година до денес, како и обезбедување пари за достоен живот до нашето пензионирање – вели Вера.
Таа додава дека ако Владата го одбие првото барање, ќе бараат да им се вратат сите пари што тие ги уплатиле во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, со што свесно се откажуваат од пензионирање.
(Екипа на "Дневник")
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски: Путин не е млад човек, нема многу време
Украинскиот претседател Володимир Зеленски верува дека само САД имаат моќ да ја принудат Русија да склучи мир.
„Да бидеме искрени, денес само Европа ѝ дава пари на Украина и ѝ помага. Само САД можат да го сопрат Путин“, изјави тој за POLITICO.
Сепак, Зеленски изрази загриженост дека Белата куќа можеби не ја разбира суштината на проблемот.
„Од она што го гледам, тие испраќаат повеќе сигнали дека Украина треба да направи компромис, а не Русија“, рече тој.
„Не мислам дека тоа е правилниот став. Секако, така е поедноставно“, додаде тој.
Осврнувајќи се на возраста на Владимир Путин, Зеленски забележа дека рускиот претседател, кој сега има 73 години, повеќе не е млад човек. „Тој нема многу време“, додаде украинскиот претседател. „Дај Боже да нема многу“, заклучи тој.
Свет
Украински министер: Не е реално војната да се заврши без Трамп
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, извести за напредокот на преговорите со Русија за прекин на инвазијата, истакнувајќи дека три од 20-те точки од мировниот план остануваат контроверзни. Тој потврди дека претходните две рунди разговори се одржаа во Абу Даби, а следната ќе се одржи следната недела во Женева.
Сибиха оцени дека преговорите „напредуваат“, пофалувајќи го лидерството на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој експлицитно изјави дека „нереално е да се заврши оваа војна без Трамп“. И покрај ова, тој предупреди дека Русија не покажува „никакви знаци на подготвеност за сериозни преговори“.
„Паралелно, мора да продолжиме да вршиме притисок врз Русија и, мора да признаеме, сè уште имаме инструменти на влијание“, рече Сибиха.
Украинскиот министер откри дека сè уште има несогласување за три точки во мировниот план, кој содржи 20 точки. „Имаме изводливи предлози, па затоа во следната рунда навистина се надеваме дека нема да слушаме дополнителни историски предавања. Сега е време за акција, за дела и за конкретни, решителни чекори“, нагласи тој.
На неговите зборови се надоврза и францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, кој рече дека војната мора да заврши.
„Јасно е дека треба да ја запреме оваа војна, а со нашите сојузници и пријатели сè уште имаме механизми за да го постигнеме тоа“, рече тој.
Тој откри дека Франција и Обединетото Кралство „отишле многу далеку“ за да ги блокираат бродовите на руската „флота во сенка“, додека „користеле воени средства“.
Баро, исто така, ја нагласи важноста на претстојниот, 20-ти пакет санкции на Европската Унија, кој се очекува да биде усвоен на 24 февруари, на четвртата годишнина од почетокот на тоталната агресија. Тој, исто така, ја спомена улогата на таканаречената Коалиција на волјата во обезбедувањето идни безбедносни гаранции за Украина.
фото/Depositphotos
Свет
Руте: Новата арктичка мисија на НАТО е многу значајна
Отфрлајќи ги критиките дека новата арктичка мисија на НАТО е само ребрендирање на постојните активности, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, рече дека тоа е „многу значајна“ иницијатива.
НАТО предложи нова операција „Арктички стражар“ завчера, која би ги консолидирала заедничките вежби во областа под команда на алијансата.
Сепак, дипломатите и експертите веруваат дека ова е главно комуникациски потег насочен кон смирување на Доналд Трамп, како и одговор на заканата што ја оценуваат како во голема мера претерана.
Руте објасни дека мисијата ќе има „чекор-по-чекор пристап“ и ќе започне со обединување на „постојните вежби и активности“ на алијансата во регионот под една команда за да се утврди „што друго ни треба“.
Врховниот командант на сојузничките сили за трансформација, адмирал Пјер Вандиер, исто така ќе биде замолен да испита како „најновите иновативни технологии“ можат да се користат на Арктикот.
фото/Depositphotos

