Свет
Даночна шепа врз несовесните парајлии
Никој во државава нема точна пресметка колку тежи даночната евазија. Сите се свесни и признаваат дека ја има, но не можат барем приближно да го изразат низ бројки овој голем грабеж
Даночните власти ги повикуваат граѓаните да ги намират своите обврски спрема државата
Никој во државава нема точна пресметка колку тежи даночната евазија. Сите се свесни и признаваат дека ја има, но не можат барем приближно да го изразат низ бројки овој голем грабеж. И додека од Министерството за финансии досега не сме слушнале податок колку изнесува вкупното даночно затајување, експертите, сепак, излегуваат со некакви математики од кои произлегува дека од 100 можни денари, државата во вид на даноци прибира речиси двојно помалку.
НИНА НИНЕСКА-ФИДАНОСКА
Професорот Живко Атанасовски вели дека, според неговите пресметки, даночната евазија во земјава тежи околу 40-45 проценти. Тоа значи дека овие пари државата може да ги собере од даночните обврзници, но реално не знае или не сака да ги наплати во националниот Буџет. "Секоја година кога се проектира Буџетот, само рутински се гледа како да се пополни до одредено ниво на приходи, без да се направат процени за тоа колку даноци навистина стојат на располагање и како да се наплатат", вели овој даночен експерт.
Кај сите видови даноци има сериозни прикривања. "Кај персоналниот данок на доход тоа се прави преку платите на вработените. Во огромен број компании се пријавува далеку помал износ на плата кој се оданочува, а остатокот им се дава на вработените тајно, кеш, за да се избегнат даночните обврски. Јавна тајна е дека во некои познати фирми и угледни професии како што се адвокатурата, новинарството, издаваштвото, градежништвото се пријавени минимални плати, а вработените примаат на рака многу поголеми износи, се разбира, неоданочени. Во Управата за јавни приходи знаат дека ако се откријат овие извори на затајување, станува збор за големи пари. Многу поголеми од сегашните даночни пирамиди. Но, засега никој во тоа не чепка, бидејќи е потребна специфична доказна постапка. Финансиската полиција вели дека може и на дело да ја фати поделбата на кеш пари во фирмите, бидејќи точно се знае кога се подигаат парите и зошто, но немаат право на самоиницијативност. Финансиските инспектори и полицајци прво мора да јават на повисоко ниво каде сакаат да интервенираат, па потоа, ако им се одобри, да спроведат некаква акција.
Кај данокот на добивка, пак, неограничени се можностите за негово затајување. Сега во поново време, особено поради многу дилетантски чекори на властите, тоа на големо се прави и кај данокот на додадена вредност", нагласува Атанасовски.
Сепак, според последните чекори, државата изгледа дека цврсто решила да ги наплати даноците од сите што инкасираа приходи по разни основи, а избегнуваа да им се оддолжат на даночните власти. "Даночната рака" сериозно ќе ги зафати "парајлиите" што земаат прилично дебели пликови, членувајќи во управни или надзорни одбори, остваруваат хонорари од разни институции, авторски права, кирии, капитални добивки на Берзата и слични приливи на средства. Данокот што за овие екстра-приходи треба да се плати веќе нема да може да се избегнува. Ова особено ќе важи за членството во бордовите на Јавното претпријатие за аеродромски услуги, Македонската радио и телевизија, Јавното станбено претпријатие и слични установи.
Управата за јавни приходи информира дека сите даночни обврзници кои лани, покрај редовните приходи од плата, оствариле и дополнителен прилив, како што е на пример членување во Управен или Надзорен одбор, имаат законска обврска најдоцна до 15 март годинава, до УЈП да поднесат годишна даночна пријава за 2005 година.
Колку персоналец ќе платат, ќе зависи од тоа колку тежат нивните дополнителни заработувачки. Па така, ако приходите на месечно ниво биле до 30 илјади денари, стапката на данок ќе изнесува 15 отсто. За "побогатите", пак, со месечни приливи до 60 илјади денари, даночната стапка за приливот од 30 до 60 илјади е 18 отсто. И конечно, оние што од вакви екстра-ангажмани месечно успеваат да се "нафатираат" со приходи дури и повисоки од 1.000 евра, за делот над 60 илјади денари ќе плаќаат данок од 24 отсто.
Всушност, стапката на персоналец е иста како и за платите на вработените, со таа разлика што тогаш данокот го плаќа работодавецот, а во овој случај тоа го прави самиот граѓанин, кој остварува вакви дополнителни приливи.
УЈП неодамна, преку медиумите, достави јавна покана до обврзниците да поднесат годишна даночна пријава најдоцна до 15 март.
Притоа, даночните власти децидно потенцираат дека даночни пријави не се должни да доставуваат единствено оние граѓани што остваруваат приходи само од плата или пензија, од земјоделска дејност според катастарските приходи, како и приходи од самостојна дејност.
Сите други кои, покрај редовните плати во фирмите, добро заработуваат и "од други извори", како што се членувања во управни и надзорни одбори, до 15 март ќе мора да поднесат годишни даночни пријави, врз основа на кои ќе плаќаат персонален данок.
Истото ќе важи и за примањата на функционерите, пратениците, советниците и другите носители на јавни функции доколку, покрај тие функции, работат и како доктори, адвокати, професори или други професии. Ќе мора да се пријават и надоместоците за работа на судии-поротници, потоа на вешти лица и стечајни управници, кои не се вработени во соодветните институции или друштва, надоместокот на членовите на Македонската академија на науките и уметностите, како и секој поединечно остварен приход врз основа на договор за дело. Идентично е и за оние што имаат приходи од авторски права и права од индустриска сопственост, приходи од имот и имотни права, приходи од капитал, како што се дивиденди, и приходи од капитални добивки.
"Доколку не ја исполнат оваа своја обврска, УЈП до сите обврзници за кои има податоци ќе поведе прекршочна постапка", вели Магдалена Чижбановска, шеф на Кабинет на директорката на УЈП, Петра Митева. Согласно со законот ќе им следуваат парични казни од 40 до 50 илјади денари.
Инаку, приходите од камати на штедните влогови што граѓаните ги имаат во банките не се оданочуваат, што ќе важи до 2008 година.
Покрај овие даноци, граѓаните се должни да плаќаат и данок на имот, но отсега ќе го наплаќаат општините и Градот Скопје. Овој данок се плаќа годишно и изнесува 0,2 отсто од вредноста на имотот. Оние граѓани што до крајот на минатата година веќе го пријавиле својот имот и немаат никакви промени во имотната состојба, сега единствено треба да го чекаат решението од градоначалниците за данок на имот, што ќе им пристигне на 31 март или малку подоцна, по што во рок од 15 дена ќе треба да го платат наведениот износ на данок, преку банка или пошта. "Оние, пак, што во меѓувреме купиле нов стан или куќа, ќе мора до општинската администрација да достават нова даночна пријава, со наведената промена, врз основа на што ќе го добијат решението за овој данок", вели Гордана Чолакова, раководител од секторот за финансирање на Град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Фински политичар предупредува на опасна стратегија на НАТО пактот
Масовното вооружување на Украина од страна на земјите-членки на пактот на НАТО нема да доведе до крај на конфликтот со Руската Федерација, изјави финскиот политичар Армандо Мема во објава на социјалната мрежа Икс.
Мема изјави дека планот за претворање на Украина во „највооружена земја“ продолжува, со проценка дека во такви околности мир нема да се постигне во догледна иднина. Според него, Северноатлантската алијанса ја продолжува иницијативата за ограничување на Русија, додека, како што тврди, ја трансформира поранешната советска република во силна воена сила.
Тој заклучи дека за да се промени таквиот курс, притисокот на Соединетите Американски Држави врз европските сојузници е неопходен, со цел, како што верува, да се преиспита стратегијата за понатамошно воено зајакнување на Киев.
Во меѓувреме, британскиот министер за одбрана Џон Хили изјави во четвртокот дека земјите од контакт групата за Украина, во рамките на таканаречениот формат Рамштајн, постигнале договор за дополнителна финансиска поддршка на Киев.
Според него, сојузниците се согласиле да издвојат уште 35 милијарди долари за Украина, со што ќе продолжат со политиката на снабдување и финансирање на украинските одбранбени капацитети во услови на продолжен конфликт.
Свет
„Политико“: Западните земји сè повеќе веруваат дека светот се движи кон глобална војна
Западните земји сè повеќе веруваат дека светот се движи кон глобална војна, според анкетата на „Политико“, во која се детално опишани растечката загриженост на јавноста за ризиците и трошоците од новата ера на конфликти.
Во сите пет анкетирани земји – САД, Канада, Велика Британија, Франција и Германија – огромното мнозинство испитаници веруваат дека светот станува сè поопасен. Американските, канадските, француските и британските испитаници веруваат дека избувнувањето на Третата светска војна во следните пет години е се поверојатно.
Уделот на гласачите кои предвидуваат нов глобален конфликт нагло се зголеми откако независните анкетари „Паблик Фирст“ го поставија прашањето во март 2025 година. „Променливите ставови на западната јавност за помалку од една година одразуваат драматичен пресврт кон понесигурен свет, каде што војната се смета за веројатна, а сојузите нестабилни“, рече Себ Рајд, раководител на анкетите во „Паблик Фирст“.
Но, анкетата на „Политико“, исто така, откри ограничена подготвеност кај западната јавност да направи жртви за да плати за повисоки воени трошоци. Иако во принцип постои широка поддршка за зголемување на буџетите за одбрана во Велика Британија, Франција, Германија и Канада, таа поддршка нагло опадна кога луѓето дознаа дека тоа може да значи преземање поголем национален долг, намалување на други услуги или зголемување на даноците.
„Нашите анкети покажуваат дека растечката загриженост за војната не им дава дозвола на лидерите да трошат многу за одбрана“, рече Рајд. „Ако ништо друго, гласачите сега се помалку подготвени да направат компромиси потребни за подобрување на воената безбедност. Така, европските лидери се оставени во нестабилна ситуација – не можат да се потпрат на САД, не можат да го користат тоа како причина за инвестирање во земјата и се под поголем притисок итно да го решат ова за свет каде што конфликтот изгледа поблизок отколку порано.“
Наодите, врз основа на анкети на повеќе од 2.000 гласачи во секоја земја помеѓу 6 и 9 февруари, го откриваат предизвикот со кој се соочуваат лидерите на НАТО додека се обидуваат да ја зајакнат безбедноста во време кога јавните финансии се затегнати, пишува „Политико“.
Таа борба ќе ги обликува дискусиите меѓу политичарите од целиот свет додека патуваат во Германија за годишната Минхенска безбедносна конференција, која започнува во петок.
Без знаци за непосреден крај на четиригодишната тотална војна на Русија против Украина и без воена акција на САД во Иран, Сирија, Венецуела и Африка под водство на претседателот Доналд Трамп, многу гласачи гледаат растечки ризик од глобален конфликт.
Овој модел е особено очигледен во Обединетото Кралство, каде што 43 проценти веруваат дека нова светска војна е „веројатна“ или „многу веројатна“ да избувне до 2031 година – во споредба со 30 проценти во март 2025 година. Речиси половина од Американците – 46 проценти – веруваат дека нова светска војна е „веројатна“ или „многу веројатна“ до 2031 година – во споредба со 38 проценти минатата година. Меѓу петте земји, само луѓето во Германија мислат дека трета глобална војна е малку веројатна во следните пет години.
Русија се смета за најголема закана за мирот во Европа, додека Канаѓаните ја гледаат Америка на Трамп како најголема безбедносна закана. Во Франција, Германија и Велика Британија, како втора најголема закана се сметаат САД, кои испитаниците ги наведуваат многу почесто отколку Кина.
Мнозинството гласачи во Франција, Германија, Велика Британија и Канада рекоа дека нивната земја треба да троши повеќе за одбрана, а овој став е најсилен во Велика Британија и Канада.
Свет
Ново пукање на американските кампуси: Две лица убиени во Јужна Каролина
Две лица беа убиени, а едно беше рането во пукање во студентскиот дом на Државниот универзитет во Јужна Каролина доцна вчера, што доведе до итно блокирање на кампусот. Инцидентот, според соопштението објавено на Фејсбук страницата на универзитетот, се случил околу 21:15 часот по локално време во студентскиот дом „Хуџин Свитс“, објави Ројтерс.
Достапни се малку официјални информации за околностите на нападот и не е познато дали напаѓачот е сè уште на слобода.
„Универзитетските претставници сè уште не го потврдија идентитетот на жртвите или состојбата на повреденото лице“, се вели во соопштението.
Лице кое се јавило на телефон во канцеларијата за јавна безбедност на универзитетот во четврток вечерта изјавило дека немало овластување да дава никакви информации за инцидентот.

