Свет
"Тиквеш" обезбеди 2 милиона евра за да исплати пола од грозјето
Винарската визба од Кавадарци се задолжи кај комерцијалните банки за да им го исплати родот на лозарите
Винарската визба од Кавадарци се задолжи кај комерцијалните банки за да им го исплати родот на лозарите
Владата вчера демантираше дека обезбедила бескаматни средства за помош на „Тиквеш“
АЛЕКСАНДРИЈА СТЕВКОВСКА АНГЕЛ ДАНОВ
Винарската визба "Тиквеш" обезбеди средства од комерцијални извори за исплата на преземеното грозје од бербата 2005 година. "Тиквеш" не може да го прецизира точниот датум кога би започнала исплатата на грозјето, поради тоа што за такво нешто е неопходно отстранување на блокадите од винарската визба, како услов за нормалното функционирање на визбата.
"Исплатата на грозјето може да започне, меѓутоа иако средствата се обезбедени и исплатата може да почне веднаш, тоа ќе се случи само откако ќе им се овозможи пристап на вработените на ВВ "Тиквеш" до своите работни места. Отстранувањето на блокадата на "Тиквеш" е единствениот начин винарската визба да продолжи со работа и да започне исплатата на преземеното грозје. Дотогаш "Тиквеш" не може да го одреди точниот датум, кога ќе започне исплатата", велат во "Тиквеш".
Ваквиот одговор не ги задоволи лозарите, кои за денеска најавуваат реализација на протестите во Скопје. Според градоначалникот на Кавадарци, Панчо Минов, Владата треба да притисне или да ги преземе побарувањата од лозарите и таа да ги наплати парите од Јаневски.
Во врска со шпекулациите за обезбедени бескаматни средства од фондови на државата, ВВ "Тиквеш" информира дека не е добиено какво било официјално известување од Владата или од кој било државен орган за обезбедени бескаматни средства за исплата на грозјето. "Финансиската кондиција на ВВ "Тиквеш" е уште повеќе загрозена со откупот направен под притисок на преземените вишоци грозје што се далеку од вистинските потребни количини диктирани од пазарот. Со тоа, од една страна е непланирано зголемена вкупната сума за откуп на грозје, а од друга, создадена е потреба за врзување на повеќе милиони евра во залихи на вино", велат во "Тиквеш".
Оваа најголема домашна винарска визба обезбедила кредит од комерцијални банки во износ од два милиона евра што е доволно за исплата на 50 отсто од побарувањата на лозарите за откупеното грозје. Вака вчера премиерот Владо Бучковски го информирал градоначалникот на Кавадарци, Панчо Минов, на вчерашната средба. Средбата била реализирана во врска со решавањето на проблемот и барањата за исплатата на откупеното грозје од ВВ "Тиквеш".
"Владата на Република Македонија најенергично демантира дека од државен фонд е обезбеден кредит на ВВ "Тиквеш" за исплата на средствата за откупеното грозје. Написите во дел од печатот претставуваат груба дезинформација, која не оди во прилог на решавање на проблемот на лозарите", се вели во владиното соопштение. Оваа информација ја демантира и заменик-министерот за земјоделство, Санде Џамбазовски, кој истакна дека тој никогаш не изјавил дека Владата ќе му помогне на "Тиквеш" во исплата на средствата за преземеното грозје.
Владата ги поддржува напорите за почнување со исплата на средствата за откупеното грозје од ВВ "Тиквеш" и правно разрешување на спорот што го поведуваат лозарите и Локалната самоуправа против оваа винарска визба. Според согледувањата на Владата, потребно е во рамките на утврдената процедура да се ревидираат договорите на лозарите и "Тиквеш" со цел да се прецизира рокот на исплата на втората рата од средствата за откупеното грозје од оваа најголема визба во земјава.
Инаку, маките на лозарите го обединија Кавадарци. Сите фирми, политички партии, здруженија и граѓани им даваат помасовно поддршка на нивните сограѓани, кои една недела се пред капиите на винарската визба "Тиквеш". За денеска неколку стотици лозари најавија дека ќе протестираат пред куќата на Свето Јаневски. "Игнорирањето на лозарите продолжува и понатаму. Ова е нешто необјасниво. Ваквиот однос треба да се анализира, бидејќи се негира цел град", рече пред насобраните лозари градоначалникот Минов.
Лозарите масовно ги доставуваат фотокопиите од купопродажните договори и кантарните белешки за комплетирање на доказите за судскиот процес против Јаневски. Минов ќе побара и привремена мерка да се блокираат сите сметки на "Тиквеш" и на Свето Јаневски.
И вчера таксистите и автобусите го обиколија градот со вклучени сирени. Вработените на "Тиквеш" повторно не беа пуштени на работа.
Протестно писмо до Свето Јаневски упати Советот на ученици од Кавадарци, чија содржина расплака многу лозари. Паралелно со протестот и блокадата, неколку десетици лозари од ,,Агротиквешија" го блокираа патот Кавадарци – Прилеп кај Росоман.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Туск: Полска е лојален сојузник на САД, но никогаш нема да биде вазал
Полскиот премиер Доналд Туск денес изјави дека Полска е сигурен и лојален сојузник на САД, но дека никогаш нема да биде вазал, ниту на САД ниту на други земји.
„Советот за мир е многу иновативен, многу оригинален потфат, но не сите негови аспекти ѝ одговараат на Полска. И треба да можете да разговарате со вашиот најголем сојузник за тоа. Тие односи не можат да се темелат на тоа некој постојано да кимнува со главата и да се обидува да добие нешто со методот на ласкање. Бидејќи тоа не функционира“, рече Туск утрово пред да замине на неформалниот самит на Европската Унија.
Пристапувањето на Полска во Советот за мир на Трамп беше една од главните теми на Советот за национална безбедност на Полска вчера, каде што претседателот Карол Навроцки, кој е идеолошки близок до движењето MAGA, ја критикуваше владата за одбивање на поканата испратена од најважниот сојузник на Полска.
„Полска е верен, лојален, доверлив, предвидлив сојузник на САД и никој не треба да ме убедува во тоа. Тоа е надвор од дискусија. Секој што ги загрозува тие односи ги поткопува темелите на полската безбедност. Но, Полска во тој сојуз, барем додека сум премиер, нема да биде вазал. Лојален, доверлив, верен сојузник, но не и вазал“, рече денес Туск.
Премиерот додаде дека забележал оти понизноста кон САД не им користи на подлизурковците, а одбивањето на владата да ѝ дозволи на Полска да се приклучи на Мировниот совет, што е контроверзно за многу други земји, го нарече „претпазлив пристап“.
„Можеби околностите ќе се променат. Многу земји што се важни за нас имаат слични или други сомнежи, ние сме во добро друштво. Отворени сме за предлози, но тие мора да бидат безбедни за нашата земја и искрени“, рече Туск.
За време на шестчасовната седница, Националниот совет за безбедност ја разгледа новата европска програма за набавка на оружје и модернизација на воената индустрија – SAFE, каде што на Полска ѝ беа доделени дури 44 милијарди евра меки заеми.
Опозицијата и претседателот се вознемирени од фактот што програмата SAFE не предвидува купување американско оружје, додека премиерот Туск предупреди дека за време на владеењето на сега опозициската конзервативна партија „Право и правда“, која сега лобира за американско оружје, само една четвртина од расходите оделе во домашната полска воена индустрија, додека во владините проекти на Туск финансирани од програмата SAFE, 80 проценти од средствата ќе одат во полската воена индустрија и набавка на оружје.
Регион
„Не сум магионичар“: Кос за идејата сите земји од Западен Балкан да влезат во ЕУ одеднаш
„Живееме во геополитички чувствително време. Може да има мир во Украина и тоа ќе донесе нова реалност во Европа“, изјави европската комесарка за проширување Марта Кос.
Црна Гора би можела да ги заврши техничките преговори до крајот на годината, објави европската комесарка за проширување Марта Кос.
Таа го кажа ова во интервју за телевизијата Н1.
На прашањето што конкретно може да направи Европската Унија (ЕУ) за да му помогне на регионот, како и на изјавата на новинарката на Н1 дека парите и предупредувањата не се доволни, дека може да се види дека ЕУ ја губи информациската војна во регионот, особено во Србија, а делумно и во Босна, и дека дипломатскиот јазик не помага, Кос рече дека не прифаќа „критики дека не сме успешни во проширувањето“.
„Две од четирите водечки земји се од Западен Балкан. Црна Гора би можела да ги заврши техничките преговори до крајот на годината, а Албанија е следна. Ова е успех. Живееме во геополитички чувствително време. Може да има мир во Украина, а тоа ќе донесе нова реалност во Европа. Ако го забрзаме процесот, ќе ги разгледаме сите кандидати, но мора да има јасна посветеност. Не е доволно само да се хармонизира законодавството, треба да ја почувствувам и видам политичката волја. Процесот на пристапување не е само технички, туку зависи и од земјите-членки“, рече Кос.
На прашањето што мисли за идејата сите земји-кандидатки да влезат во ЕУ одеднаш, Кос рече: „Да можев, би сакала сите земји, особено од Западен Балкан, да влезат заедно“.
„Но, јас не сум магионичар. Ако има промени, внимателно ќе ја разгледаме секоја земја. Проширувањето мора да ја направи ЕУ посилна, а не послаба. Ова е цел што мора да ја постигнеме заедно“, рече Кос.
Свет
Фон дер Лајен го објави планот „Една Европа, еден пазар“
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес објави дека на следниот формален самит на Европската унија (ЕУ) во март, ќе го претстави акциониот план „Една Европа, еден пазар“, со детални рокови и цели за зајакнување и обединување на европската економија, додека во исто време оцени дека Европскиот систем за трговија со емисии (ETS) има јасни предности и механизми за контрола на цената на јаглеродот.
Според Јуроњуз, Фон дер Лајен на прес-конференцијата по самитот на лидерите на ЕУ изјави дека акциониот план содржи пет клучни области – административно поедноставување, единствен пазар, енергија, дигитализација и трговија.
Во март, комисијата ќе претстави детален план за понатамошен развој на единствениот пазар од 450 милиони потрошувачи, вклучително и унија на пазарот на капитал што би овозможила попродуктивно користење на околу 10 трилиони евра заштеди што моментално се наоѓаат на банкарски сметки, објави Ројтерс.
Зборувајќи за ETS, претседателката на ЕК нагласи дека системот има елементи што овозможуваат модулација на цената на јаглеродот во случај на негов прекумерен раст или неповолни економски околности, преку таканаречената „резерва за стабилност на пазарот“.
Додаде дека ЕУ детално ќе ги разгледа овие елементи во рамките на планираниот преглед на ETS, кој е закажан за третиот квартал од оваа година, за системот да остане ефикасен и прилагодлив на актуелните економски и климатски предизвици.
Европските лидери се состанаа денес на неформален самит во белгиската покраина Лимбург, а фокусот на разговорот беше конкурентноста на европската економија, пренесува Танјуг. Еден ден претходно, на индустрискиот самит во Антверпен, претставниците на европската индустрија ги презентираа своите приоритети пред највисоките претставници на ЕУ, барајќи пониски цени на енергијата, намалување на регулаторните оптоварувања и посилна конкурентност во споредба со Кина и Соединетите Американски Држави.

