Свет
Командант Баци тепа, не прашува
Екскомандантот на ОНА Изаир Самиу – Баци, завчеравечер, наводно по грешка, во Тетовската болница го нападнал Жарко Гроздановски, медицински техничар, а директорот Шинаси Гафури, наместо да пријави во полиција, самиот ја смирувал работата
ИНЦИДЕНТ ВО БОЛНИЦАТА ВО ТЕТОВО
Екскомандантот на ОНА Изаир Самиу – Баци, завчеравечер, наводно по грешка, во Тетовската болница го нападнал Жарко Гроздановски, медицински техничар, а директорот Шинаси Гафури, наместо да пријави во полиција, самиот ја смирувал работата, за да не до
Изаир Самиу, алијас командант Баци, завчеравечер упаднал во затворениот дел во Медицинскиот центар во Тетово, во одделот за интензивна нега и без никаков коментар го нападнал Жарко Гроздановски, виш медицински техничар во Центарот. Гроздановски вчера случајот го пријавил во полиција, но во Скопје, бидејќи, како што вели, на тетовската полиција, каде се сконцентрирани "луѓе на командант Баци", не и верува.
Гроздановски раскажува дека настанот се случил околу 20 часот, кога Баци дошол да го посети таткото на неговата сопруга, кој лежел на интензивна нега. "Ме викна колегата да дојдам во делот за полесните случаи во шок-соба, кај што лежеше и тестот на Баци, бидејќи крвниот притисок му бил зголемен. Влегов таму, ја видов Ѓунер, сопруга на Баци и ќерка на пациентот. Се познавам со Ѓунер, таа е психолог во Болницата. Муабетевме околу десетина минути. Одеднаш влезе нејзиниот сопруг. Кој го пуштил како цивил на интензивна нега, не ми е познато. Го фрли бурекот што го носеше на соседниот кревет, тргна кон мене и без никаков збор ме удри со бокс во главата", вели Гроздановски.
"Скокнав да се пресметаме, па нека е и со командант Баци, зашто немаше никаква причина да ме нападне. Тогаш го фати сопругата, која беше изненадена и исплашена од тоа што се случи. Го молеше да не прави глупости", раскажува Гроздановски.
Баци ја напуштил просторијата, а сакал да си замине и нападнатиот и да ја напушти смената. "Знаев дека командант Баци не е сам и дека надвор сигурно му е придружбата без која никаде не оди. Ме спречија на вратата и ме повикаа да се качам кај директорот д-р Шинаси Гафури", вели Гроздановски.
Кога се качил кај директорот, таму бил Баци. "Пушеше цигара нервозно. Не ми се ни извини, но додека д-р Шинаси ја смируваше топката, Изаир Самиу коментираше:"Зошто се викаш Жарко? Прекрсти се!"
Во разговорот со директорот Гроздановски дознал дека напаѓачот, всушност, препознал во него некој си друг Жарко, со кого требало да се пресмета. "Директорот го убедуваше дека не сум јас тој Жарко од Брвеница што го барал Баци за тепачка".
Изаир Самиу, поранешниоткомандант на ОНА од селото Шемшово, на втори февруари годинава бил избришан од евиденцијата на затвореници во КПД "Идризово", каде што издржуваше двегодишна затворска казна. Тој пред две години го држеше под оружена опсада објектот на сегашниот Тетовски универзитет.
(С.К.Д.)
***
Изел ќотек и вистинскиот Жарко
Во врска со оваа "грешка" на командант Баци, неофицијално се поврзува еден друг инцидент, кој се случил исто така завчера, но пред зелениот пазар во Тетово. Според официјалните информации од СВР Тетово, на улицата Благоја Тоска, кај зелениот пазар, Жарко Стојановски (40) исто така жител на Брвеница, се наоѓал во кафеаната "Маригона" во придружба на извесен М. И. од Тетово. Извесен Р. Љ. (44) го повикал Жарко Стојановски, кој до пред извесно време бил директор на градскиот стадион во Тетово, за да појдат заедно во дирекцијата на ЈП за стопанисување со стадиони и други спортски објекти на Р.М. за да расчистат некаков спор. Стојановски го одбил тоа, велејќи дека повеќе нема овластувања како директор. Р. Љ. потоа го удрил Стојановски со раката во лицето, нарушувајќи го јавниот ред и мир. СВР Тетово го повикала Р. Љ. на разговор заради расчистување на случајот.
Командант Баци, инаку успеа да го преземе директорувањето врз градските стадиони во Тетово уште додека се наоѓаше на издржувањето на затворската казна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Макрон: Расте непријателството кон Евреите, сите мораме да се мобилизираме
Францускиот претседател, Емануел Макрон, повика на зајакнати напори во борбата против антисемитизмот во Франција, откако нови владини податоци покажале дека непријателството кон Евреите останува на високо ниво, и покрај падот на регистрираните инциденти во 2025 година.
Франција, која има најголема еврејска заедница во Европа, минатата година евидентирала 1320 антисемитски дела, што претставува 53 отсто од сите инциденти поврзани со религија, според извештајот на Министерството за внатрешни работи објавен денеска.
Иако бројот на инциденти се намалил за 16 проценти во однос на претходната година, Министерството соопшти дека тие остануваат на „историски високо ниво трета година по ред“. Зголемувањето е забележано особено по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година и последователниот конфликт во Газа.
„Училиштата, правосудниот систем, избраните претставници – сите мора да се мобилизираат“, порача Макрон на церемонија по повод 20 години од смртта на Илан Халими, 23-годишен Евреин кој беше киднапиран и држен во заложништво 24 дена, пред да биде убиен. Водачот на бандата беше осуден на доживотен затвор во 2009 година.
Макрон го осуди, како што го нарече, „отровот на омразата на интернет“, и побара од Европската комисија да ги повика големите онлајн платформи на одговорност.
Свет
Мерц: Русија сè уште не е подготвена за сериозни мировни преговори
Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, изјави дека Русија сè уште не е подготвена за сериозни преговори за мир во Украина, иако западните сојузници се подготвени за дијалог кога ќе има смисла.
Говорејќи за време на Минхенската безбедносна конференција, Мерц го почна излагањето со критика на унгарскиот премиер Виктор Орбан, раскажувајќи за „еден премиер од ЕУ“ кој заминал во Москва без мандат и „не постигнал ништо“. Според него, една недела по таа посета, Украина претрпела некои од најжестоките напади врз цивилната инфраструктура.
„Ако разговорите имаат смисла, ние сме подготвени. Но, како што гледаме и од американска страна – Русија сè уште не е подготвена сериозно да разговара“, рече Мерц.
Тој додаде дека војната ќе заврши дури кога Русија ќе биде барем економски, а можеби и воено, исцрпена:
„Се приближуваме до тој момент, но сè уште не сме таму. Русија мора да се откаже од овој ужасен напад врз Украина, а ние мора да направиме сè што е потребно за да ги доведеме до точка кога повеќе нема да гледаат корист од продолжување на оваа војна“, истакна германскиот канцелар.
Регион
На Мерц му е непријатно оти е закочено членството на Западен Балкан во ЕУ
Германскиот канцелар Мерц во Минхен зборуваше за иднината на проширувањето на Европската унија, откако расправата беше поттикната од прашање на претседателот на Црна Гора.
Тој призна дека чувствува „сè поголема непријатност“ поради тоа што Европската унија не успева да постигне значаен напредок во пристапните процеси со земјите од Западен Балкан и соседството.
„Мораме да осмислиме нова стратегија за да ги доближиме овие земји до ЕУ. Не сакам да ве изгубам“, порача Мерц.
Како главна пречка го наведе принципот на едногласност, со посебен акцент на постојаното блокирање од страна на Унгарија, која ја опиша како „слон во просторијата“. Тој изрази надеж дека ова може да се надмине.
„По изборите што ќе се одржат во април, се надеваме дека ќе можеме да ги отвориме следните поглавја и да ви се приближиме уште повеќе кон Европската унија“, заклучи тој.

