Свет
„Повардарје" бара ист третман како „Тиквеш"
Во Владата, пак, нагласуваат дека проблемите во „Тиквеш" и во „Повардарје" се од различен карактер, но се оптимисти дека за десетина дена исплатата на грозје ќе почне и во Неготино
Лозарите од Тиквешијата ќе си ги добијат парите за предаденото грозје
Во Владата, пак, нагласуваат дека проблемите во „Тиквеш" и во „Повардарје" се од различен карактер, но се оптимисти дека за десетина дена исплатата на грозје ќе почне и во Неготино
АЛЕКСАНДРИЈА СТЕВКОВСКА
Менаџерскиот тим на "Повардарје" и претставници на лозарите би можеле да се сретнат веќе неделава со заменик-министерот за земјоделство, Санде Џамбазовски, со цел да се најде решение за проблемите на неготинската винарска визба, соопшти вчера Владата. Повикот за средба, која ја барале неготинци, доаѓа по реакциите и забелешките дека државата му помогна на "Тиквеш" да го реши проблемот со лозарите, блокадите и исплатата на грозјето од минатогодишната реколта, некоректно постапувајќи спрема "Повардарје", за што обвинија неготинските лозари. Тие се револтирани од привилегиите кон тиквешките лозари кои ги обезбедува Владата, додека тие едвај се борат за гол опстанок, со оглед на тоа дека дел од нив две години немаат земено ниту денар за произведеното и предаденото грозје. Кон незадоволството на лозарите се приклучува и раководниот тим, кој имаше неколку средби со премиерот Владо Бучковски, барајќи обезбедување поволни кредитни средства заради исполнување на обврските спрема кооперантите. "Повардарје" досега не добило никаква помош или ветување за помош за излез од тешката ситуација.
Во Владата, пак, велат дека веќе десетина дена се обидуваат да им помогнат на новите сопственици на Винарската визба "Повардарје" од Неготино. "Тие, заедно со градоначалникот на Неготино, на 10 февруари имаа средба со премиерот Владо Бучковски, на која беа договорени предлог-мерки за санирање на финансиската состојба на компанијата, пред сў, во поглед на долговите спрема Управата за јавни приходи и Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија", соопштуваат од Владата.
Притоа, како што нагласуваат, проблемите во ВВ "Тиквеш" и ВВ "Повардарје" се од различен карактер.
Сепак, во Владата се оптимисти и очекуваат во следните десетина дена сопствениците на "Повардарје" од Неготино да почнат со исплата на грозјето од реколтата за 2005 година.
"Од преземените 13 милиони килограми грозје минатата година, досега имаме исплатено само 15 отсто поради тоа што ги исплаќавме заостанатите рати за исплата на грозјето од реколтата од 2004 година. Сепак, иако се наоѓаме во исклучително тешка положба и покрај нашите апели дека државата треба да ни помогне, досега ништо не е направено. Ситуација уште повеќе се влоши со помошта која Владата Ј ја даде на ‘Тиквеш’ преку гаранциите на тамошната локална самоуправа дека сето грозје ќе биде исплатено до 15 март. Кооперантите на ‘Повардарје на тој начин се најдоа во нерамноправна положба и ваквата владина одлука е некоректна спрема ‘Повардарје’", вели првиот човек на оваа винарска визба, Ѓорѓи Бебеџаков.
"Повардарје" бара да го има истиот третман како "Тиквеш", бидејќи поради големите долгови не може да обезбеди поволни кредити, објаснува Бебеџаков. Според него, "Повардарје" се воздржало од какви било уцени и агресивни барања за помош, но произлегува дека "Тиквеш" повторно го добил тоа што му било неопходно да ги реши финансиските проблеми, а "Повардарје" останало со куси ракави.
"Повардарје" им должи на лозарите над 2 милиона евра за минатогодишното грозје, а има и мал долг спрема росоманските производители на грозје од предминатата година. Работно тело составено од Здружението на производители на здрава храна "Ековита" и од винарската визба бараат итна средба со претставник на Владата заради решавање на проблемите со неисплатеното грозје.
Потребата од државна поддршка за лозарите ја нагласија и дел од пратениците, членови на собраниската Комисија за земјоделство. Дел од нивните предлози се однесуваат на директна финансиска помош преку исплата на предаденото грозје од реколтата од 2005 година и регрес за нафтата што се употребува во лозарството, но и механизми за дестилација на 20 милиони литри вино што се вишок и за кои не е обезбеден пласман.
Според претседателот на оваа комисија, Марјан Ѓорчев, цената на грозјето е иста од 1993 година, а трошоците за производство се драстично зголемени. "Во 1993 година ‘смедеревка’ чинеше седум, а ‘вранец’ се продаваше по 12 денари. Една вреќа вештачко ѓубре беше 250 денари, а литар нафта 9,5 денари. Даночните стапки за лозови калеми, ѓубре, заштитни препарати и други репроматеријали изнесуваа пет отсто. Денес, литар нафта чини 50 денари, вреќа ѓубре 800, ДДВ е 18 проценти, само цената на ‘смедеревката’ и на "’вранецот’ е иста", вели Ѓорчев.
Од производството на вино и грозје во земјава се обезбедува над 40 милиони евра годишен прилив. Партиципацијата на лозарството и винарството во Буџетот за 2005 година по основа на приходи од акцизи, ДДВ, фитосанитарни такси е над две милијарди денари, или над 30 милиони евра.
Во информацијата за економската и социјалната положба на производителите на грозје, која беше на дневен ред во Комисијата за земјоделство, се вели дека во Србија и Црна Гора подигањето нови лозови насади се поттикнува со од 230 до 2.300 евра по хектар зависно од сортата, во Бугарија со 750 евра, а Хрватска за оваа намена одвојува по 3.800 евра за единица површина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Туск: Полска е лојален сојузник на САД, но никогаш нема да биде вазал
Полскиот премиер Доналд Туск денес изјави дека Полска е сигурен и лојален сојузник на САД, но дека никогаш нема да биде вазал, ниту на САД ниту на други земји.
„Советот за мир е многу иновативен, многу оригинален потфат, но не сите негови аспекти ѝ одговараат на Полска. И треба да можете да разговарате со вашиот најголем сојузник за тоа. Тие односи не можат да се темелат на тоа некој постојано да кимнува со главата и да се обидува да добие нешто со методот на ласкање. Бидејќи тоа не функционира“, рече Туск утрово пред да замине на неформалниот самит на Европската Унија.
Пристапувањето на Полска во Советот за мир на Трамп беше една од главните теми на Советот за национална безбедност на Полска вчера, каде што претседателот Карол Навроцки, кој е идеолошки близок до движењето MAGA, ја критикуваше владата за одбивање на поканата испратена од најважниот сојузник на Полска.
„Полска е верен, лојален, доверлив, предвидлив сојузник на САД и никој не треба да ме убедува во тоа. Тоа е надвор од дискусија. Секој што ги загрозува тие односи ги поткопува темелите на полската безбедност. Но, Полска во тој сојуз, барем додека сум премиер, нема да биде вазал. Лојален, доверлив, верен сојузник, но не и вазал“, рече денес Туск.
Премиерот додаде дека забележал оти понизноста кон САД не им користи на подлизурковците, а одбивањето на владата да ѝ дозволи на Полска да се приклучи на Мировниот совет, што е контроверзно за многу други земји, го нарече „претпазлив пристап“.
„Можеби околностите ќе се променат. Многу земји што се важни за нас имаат слични или други сомнежи, ние сме во добро друштво. Отворени сме за предлози, но тие мора да бидат безбедни за нашата земја и искрени“, рече Туск.
За време на шестчасовната седница, Националниот совет за безбедност ја разгледа новата европска програма за набавка на оружје и модернизација на воената индустрија – SAFE, каде што на Полска ѝ беа доделени дури 44 милијарди евра меки заеми.
Опозицијата и претседателот се вознемирени од фактот што програмата SAFE не предвидува купување американско оружје, додека премиерот Туск предупреди дека за време на владеењето на сега опозициската конзервативна партија „Право и правда“, која сега лобира за американско оружје, само една четвртина од расходите оделе во домашната полска воена индустрија, додека во владините проекти на Туск финансирани од програмата SAFE, 80 проценти од средствата ќе одат во полската воена индустрија и набавка на оружје.
Регион
„Не сум магионичар“: Кос за идејата сите земји од Западен Балкан да влезат во ЕУ одеднаш
„Живееме во геополитички чувствително време. Може да има мир во Украина и тоа ќе донесе нова реалност во Европа“, изјави европската комесарка за проширување Марта Кос.
Црна Гора би можела да ги заврши техничките преговори до крајот на годината, објави европската комесарка за проширување Марта Кос.
Таа го кажа ова во интервју за телевизијата Н1.
На прашањето што конкретно може да направи Европската Унија (ЕУ) за да му помогне на регионот, како и на изјавата на новинарката на Н1 дека парите и предупредувањата не се доволни, дека може да се види дека ЕУ ја губи информациската војна во регионот, особено во Србија, а делумно и во Босна, и дека дипломатскиот јазик не помага, Кос рече дека не прифаќа „критики дека не сме успешни во проширувањето“.
„Две од четирите водечки земји се од Западен Балкан. Црна Гора би можела да ги заврши техничките преговори до крајот на годината, а Албанија е следна. Ова е успех. Живееме во геополитички чувствително време. Може да има мир во Украина, а тоа ќе донесе нова реалност во Европа. Ако го забрзаме процесот, ќе ги разгледаме сите кандидати, но мора да има јасна посветеност. Не е доволно само да се хармонизира законодавството, треба да ја почувствувам и видам политичката волја. Процесот на пристапување не е само технички, туку зависи и од земјите-членки“, рече Кос.
На прашањето што мисли за идејата сите земји-кандидатки да влезат во ЕУ одеднаш, Кос рече: „Да можев, би сакала сите земји, особено од Западен Балкан, да влезат заедно“.
„Но, јас не сум магионичар. Ако има промени, внимателно ќе ја разгледаме секоја земја. Проширувањето мора да ја направи ЕУ посилна, а не послаба. Ова е цел што мора да ја постигнеме заедно“, рече Кос.
Свет
Фон дер Лајен го објави планот „Една Европа, еден пазар“
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес објави дека на следниот формален самит на Европската унија (ЕУ) во март, ќе го претстави акциониот план „Една Европа, еден пазар“, со детални рокови и цели за зајакнување и обединување на европската економија, додека во исто време оцени дека Европскиот систем за трговија со емисии (ETS) има јасни предности и механизми за контрола на цената на јаглеродот.
Според Јуроњуз, Фон дер Лајен на прес-конференцијата по самитот на лидерите на ЕУ изјави дека акциониот план содржи пет клучни области – административно поедноставување, единствен пазар, енергија, дигитализација и трговија.
Во март, комисијата ќе претстави детален план за понатамошен развој на единствениот пазар од 450 милиони потрошувачи, вклучително и унија на пазарот на капитал што би овозможила попродуктивно користење на околу 10 трилиони евра заштеди што моментално се наоѓаат на банкарски сметки, објави Ројтерс.
Зборувајќи за ETS, претседателката на ЕК нагласи дека системот има елементи што овозможуваат модулација на цената на јаглеродот во случај на негов прекумерен раст или неповолни економски околности, преку таканаречената „резерва за стабилност на пазарот“.
Додаде дека ЕУ детално ќе ги разгледа овие елементи во рамките на планираниот преглед на ETS, кој е закажан за третиот квартал од оваа година, за системот да остане ефикасен и прилагодлив на актуелните економски и климатски предизвици.
Европските лидери се состанаа денес на неформален самит во белгиската покраина Лимбург, а фокусот на разговорот беше конкурентноста на европската економија, пренесува Танјуг. Еден ден претходно, на индустрискиот самит во Антверпен, претставниците на европската индустрија ги презентираа своите приоритети пред највисоките претставници на ЕУ, барајќи пониски цени на енергијата, намалување на регулаторните оптоварувања и посилна конкурентност во споредба со Кина и Соединетите Американски Држави.

