Свет
Поради перење пари, и затвор и конфискување имот
Доколку не докажат дека се збогатиле чесно, ќе им се одземе целиот имот стекнат во изминатите 5-6 години, фирмите, па дури и имотот на нивните блиски
Европската унија бара од Македонија посилно стегање на обрачот околу перачите на пари
Доколку не докажат дека се збогатиле чесно, ќе им се одземе целиот имот стекнат во изминатите 5-6 години, фирмите, па дури и имотот на нивните блиски
НИНА НИНЕСКА-ФИДАНОСКА
Криминалците што се богателе преку перење пари повеќе нема да можат да се извлечат само со тоа што ќе одлежат по неколку години затвор. Државата отсега ќе им го конфискува целиот имот што го заработиле, освен доколку не докажат дека во тоа успеале со чесна работа. Ваквото стегање на обрачот околу перачите на пари од Македонија го бара и Европската унија.
"Доколку нема ефективни мерки, криминалците и натаму ќе продолжат со своите незаконски активности. Затворските казни од неколку години можеби се дел од нивните планови. Затоа е неопходно да им се одземат имотите", вели Прзенислав Мусијалковски, проект-менаџер во Советот на Европа.
Досега во Македонија имотот им се конфискуваше само на крадците. За разлика од нив, софистицираните криминалци, кои затајуваат даноци или примаат поткуп, а потоа ги перат нелегално заработените пари, остануваа со "нечепнати" имоти. "Мерката на конфискација се применува во сосема исклучителни случаи. Па така, од 7.000 осудени лица, имате мерка на конфискација во 70-90 случаи и тоа исклучително резервирани за дела на кражба", вели Владо Камбовски, професор на Правниот факултет.
Токму затоа, овој експерт порачува дека во Македонија се нужни измени во процесното и во материјалното законодавство, како и во законите за банки, за Финансика полиција, за УЈП, за МВР, Дирекцијата за спречување на перењето пари и слично. ,,Но, треба да се опфати и аспектот на пресумпција на невиност и заштита на правото на сопственост, односно лицето што е невино осомничено треба да ги има сите можности да ги докажува легалните извори на неговиот имот". Тој инсистира да се создаде правна основа за т.н. проширена конфискација. "На сторителот му се одзема не само имотната корист од конкретното дело, за кое е обвинет, туку треба да се зафати и неговиот имот стекнат најчесто 5-6 години наназад. Проширената конфискација може да се однесува и на негови блиски лица или неговата фирма", вели Камбовски.
Досега во Македонија само на еден од осомничените за перење пари му биле замрзнати парите, од вкупно 15 сомнителни случаи. "Имавме замрзнување средства за случај за кој го побаравме тоа. Ние немаме право да замрзнеме средства, туку само да побараме од Јавното обвинителство да го стори тоа преку истражниот судија. И во тој еден случај е сторено тоа ", нагласува Владо Наумовски, прв човек на Дирекцијата за спречување на перењето пари. Сў уште не се знае како ќе завршат другите предмети.
Амбасадорот на ЕУ во Македонија, Ерван Фуере, укажа дека и во Македонија постојат искушенија за криминални активности, па затоа е важно да се воспостави систем што ќе ги открие и ќе конфискува нелегалните средства.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Дедото уапсен под сомнение за обљуба над малолетната внука во Белград
Полицијата на територијата на Белград го уапси Г. М. (57) бидејќи постоеле основи на сомнение дека сторил кривично дело обљуба над дете.
Жртвата е неговата четиринаесетгодишна внука, која ја дала изјавата во присуство на нејзината мајка, според медиумите во соседството.
Осомничениот е задржан од полицијата до 48 часа, во кој период ќе биде приведен на сослушување.
Според написите, се сомнева дека дедото наводно го сторил ова тешко кривично дело врз својата внука во неколку наврати.
Случајот го презеде Вишото јавно обвинителство во Белград, кое ќе спроведе понатамошна истрага. Бидејќи жртвата е малолетно лице, истражните органи ќе ги преземат сите мерки за заштита на интегритетот на детето, а изјавата ќе биде земена во присуство на експерти и психолози.
Кривичниот законик на Србија предвидува исклучително строги санкции за злоупотреба на деца. За најтешките форми на ова кривично дело, особено кога има роднинско сродство или злоупотреба на положбата, се заканува затворска казна од најмалку 10 години или доживотен затвор.
Сите надлежни служби, вклучително и Центарот за социјална работа, се вклучени во обезбедување поддршка и заштита на жртвата од самиот момент на пријава, според медиумите.
Регион
По девет години на чело на Бугарија, Румен Радев ја напушта претседателската функција
По девет години, бугарскиот претседател, Румен Радев ја напушта претседателската функција.
Уставниот суд денес во земјата ќе одржи расправа за случајот покренат во врска со неговата оставка, јавуваат бугарските медиуми.
Оставката на Радев беше поднесена до Уставниот суд во вторник, еден ден откако тој ја објави својата одлука да се повлече од функцијата и да се кандидира на претстојните предвремени парламентарни избори во специјално обраќање до бугарските граѓани.
Така завршува неговиот речиси децениски престој во „Дондуков“ 2 – прво како претседател во два последователни мандати, а потоа и како клучна фигура во низа политички кризи и привремени влади.
Според Уставот, во случај на предвремено прекинување на претседателскиот мандат, овластувањата на шефот на државата ги презема потпретседателот до истекот на мандатот . По одлуката на Уставниот суд, функцијата ќе ја извршува Илијана Јотова.
Се очекува таа да ја продолжи постапката за назначување на привремена влада, вклучително и спроведување на задолжителните консултации со потенцијалните кандидати за привремен премиер и одредување на датумот за предвремени парламентарни избори, пишува „њуз.бг“.
Според информациите од претседателската институција, Румен Радев официјално ќе ја напушти претседателската зграда денес во 16:00 часот. На свечениот влез ќе го испрати Илијана Јотова, која, по одлуката на Уставниот суд, ќе ги преземе функциите претседател на Република Бугарија.
Свет
Зеленски пред средбата со Русите: Прашањето за Донбас е клучно
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави дека клучното прашање за територијата во војната со Русија ќе биде дискутирано на трилатералните разговори во Абу Даби, Обединети Арапски Емирати.
Одговарајќи на новинарско прашање на комуникациската платформа WhatsApp, тој додаде дека во моментов го чека американскиот претседател Доналд Трамп, како и конкретен датум и место за потпишување на финализираниот договор за безбедносни гаранции на САД за Украина.
„Прашањето за Донбас е клучно“, рече украинскиот претседател, осврнувајќи се на украинскиот регион што ги вклучува областите Донецк и Луганск.
Русија објави дека ќе одржи безбедносни разговори со САД и Украина во Абу Даби, предупредувајќи по средбата на претседателот Владимир Путин доцна во ноќта со американските претставници дека траен мир нема да биде можен доколку не се решат територијалните прашања.
Советникот за надворешна политика на Кремљ, Јуриј Ушаков, им изјави на новинарите дека состанокот, кој започна синоќа, непосредно пред полноќ и траеше речиси четири часа, бил корисен и исклучително искрен.
Тој рече дека рускиот адмирал Игор Костјуков ќе ја предводи руската делегација на состанокот во Абу Даби и дека претставникот за економска соработка Кирил Дмитриев ќе одржи посебен состанок за економски прашања со Стив Виткоф, претставникот на претседателот Доналд Трамп. Сепак, на состанокот доцна синоќа беше постигнат мал напредок.
„Најважно е што за време на овој состанок меѓу нашиот претседател и Американците, повторно беше утврдено дека без решавање на територијалното прашање според формулата договорена во Анкориџ, нема надеж за постигнување долгорочен договор“, рече Ушаков, осврнувајќи се на минатогодишниот самит меѓу Трамп и Путин во Алјаска.
Путин нагласи дека Русија е „искрено заинтересирана“ за дипломатско решение, рече Ушаков.
Од руска страна, Путин, Ушаков и Дмитриев учествуваа на состанокот. Од американската страна беа Виткоф, Џаред Кушнер и Џош Груенбаум, кој неодамна беше назначен од претседателот Доналд Трамп за виш советник во Одборот за мир.
фото/Depositphotos

