Свет
За корупција настрадаа само ситни риби
„Посните" ефекти од борбата против криминалот во униформа пречка за побрза интеграција на Македонија во Европа
„Посните" ефекти од борбата против криминалот во униформа пречка за побрза интеграција на Македонија во Европа
Недостасува соработка меѓу институциите кои се борат против криминалот
КАТИЦА ЧАНГОВА
Политиката е најголем соучесник на корупцијата, тврдат експертите. Хипотеките на овој феномен се создаваат на избори. Изборната корупција преминува во владина, а потоа се трансформира во системска корупција. Кога во државата не функционираат системот и правилата на антикорупциската борба, корупцијата доживува експлозија. Резултатите целосно изостануваат со инертни и некоординирани институции, со незаинтересирани и неодговорни функционери. Посните ефекти во спречувањето на корупцијата, што Германците ја нарекуваат "криминал во униформа", се голема пречка за побрза интеграција на Македонија во Европа.
"Институциите се формираат да постојат заради своето постоење. Тие се хендикепирани во своето работење. Овластувањата на Антикорупциската комисија завршуваат само на оперативно ниво. Тоа што нема никаков правосуден епилог се должи на недоволна, несоодветна и неправилна соработка со Јавното обвинителство. Манипулацијата со податоци и информации, неспроведување по институции, без решенија за ниту еден случај, остава отворено сомневање дека има проблем во ерозијата на системот. Ако продолжиме во оваа насока, не е далеку денот кога Европа ќе ни го дефинира како политичко изнудување на правдата", изјави претседателката на "Транспарентност-Македонија", Габриела Коневска. Таа вели дека го менуваат курсот на планот на корупцијата. Ќе се насочат во поттикнување на системот на имплементација на донесените закони, ќе препорачуваат нови нацрт-акти и ќе се фокусираат на обука за сите кои треба да се занимаваат со борбата против корупцијата.
На планот на високиот тип на корупција која е нераскинливо поврзана со организираниот финансиски криминал, во Македонија досега речиси нема никакви ефекти, потенцира доцент Миодраг Лабовиќ од Факултетот за безбедност. Тој посочува на единствената правосилна судска пресуда за криминал против Амди Бајрам. "Има некои процесуирани случаи против поранешни носители на јавни функции, меѓутоа со неизвесен епилог. Дури и да бидат донесени пресуди, не можеме да изречеме мерка конфискација на тие криминални приноси. Во правниот систем не постојат само законски дупки, туку постојат системски јами кои оневозможуваат разрешување на корупциски афери", тврди Лабовиќ и додава дека одговорноста за дисфункционалноста на правниот систем најмногу се однесува на власта која ги има сите инструментариуми за реализација на очекуваните радикални реформи. Основниот недостаток е што нема концепциска визија како да се изведат реформите.
Корупцијата не е кај соседот, преку плотот, туку дома, во нашиот двор. Затоа е добро што се кршат копјата меѓу вербалното и реалното, велат во Антикорупциската комисија. Оттаму потенцираат дека декларативните заложби треба да му отстапат место на ефикасен систем на мерки против корупцијата. "Не секогаш бевме правилно разбрани и поддржувани во работата, особено кога инициравме конкретни прашања на одговорност. Вистина е дека се соочуваме со одредени влијанија и притисоци. Ако сакаме да ја видиме корупцијата, доволно е да се погледнат ревизорските извештаи", вели Михајло Маневски, претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата. Тој потврдува дека имаме добар дел прописи, но дека е најзначајна примената. "Мора да се смени менталната матрица, особено кај носителите на функции затоа што тие се најодговорни за состојбите со корупцијата и за законитоста во постапувањето. Органите треба да работат организирано и синхронизирано, секој во рамките на надлежностите. Не смее да продолжи практиката на инертност во вршење на функциите. На граѓаните им е преку глава од вербални ветувања, тие бараат резултати".
Шансата е дадена, не е доволно искористена. Постојат подобрувања на законодавен план и на полето на формирање специјализирани тела во борбата против корупцијата. Македонија направи многу во хармонизација на законодавството со меѓународните акти. Она што недостасува е добрата соработка меѓу институциите кои се борат против корупцијата, коментира професорот на Правниот факултет, Никола Тупанчевски. Тој ја критикува работата на Антикорупциската комисија за која вели дека главна задача е превентивната борба, а не засегање во компетенциите на другите институции. "Антикорупциската комисија се меша во надлежностите на Обвинителството, на специјализираното одделение за борба против организираниот криминал во МВР. Главната задача е добрата позиционираност на Комисијата што не значи само ревидирање на нејзините надлежности, туку вклопување во системот. Антикорупциската борба не подразбира маркетиншко експонирање на Комисијата, туку малку поголема конспиративност и малку повеќе ефекти во работењето", објаснува Тупанчевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Објавени пораки меѓу поранешниот норвешки премиер и Епстин, започната е истрага
Поранешниот норвешки премиер Торбјорн Јагланд е под полициска истрага поради сомнение за сериозна корупција поврзана со неговите врски со покојниот сексуален престапник Џефри Епстин, соопшти вчера норвешката полиција. Истрагата е покрената откако беа објавени нови документи што откриваат комуникации меѓу Јагланд и Епстин, пренесува ДВ.
Пал Лоесет, раководител на норвешката единица за економски криминал Оекокрим, рече дека постојат легитимни основи за истрага. „Веруваме дека постојат разумни основи за истрага, со оглед на тоа што во периодот опфатен со објавените документи тој ги извршувал функциите претседател на Нобеловиот комитет и генерален секретар на Советот на Европа“, рече Лоесет.
Во соопштението се додава дека Оекокрим, меѓу другото, ќе истражи „дали подароците, патувањата и кредитите што ги примил се поврзани со неговата позиција“.
Норвешката полиција, исто така, побарала укинување на имунитетот на Јагланд за да се олесни истрагата. Министерот за надворешни работи Еспен Барт Ајде потврди вчера дека Норвешка ќе поднесе предлог до Советот на Европа за одземање на имунитетот на поранешниот генерален секретар на таа организација.
„Важно е фактите од овој случај да излезат на виделина“, рече Ајде. Советот на Европа е меѓународна организација за човекови права и не е дел од Европската Унија.
Андерс Бросвет, адвокатот на Торбјорн Јагланд, рече дека неговиот клиент го поздравува отворањето на полициската истрага и дека целосно ќе соработува.
„Добро е Јагланд да добие авторитативно разјаснување од Ококрим, наместо целиот прес-корпус да спроведува свои мали приватни истраги“, изјави Бросвет за новинската агенција АФП.
Јагланд (75) беше норвешки премиер од 1996 до 1997 година, а подоцна генерален секретар на Советот на Европа од 2009 до 2019 година. Во периодот од јануари 2009 до март 2015 година, тој исто така претседаваше со комитетот што ја доделува Нобеловата награда за мир.
Нови документи откриваат контроверзни комуникации
Истрагата следи по објавувањето минатата недела на нова серија од речиси три милиони документи поврзани со Епстин од страна на Министерството за правда на САД. Размената на пораки меѓу Јагланд и Епстин предизвика возбуда во Норвешка.

„Бев во Тирана, извонредни девојки“, напиша Јагланд во порака до Епстин во мај 2012 година. Во друга порака од јануари 2013 година, тој рече: „Не можам само да продолжам со млади жени, како што знаете“.
Јагланд призна за весникот „Афтенпостен“ во неделата дека покажал „лоша проценка“ одржувајќи врски со Епстин.
Директорот на норвешкиот Нобелов институт, Кристијан Берг Харпвикен, изјави во среда дека се чека изјавата на Јагланд за врските со Епстин.
„Доколку се покаже дека Торбјорн Јагланд добил значителни финансиски придобивки од Џефри Епстин додека бил член на Нобеловиот комитет, тоа би било спротивно на нашиот етички кодекс“, рече Харпвикен.
Што пишува во пораките?
Пребарувањето на името „Јагланд“ во архивите на Епстин дава 2.250 резултати, кои датираат од 2011 до 2018 година. Многу од пораките се за практични договори и се напишани од секретарката на Епстин. Постојат бројни е-пораки за состаноци и договори, особено во текот на 2013 и 2014 година.
Епстин беше осуден за сексуална злоупотреба на деца во 2008 година.

Јагланд често ги потпишува своите пораки со „Т“ или „ТЈ“, што сугерира дека неговиот однос со Епстин станал доста личен во овој период.
Во март 2014 година, многу од е-пораките се занимаваат со практичните детали за целото семејство Јагланд и децата што одат на островот на Епстин.
„Ако сте ги провериле полетувањата на летовите и сте пронашле нешто што ви одговара, само известете нè“, напишал асистентот на Епстин во една порака.
„Вашиот пријател“
Во е-пошта од 8 септември 2013 година, Јагланд пишува: „Дали е можно да се посети вашиот остров за Божиќ или Велигден? Што ви одговара повеќе?“ Тој ја потпишува пораката со „вашиот пријател“.

Во порака испратена на 28 септември 2014 година, Јагланд споменува можен стан во Осло и наведува дека може да добие заем до 7,5 милиони круни (околу 650.000 евра).
Потоа тој бара од Епстин помош со преостанатиот износ. Јагланд верува дека му требаат 10 милиони круни за добар стан, но бара да позајми 2,5 милиони круни (околу 215.000 евра).
„Не сакам да бидам премногу задолжен кога ќе се пензионирам“, напиша поранешниот норвешки премиер.
Јагланд е еден од неколкуте истакнати Норвежани кои се најдоа под јавен надзор откако беа објавени документите. Принцезата Мете-Марит, исто така, призна дека имала лоша проценка во одржувањето контакт со Епстин откако тој беше осуден.
Свет
Трамп ја претстави TrumpRx: Нова платформа за поевтина набавка на лекови во САД
Американскиот претседател Доналд Трамп во четврток ја претстави TrumpRx.gov, нова онлајн платформа што ќе им овозможи на американските потрошувачи да купуваат лекови на рецепт по намалени цени, како дел од напорите на неговата администрација да ги ограничи растечките трошоци за лекови во Соединетите Американски Држави.
Трамп ја најави новата веб-страница во Белата куќа заедно со д-р Мехмет Оз, раководител на Центрите за Медикер и Медикејд, и Џо Геби, директор на Националното дизајнерско студио и коосновач на Airbnb. „Луѓето ќе заштедат многу пари и ќе бидат здрави“, рече американскиот претседател.
Американските пациенти моментално плаќаат многу повеќе за лекови на рецепт, честопати речиси три пати повеќе отколку во другите развиени земји, а Трамп врши притисок врз производителите на лекови да ги намалат цените во Соединетите Држави на нивоата што се плаќаат во странство.
Шеснаесет од најголемите светски производители на лекови склучија договори со администрацијата на Трамп за намалување на цените на лековите за Американците во замена за ослободување од американските царини. Според договорите, фармацевтските компании ќе ги намалат цените на лековите за владината програма Медикејд или за потрошувачите кои плаќаат во готово преку TrumpRx.
Регион
Турција ќе приватизира два клучни моста во Истанбул
Турција ја ангажираше консултантската фирма Ernst & Young LLP да ја води приватизацијата на два клучни моста во Истанбул и серија автопати, според извори запознаени со планот.
Фирмата со седиште во Лондон ќе ја советува турската влада за продажбата на Мостот на мачениците 15 јули и Мостот „Фатих Султан Мехмед“, кои ги поврзуваат европската и азиската страна на Истанбул, како и најмалку девет автопати со наплата на патарина.
Изворите зборуваа под услов на анонимност бидејќи деталите од договорот не се јавни, објави Блумберг. Турција, исто така, ја назначи канадската фирма BTY Group за технички советник и планира да објави формален тендер подоцна оваа година, велат изворите.
Обидот за приватизација од 2012 година, кој вклучуваше и мостови и околу 2.000 километри автопат, привлече добитна понуда од 5,7 милијарди долари. Процесот пропадна откако Реџеп Таип Ердоган, тогашниот премиер, рече дека продажбата за помалку од 7 милијарди долари би била „предавство“. Владата сега очекува понуди што го надминуваат тој износ.
Според турскиот министер за транспорт, околу 430.000 возила секојдневно ги преминуваат двата моста, а стандардната патарина за патничко возило е 59 лири по правец, или околу 1,36 долари по тековни цени.
Ernst & Young претходно работеше како советник за проекти поврзани со мостови, автопати и болници во Турција.

