Свет
Само правобранителството може да го обнови случајот
Само ако Јавното правобранителство најде и достави нови докази за случајот „Бачило“, целата постапка може да се повтори, објаснуваат судските експерти за случајот со скандалозната отштета од 730. 000 евра.
Мери Јордановска
Само ако Јавното правобранителство најде и достави нови докази за случајот „Бачило“, целата постапка може да се повтори, објаснуваат судските експерти за случајот со скандалозната отштета од 730. 000 евра. Правобранителството има законски рок од пет години по донесувањето на пресудата да поднесе барање за повторување на постапката до првостепениот суд.
Експертите тврдат дека предметот „Бачило“ два пати можел да се најде пред Врховниот суд. Првиот пат таква можност имало Јавното обвинителство во 2003 година, кога правобранителството барало заштита на законитоста за случајот. Тогаш обвинителството не утврдило дека со правосилната судска пресуда бил повреден законот. Вториот пат, тоа можел, а не го сторил заменик-јавниот правобранител Миодраг Стевановиќ, кој можел да бара од Врховниот суд да ја преиспита постапката. Со тоа, тврдат судски извори, одговорноста за случајот еднакво ја носат правобранителството, обвинителството, скопскиот Основен суд 1 и Апелацискиот суд, кој ја одбил жалбата на правобранителството и ја потврдил меѓупресудата на основниот суд. Наодите на антикорупциската комисија покажуваат дека најсомнителна во целиот случај е исплатата на каматата што течела од денот кога се случил инцидентот. Во судската практика непишано правило е дека каматата тече од денот на пресудувањето.
Во документите што завчера ги откри Државната комисија за спречување на корупцијата има скандалозни наоди за случајот „Бачило“. Според нив, Душан Стојанов, потпоручник од полициската станица Шар планина еден ден по инцидентот што се случил на 27 јуни 2001 година направил увид во бачилото, но не го фотографирал. Во службената белешка на Стојанов пишувало: „Објектот е видно оштетен во просториите каде што се прави и чува сирењето. На двесте метри од бачилото се гледа кратер од поголем размер а околу него се расфрлани телата на поголем број овци. По кажување на оштетениот, во објектот имало 2.000 канти сирење, усмртени се 280 овци и 50 се со видливи оштетувања без можност да преживеат. На источниот дел од објектот има 8 трупа коњи, а усмртени се и четири ждребиња“.
Како потврда дека инцидентот навистина се случил, до судот биле доставени изјавите на тројца овчари-сведоци, како и потврда од ветеринарната станица „Еуровест“ од село Камењане, од каде што потекнува Иснифарис Џемаили.
Во целиот случај, нејасно е како од пријавени 320 овци, 8 коњи и четири ждребиња, бројката се качила на 929 овци, 31 коњ и четири ждребиња, кога во ниту едно од трите вештачења не бил утврден бројот на загинатиот добиток, ниту пак количеството на загубеното сирење.
Во извештајот на АРМ се вели дека на критичниот ден нивните хеликоптери не биле вооружени и вршеле само транспорт и замена на персоналот на позициите на Попова Шапка. Сите овие наоди носат сомнеж дека целиот случај е исконструиран, а неизвесно останува дали само тетовецот Иснифарис Џемаили ги зел парите од отштетата. Познато е дека парите, како што стои во судското извршено решение, биле исплатени на жиро-сметката на Иснифарис Џемаили во Извозно-кредитна банка.
Сите наоди за случајот „Бачило“ комисијата завчера ги поднесе до Врховниот суд, Републичкиот судски совет и до Владата од каде што се чека одговор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Нетанјаху се појави за прв пат по нападот врз неговиот кабинет
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денес го посети местото на нападот во израелскиот град Беит Шемеш, кој беше погоден од иранска ракета.
Нетанјаху ја прегледа штетата откако ракетата наводно успеала да го пробие израелскиот систем за воздушна одбрана и да ја уништи синагогата, при што загинаа најмалку девет лица, објави „Скај њуз“.
Израелскиот премиер разговараше со работниците на терен, додека во позадина можеа да се видат урнатините предизвикани од нападот.
Israeli Prime Minister Benjamin Netanyahu said, ‘You can see the difference: the tyrants in Tehran target civilians, while we target the tyrants of Tehran to protect civilians.’ pic.twitter.com/hCkb371vDb
— ME24 – Middle East 24 (@MiddleEast_24) March 2, 2026
Во вчерашниот напад со иранска балистичка ракета врз Беит Шемеш, кој се наоѓа на околу 30 километри западно од Ерусалим, загинаа најмалку девет лица, а 23 беа повредени, според Службата за итни случаи Маген Давид Адом (MDA).
Повеќето од загинатите се засолниле во јавно засолниште, а според началникот на полицијата на округот Ерусалим, Авесалом Пелед, веројатно имало директен удар врз засолништето.
„Повеќето, ако не и сите, од загинатите биле таму“, рече Пелед.
Ракетата погоди станбена зона во градот, ја уништи синагогата и предизвика голема штета на јавното засолниште и околните куќи, според медиумот.
Свет
Трамп за војната на Блискиот Исток: Го „разоруваме“ Иран, нов бран напади допрва ќе дојде
Американската војска го „растура Иран“, но нов голем бран напади сè уште не е дојден, изјави денес американскиот претседател Доналд Трамп.
Во интервју за CNN, Трамп оцени дека американските операции во нападите врз Иран одат многу добро, нагласувајќи дека Соединетите Американски Држави имаат најголема армија во светот и ја користат.
Тој изјави дека не сака војната со Иран да трае предолго.
„Секогаш мислам дека војната ќе трае четири недели. Одиме малку пред рокот“, верува американскиот претседател.
Кога беше прашан дали САД би направиле нешто друго освен воен напад за да го соборат режимот во Иран, Трамп одговори потврдно.
„Навистина им помагаме (на иранскиот народ). Но, во моментов сакаме сите да останат таму. Не е безбедно таму надвор и само ќе стане помалку безбедно. Дури и не сме почнале силно да ги удираме. Големиот бран наскоро доаѓа“, рече Трамп.
Тој рече дека одмаздничките напади на Иран врз американските бази во околните арапски земји ги изненадиле САД.
„Изненадени сме. Им кажавме на тие земји дека можеме да решиме сè, а сега тие сакаат да се борат, и тоа агресивно. Требаше да бидат многу малку вклучени, а сега инсистираат да бидат многу вклучени“, рече тој.
Тој ги оцени лидерите на арапските земји, имено Бахреин, Јордан, Кувајт, Катар и Обединетите Арапски Емирати, како „цврсти и паметни“.
Трамп истакна дека „иранската нуклеарна закана“ е главен проблем во регионот веќе некое време.
„Мора да разберете, тие живееја под тој темен облак со години. Затоа никогаш немаше мир“, рече Трамп.
Кога беше прашан кој треба да ја преземе лидерската позиција во Иран, Трамп рече дека не знае кој треба да биде, истакнувајќи дека 49 лица од највисоките лидерски позиции биле убиени во американските напади.
„Станаа малку арогантни, се состануваа на едно место. Мислеа дека не можеме да ги детектираме, тоа нè шокираше“, рече Трамп, додавајќи дека Иранците сега „дури и не знаат кој ги води“.
Зборувајќи за преговорите со Иран, кои беа прекинати од американските напади врз таа земја, Трамп рече дека не е постигнат никаков договор.
„Не можевме да се договориме со овие луѓе. Секоја од нашите нови понуди беше исполнета со нивно повлекување. Тие не сакаа да се согласат да престанат со збогатување на ураниум. Ова е начинот на справување со Иран“, рече американскиот претседател.
Трамп рече дека од својот тим побарал список на сите ирански или поддржани од Иран напади врз САД и американските сојузници и интереси.
„Ако требаше да го набројам сето тоа, би зборувал долго време“, рече тој.
Според него, најновите напади врз Иран се дел од долгорочна кампања за елиминирање на заканите од Иран.
„Минатиот пат го уништивме (иранскиот генерал Касем) Сулејмани. Тој беше неверојатно насилен, свиреп генерал. Тоа беше голем потег. Да не се случеше тоа, можеби денес немаше да го имаме Израел. Израел можеби немаше да постои“, рече тој.
Свет
Руте: Европа апсолутно ги поддржува дејствијата на Америка и Израел во Иран
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во разговор со новинарите изјави дека Европа „апсолутно ги поддржува дејствијата на САД во Иран“, нагласувајќи дека Иран е закана за Европа, за Израел и за другите земји во регионот.
На прашањето дали одлуката на британскиот премиер Кир Стармер да им дозволи на САД да ги користат британските бази за напади врз Иран дошла предоцна, Руте одговори дека пред официјалното одобрување од Велика Британија, морало да се решат „правните аспекти на прашањето“, пренесува Би-Би-Си.
Тој потврди дека пред интервенцијата на САД во Иран, имал бројни разговори со американски претставници и додаде дека официјален Вашингтон и НАТО воспоставиле „тесна координација“.
На прашањето од британската јавна служба дали силите на НАТО ќе бидат вклучени во операциите во Иран, Руте одговори негативно и додаде дека „очигледно ова е кампања предводена од Американците и Израелците“, пренесува Танјуг.

