Свет
Од Гостивар депортирани 32 лица во Албанија
Гостиварската полиција откри 32 илегалци од Албанија кои на диво престојувале во градот. Лицата кои работеле на црно во Гостивар заради обезбедување егзистенција се депортирани со полициска придружба во Албанија.
Акција на гостиварската полиција за откривање на илегалците во земјава
Акцијата е спроведена во селата Форино, Долна Бањица и Равен и кај железничката и автобуската станица
Киро Кипроски
Гостивар – Гостиварската полиција откри 32 илегалци од Албанија кои на диво престојувале во градот. Лицата кои работеле на црно во Гостивар заради обезбедување егзистенција се депортирани со полициска придружба во Албанија.
Акцијата на гостиварската полица била спроведена завчера, во утринските часови, на повеќе локации во градот и во неколку горнополошките села со цел откривање лица кои илегално ја минале државната граница и непријавено престојуваат во земјава, извршувајќи на црно земјоделски и градежни работи. Акцијата е спроведена во селата Форино, Долна Бањица и Равен и на просторот пред железничката и автобуската станица во Гостивар, каде што на црно се врши берзата на трудот. Притоа се откриени 32 илегалци од Албанија, кои не го пријавиле престојот во земјава. Во Полициската станица во Гостивар информираат дека лицата при приведувањето не давале отпор. Поголемиот дел од нив ја минале државната граница илегално, а не поседувале никаков документ за идентификација. Неколкумина од нив ја минале границата со еднодневна погранична виза. Во изјавите рекле дека границата ја минале во непосредна близина на граничниот премин Блато, а минатата година подолг период извршувале земјоделски и други работи. Во земјава дошле за да обезбедат егзистенција за своите семејства. По испрашувањето, илегалците со полициски автобус и полициска придружба, преку граничниот премин Блато, во близината на Дебар, се вратени во матичната држава. Депортираните Албанци се од албанските градови Пешкопеја и Кукс.
Во наредните месеци се очекува поголем прилив на лица од Албанија во потрага по заработувачка во Гостиварскиот регион. Минатата година полицијата во Гостивар во повеќе контроли откри и депортира над 700 лица, иако се зборуваше дека реалната бројка е двојно поголема. Многу македонски државјани кои ги ангажираат лицата од Албанија да им ги извршуваат тешките занаетчиски или градежни работи обично успеваат при акциите на полицијата да ги скријат илегалците за да не бидат депортирани од земјава.
Гостиварските работници кои ја обезбедуваат егзистенцијата со работа на црно реагираат на конкуренцијата на своите "колегите" од Албанија, кои работат за двојно помала дневница. Во полицијата во Гостивар велат дека во наредниот период ќе ги интензивираат и редовно ќе спроведуваат акции во откривање странски државјани кои престојуваат непријавени и работат на црно и веднаш ќе ги депортираат во матичните држави.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Руте: Новата арктичка мисија на НАТО е многу значајна
Отфрлајќи ги критиките дека новата арктичка мисија на НАТО е само ребрендирање на постојните активности, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, рече дека тоа е „многу значајна“ иницијатива.
НАТО предложи нова операција „Арктички стражар“ завчера, која би ги консолидирала заедничките вежби во областа под команда на алијансата.
Сепак, дипломатите и експертите веруваат дека ова е главно комуникациски потег насочен кон смирување на Доналд Трамп, како и одговор на заканата што ја оценуваат како во голема мера претерана.
Руте објасни дека мисијата ќе има „чекор-по-чекор пристап“ и ќе започне со обединување на „постојните вежби и активности“ на алијансата во регионот под една команда за да се утврди „што друго ни треба“.
Врховниот командант на сојузничките сили за трансформација, адмирал Пјер Вандиер, исто така ќе биде замолен да испита како „најновите иновативни технологии“ можат да се користат на Арктикот.
фото/Depositphotos
Свет
Макрон: Русија е значително ослабена од конфликтот
Францускиот претседател, Емануел Макрон, тврди дека Русија всушност е значително ослабена од конфликтот.
Според него, Русија влегла во рецесија, станала целосно зависна од Кина, има демографски проблем и се соочува со воен неуспех.
Макрон нагласи дека Европејците сега станаа „единствениот извор на воено финансирање“ за Киев, алудирајќи на Соединетите Американски Држави, кои побараа од Европа да ги засили своите напори.
Тој верува дека не може да се постигне мировен договор меѓу Украина и Русија без учество на Европејците.
„Ние ќе бидеме дел од решението и треба да бидеме дел од решението“, рече Макрон. Тој додаде дека токму тоа е причината зошто неговата канцеларија неодамна воспостави контакт со Москва.
foto/Depositphotos
Свет
Тројца скијачи загинаа во лавина на француските Алпи
Тројца скијачи загинаа откако беа однесени од лавина во луксузниот француски алпски скијачки центар Вал д’Изер, изјави за новинарите Седрик Боневие, задолжен за патеките на одморалиштето.
Боневие рече дека една жртва е француски државјанин, додека другите се странци.
Тој додаде дека инцидентот се истражува.
Медиумските извештаи велат дека инцидентот се случил надвор од пистата.
Се чини дека една од жртвите била зафатена од лавина високо на планинската падина, додека другите двајца биле во група од пет скијачи, вклучувајќи и професионален водич, пониско од планината каде што не можеле да ја видат катастрофата што се приближува.
Не е познато што ја предизвикало лавината, рече Боневие.
Метео Франс, националната метеоролошка служба, во четвртокот го стави подрачјето под црвена тревога поради ризик од лавини.
фото/Depositphotos

