Свет
„Стопанска банка“ лани заработила колку една пекарница
„Стопанска банка Скопје“, најголемата банка во земјава, лани остварила само 5 милиони денари (80.650 евра) добивка од своето работење.
„Стопанска банка Скопје“, најголемата банка во земјава, лани остварила само 5 милиони денари (80.650 евра) добивка од своето работење. Толкава добивка во едногодишно работење остварува една пекарница, покажуваат официјалните податоци од билансот на успехот на банката, која е членка на банкарската групација на „Националната банка на Грција“ (НБГ).
За споредба, „Комерцијална банка Скопје“ прикажа добивка од 11,8 милиони евра, „Стопанска банка Битола“ 3,3 милиони евра и „Охридска банка Охрид“ – 1,64 милиони евра.
Според официјалните податоци, банката лани загубила 14,25 милиони евра од кредитите што ги пласирала, а не можела да ги наплати. Дури 10 милиони евра, или две третини, од ненаплатливите побарувања на банката се од втората половина на годината, а 4,3 милиони евра се прикажани како ненаплатливи во првата половина на годината.
Банката лани во кредити пласирала 15,7 милијарди денари, или 4 милијарди повеќе од 2003 година. Во билансот пишува дека банката ја зголемила и својата актива за 2,1 милијарди денари во однос на 2003 година и дека од продажба на сопствен имот лани заработила околу 100 милиони денари повеќе од 2003 година. На страната на обврските нема забележителни задолжувања во однос на 2003 година, а кај обврските по кредити банката успеала да ги намали своите обврски за 350 милиони денари.
Оваа банка и лани прикажала добивка од 4,5 милиони денари (околу 80.000 евра).
За аналитичарите е чудно зошто банката, и покрај тоа што бележи позитивни резултати, не успеала да оствари поголема добивка во минатата година.
„Време“ безуспешно се обиде да стапи во контакт и да побара објаснување од раководните лица на банката и од надлежните од Народната банка на Македонија, која законски е надлежна да ја контролира работата на деловните банки во земјава.
Н.С.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Данска по средбата со САД: Не се согласуваме за иднината на Гренланд
Соединетите Американски Држави, Данска и Гренланд ни по денешниот состанок во Вашингтон не се приближија до договор за иднината на Гренланд. Данскиот министер за надворешни работи Ларс Леке Расмусен изјави дека и понатаму постои, како што рече, фундаментално несогласување со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, која се залага за американска контрола врз овој автономен територијален дел од Кралството Данска.
Состанокот бил одржан со американскиот потпретседател Џеј Ди Венс и со американскиот државен секретар Марко Рубио, по изјавата на Трамп дека „сè помалку од американска контрола врз Гренланд е неприфатливо“.
Расмусен по разговорите изјави дека тој и претставниците на Гренланд воделе „искрена, но конструктивна дискусија“ со Венс и Рубио, но дека ставовите остануваат суштински различни.
„Претседателот јасно го изнесе својот став, а ние имаме поинаква позиција“, рече Расмусен на прес-конференција во Вашингтон, додавајќи дека Данска смета оти долгорочната безбедност на Гренланд може да се обезбеди во рамки на постојниот политички и уставен поредок.
„Идеите што не би го почитувале територијалниот интегритет на Кралството Данска и правото на народот на Гренланд на самоопределување се целосно неприфатливи“, истакна тој.
Расмусен додаде дека е договорено формирање работна група на високо ниво, која треба да се обиде да најде заеднички пат напред, иако, како што рече, „фундаменталното несогласување останува“. Првиот состанок на оваа група се очекува во наредните недели.
Паралелно со дипломатските разговори, Данска и нејзините сојузници ја зајакнуваат воената присутност на Гренланд поради, како што наведуваат, влошената безбедносна состојба на Арктикот.
Шведска денеска, на барање на Данска, испрати неопределен број војници на Гренланд. Шведскиот премиер Улф Кристерсон објави дека шведските офицери ќе бидат дел од поширока група сојузнички сили кои ќе учествуваат во подготовките за претстојната воена вежба „Operation Arctic Endurance“.
Германското министерство за одбрана соопшти дека Германија во четврток испраќа извиднички тим од 13 припадници на Бундесверот во Нуук. Станува збор за тридневна мисија, од 15 до 17 јануари, чија цел е проценка на условите за можни идни воени придонеси за безбедноста на регионот, вклучително и надзор на поморскиот простор. Германските војници доаѓаат на покана на Данска и во соработка со други европски земји.
Данското министерство за одбрана претходно потврди дека ја зголемува воената присутност на Гренланд поради „безбедносни тензии“, додека разговорите со САД за иднината на територијата продолжуваат без приближување на ставовите.
Расмусен заклучи дека, и покрај длабокото несогласување, дијалогот со САД ќе продолжи.
„Се согласуваме дека не се согласуваме, но ќе продолжиме да разговараме“, рече тој, нагласувајќи дека Данска нема да отстапи од црвените линии, кои вклучуваат почитување на територијалниот интегритет и правото на народот на Гренланд на самоопределување.
Фото: depositphotos
Свет
Ројтерс: Можно американско воено интервенирање во Иран во наредните 24 часа
Американска воена интервенција во Иран станува сè поизвесна и би можела да се случи во наредните 24 часа, изјавиле европски претставници за „Ројтерс“.
Според еден европски функционер, можноста за американска воена акција значително се зголемила и временската рамка сега се мери во часови, а не во денови. Друг европски извор оценил дека интервенцијата изгледа веројатна.
Израелски функционер изјавил за Ројтерс дека се чини оти американскиот претседател Доналд Трамп веќе донел одлука за интервенција, иако сè уште не е јасно кога би започнала и колкав би бил нејзиниот обем.
Според Ројтерс, САД и Обединетото Кралство повлекле дел од персоналот од воздушна база во Катар, по заканите на Иран за одмазда врз американските бази во регионот. Истовремено, Иран ги предупредил соседните земји дека евентуален американски или израелски напад би имал регионални последици.
Напнатоста дополнително се зголемила по изјавите на Трамп, кој ги повикал демонстрантите во Иран да продолжат со протестите, наведувајќи дека помошта е на пат без дополнително објаснување.
Свет
И Македонија на листата на земји во кои САД ја запираат обработката на имигрантски визи, според „Фокс Њуз“
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ја запира обработката на имигрантски визи за апликанти од 75 земји, соопшти во средата Стејт департмент.
Стејт департментот на социјалната мрежа „Икс“ наведе дека ќе ја суспендира обработката на имигрантски визи за 75 земји чии мигранти, според наводите, користат социјална помош од американските даночни обврзници во неприфатливо висока мера.
За суспензијата на обработката на визите прв објави „Фокс њуз„, повикувајќи се на меморандум на Стејт департментот.
Според извештајот на „Фокс њуз“, меѓу тие 75 земји се Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово.
Извештајот го спомена и портпаролката на Белата куќа Каролајн Ливит.
На списокот се и Азербејџан, Белорусија, Грузија, Ерменија, Молдавија и Русија, пренесе „Радио Слободна Европа“.
Иако Стејт департментот сè уште не објавил официјална листа, во една од објавите на „Икс“ наведе дека „паузата влијае на десетици земји – вклучувајќи ги Сомалија, Хаити, Иран и Еритреја – чии имигранти често стануваат јавен товар за Соединетите Американски Држави веднаш по пристигнувањето“.
„Работиме на тоа да обезбедиме великодушноста на американскиот народ повеќе да не биде злоупотребувана“, додаде Стејт департментот.
Суспензијата на обработката на барањата за имигрантски визи од наведените 75 земји ќе почне на 21 јануари, објави Фокс њуз, додавајќи дека меморандумот им наложува на американските амбасади да ги одбиваат визите согласно важечкиот закон, додека Стејт департментот ги преиспитува своите процедури.
Суспензијата на обработката на визите се поклопува со мерките на администрацијата на Трамп против имиграцијата.
Трамп во ноември вети дека ќе „трајно ја паузира“ миграцијата од сите „земји од третиот свет“ по пукањето во близина на Белата куќа, кое го извршил авганистански државјанин, при што загинал припадник на Националната гарда.
САД долго време одбиваа визи на лица за кои се сметало дека на крајот ќе имаат потреба од државна социјална помош, но Стејт департментот соопшти дека сега ќе го користи истото овластување за целосна суспензија на имигрантски визи врз основа на националност, наведува АФП.
Стејт департментот во понеделникот соопшти дека од враќањето на Трамп поништил повеќе од 100.000 визи, што претставува рекорд за една година.
Министерството за внатрешна безбедност минатиот месец соопшти дека администрацијата на Трамп депортирала повеќе од 605.000 луѓе, а уште 2,5 милиони ја напуштиле земјата доброволно.

