Европа
Во Италија стабилен раст на новозаболени, воведени дополнителни мерки
Растот на новозаболени со коронавирус во Италија е стабилен – во изминатите 24 часа се регистрирани 1.766 позитивни на коронавирусот.
Расте бројот на пациенти што се лекуваат на единиците за интензивна нега, а во моментот има 254, а бројот на смртни случаи од коронавирус во последните 24 часа е 17.
Последните денови повеќе од сто илјади луѓе се тестираат на вирусот во Италија секој ден, а за време на викендите тој број е помал – во последните два дена биле тестирани 20.000 луѓе.
Најмногу заразени има во регионот Кампања – 245 нови случаи.
Во таа, како и во другите италијански региони, во сила е одлуката да се носи заштитна маска на отворено почнувајќи од деца постари од 6 години, забрането е собирање, а баровите и рестораните работат до 22 часот.
Во Сицилија мерката ќе биде воведена на 1 октомври и ќе трае цел месец, најави претседателот на регионот, Нело Мусумечи.
Исто така, на островот сите посетители и локалното население што се враќаат од други земји мора да подлежат на брз тест на коронавирусот и да се пријават преку интернет на веб-страницата на регионалната здравствена установа.
Според изјавата на владиниот техничко-научен комитет задолжен за следење на епидемијата на коронавирусот, во повеќето италијански региони Rt-факторот, кој ја покажува стапката на ширење на вирусот врз основа на голем број параметри, е под 1, во некои 0,95, а ако ја премине линијата 1, тоа е знак дека Ковид-19 почнал експоненцијално да се шири.
Од почетокот на пандемијата во Италија вкупно 309.000 лица се заразија од коронавирусот, од кои сто илјади во провинцијата Ломбардија, која беше епицентар на инфекцијата на врвот на пандемијата.
Вкупниот број смртни случаи од почетокот на пандемијата во Италија е 35.835, а оздравеле 224.417 пациенти, кои биле заразени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Британска компанија ги тужи „Фајзер“ и „Бионтек“: Ја украдоа нашата технологија за вакцина против Ковид
Британската фармацевтска компанија GlaxoSmithKline (GSK) денеска поднесе тужба пред федералниот суд во Делавер против американскиот Pfizer и германскиот BioNTech, тврдејќи дека тие ги прекршиле нејзините патенти за технологијата на гласник РНК (mRNA) во нивните вакцини против Ковид-19.
Вакцините Comirnaty на Pfizer и BioNTech ги прекршуваат иновациите на GSK заштитени со патент во mRNA вакцините, развиени „повеќе од десет години пред“ пандемијата на ковид-19, се вели во тужбата.
Патентите ја покриваат технологијата за пренос на нестабилна гласничка РНК во човечки клетки, која научниците почнаа да ја развиваат во 2008 година, а GSK стана сопственик кога го купи бизнисот со вакцини на Novartis во 2015 година, се додава.
Британската компанија бара парична отштета од Pfizer и BioNTech, вклучително и такси за патент, без да наведе износ.
Портпаролката на Pfizer во соопштението нагласи дека компанијата е „сигурна во својата позиција во однос на интелектуалната сопственост поврзана со Comirnaty“ и дека има намера „енергично да се брани“ од тврдењата на GSK. Портпаролот на BioNTech одби да ја коментира тужбата.
Портпаролот на GSK рече дека компанијата верува дека нејзините патенти „ја обезбедуваат основната технологија што се користи во mRNA вакцините на Pfizer и BioNTech против ковид-19“. GSK е „подготвен да ги лиценцира овие патенти под комерцијално разумни услови за да обезбеди пристап“ до вакцините.
Европа
(Видео) 19-годишна девојка во Украина се обидела да го продаде синот, барала 23.500 евра
Во украинскиот град Днипро, 19-годишна девојка се обидела да го продаде сопствениот двегодишен син, соопшти локалната полиција, пренесоа украинските медиуми.
Девојката наводно побарала еден милион гривни, што е околу 23.500 евра за своето дете. 19-годишната девојка наводно му го понудила детето на својот познаник и договорила средба со него. Во вторникот полицијата приведе маж додека носел пари на договорена локација.
Девојката наводно рекла дека не сака да се грижи за својот син, па решила да го продаде. Со парите што ги добила планирала да отвори сопствен бизнис.
Детето е земено во полиција и предадено на надлежните органи. Против неговата мајка е подигнато обвинение за трговија со луѓе.
Европа
Уапсени тројца мажи во истрагата за бруталното убиство на Хрват во Даблин
Уапсени се тројца мажи осомничени за убиството на 31-годишен Хрват, Јосип Штрок во Даблин минатиот месец, пишуваат ирските медиуми.
Тие се осомничени дека ги претепале Штрок, кој живеел и работел во Даблин, и неговиот пријател. Штрок почина од повредите на 3 април.
Неговиот пријател за хрватските медиуми изјавил дека биле во продавница и планирале да се дружат, кога група луѓе им кажала да почнат да зборуваат англиски.
„Немате почит кон нашата земја, ова е Ирска…“, изјави тој за Јутарњи. Тие влегле во автобусот и не забележале дека напаѓачите ги следат и биле нападнати одзади.
„Прво ме удрија со нешто, не знам дали беше шипка или палка. Ги прашав полицајците за деталите што ги виделе на видеото, а кои наводно ги имаат“, рече тој, додавајќи дека следното нешто се сеќава е кога се разбудил во болница.