Свет
Обама сака „ресетирање“ на односите со Русија
Претседателот на САД по средбата со рускиот министер за надворешни работи Лавров, изјави дека Вашингтон и Москва имаат одлична можност да ги поправат меѓусебните односи во многу подрачја, од контрола врз нуклеарното оружје до односот кон Блискиот Исток и заедничката економска соработка
Претседателот Барак Обама повторно го употреби терминот „ресетирање“, кој стана синоним за тенденцијата за подобрување на руско-американските односи. По средбата со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Вашингтон, Обама појасни дека тој под тоа подразбира цел спектар прашања, почнувајќи од прашањето за нуклеарното оружје и неговото неширење, ситуациите во Авганистан и Пакистан, односите кон Иран и односите кон Блискиот Исток, меѓусебната трговска размена и надминувањето на светската економска криза.Инаку, разговорите на Лавров со Обама, и претходно со државната секретарка Хилари Клинтон, се подговотвка за претстојната посета на американскиот претседател на Русија, договорена при неговата средба со рускиот колега Дмитриј Медведев во април на лондонскиот самит на G-20. „Се надевам дека средбите што ги имавме досега и оние кои претстојат годинава ќе бидат во двострана полза за двете држави“, изјавил Обама.Рускиот министер Лавров, пак, изјавил дека двете држави на прагматичен и на деловен начин работат на надминување на меѓусебните разлики. „Сега се работи на разработка на документите за кои Обама и Медведев се договорија во Лондон, и тоа се одвива врз основа на заедничкиот интерес и меѓусебното почитување, при што се настојува несогласувањата да се минимизираат за доброто на двете држави и меѓународната безбедност“, рекол Лавров.САД и Русија неодамна ги почнаа преговорите за намалување на стратешкото вооружување што треба да го замени досегашниот договор за ограничување START потпишан 1991 г., а кој истекува на кројот од годинава. А посетата на Лавров на Вашингтон се совпадна со повторното зголемување на тензиите меѓу Русија и САД заради воените вежби на НАТО во Грузија, кои Кремљ ги смета за провокација, како и секој друг обид оваа држава, Украина или која и да е друга поранешна советска држава да се приближи на Алијансата. Лавров во средата најави неучество на руската делегација на Советот Русија-НАТО кој треба да се одржи на 19 мај како одговор на маневрите во Грузија и протерувањето на двајцата руски дипломати од мисијата на НАТО во Брисел заради шпионажа, на што и руската страна одговори со одземање на акредитациите на двајца канадски дипломати на Северноатлантскиот сојуз.Од доаѓањето на власт на администрацијата на Обама се најавуваат подобрувања на односите меѓу двете суперсили, кои особено беа заладени во времето на претседателот Џорџ Буш, заради решението американскиот противракетен штит да се размести во Чешка и Полска. Несогласувања се’ уште постојат и во поглед на толкувањето на карактерот на нуклеарната програма што ја развива Иран.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во руски напад на Павлоград загинаа 12 лица
Во нападот на руски дронови што утрово беше извршен врз градот Павлоград загинаа 12 лица, а ранети се седуммина, соопшти шефот на воената управа на Дњепропетровската област, Александар Ганжа.
– Непријателско беспилотно летало експлодираше покрај службен автобус на едно од претпријатијата во Павлоградскиот округ. Според прелиминарните информации, 12 лица загинаа, а седуммина се повредени, се наведува во објавата на Ганжа.
Во исто време во руско бомбардирање на градот Славјанск во Доњецката област утрово загина 43-годишна жена, а уште една е ранета.
– Загина 43-годишна жена, жителка на Краматорск. Мое искрено сочувство до нејзиното семејство и пријателите. Една мештанка е повредена, информира началникот на воената управа на Славјанск, Вадим Љах.
Тој потврди дека во нападот се оштетени 14 повеќекатници, три автомобили, филијала на Нова пошта и деловен центар.
Свет
Бројот на жртви во пожарот во Швајцарија се искачи на 41, меѓу жртвите и 18-годишно момче
Почина осумнаесетгодишно момче кое беше повредено во пожарот во барот во Кран-Монтана, соопшти денеска швајцарската новинска агенција Keystone-SDA, повикувајќи се на обвинителството.
Младиот швајцарски државјанин починал во болница во Цирих. Со неговата смрт, бројот на жртви од пожарот во барот „Le Constellation“ во швајцарскиот центар Кран-Монтана се искачи на 41 лице.
Пожарот избувна за време на забава за Нова година, на која присуствувале главно млади луѓе, откако прскалки го запалиле таванот. Пламенот брзо се проширил, а многу луѓе останале заробени во подрумот, не можејќи навреме да побегнат преку тесните скали.
Повеќе од 100 луѓе беа повредени, од кои околу 80 претрпеа тешки изгореници.
Јавното обвинителство води истрага за убиство од небрежност, нанесување телесни повреди и предизвикување пожар.
Свет
Две лица загинаа во најновите руски напади со дронови врз Украина
Маж и жена загинаа во украинскиот град Днипро откако Русија изврши нов бран напади со дронови во текот на ноќта, соопштија денеска официјални лица.
Во нападот избувнал пожар, а една куќа е целосно уништена, изјави воената гувернерка Олександр Ханжа во објава на Телеграм.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека Русија во текот на ноќта извршила вкупно 90 напади со дронови низ целата земја, од кои околу десетина завршиле со директни погодоци.
Нападите се случуваат во време кога руски и украински претставници денеска треба да се сретнат во Абу Даби на нови разговори за можен крај на војната.
Разговорите следуваат по слична средба одржана минатата недела, прва по подолга пауза, но овојпат без присуство на американски посредници.
Со цел создавање позитивна основа за разговорите, Русија го прифати барањето на американскиот претседател Доналд Трамп привремено да ги запре нападите врз украинската енергетска инфраструктура, откако претходните напади врз електраните оставија илјадници луѓе без струја, греење и вода, при температури под нулата.
Според Кремљ, ограничениот прекин на огнот треба да трае до денеска.
Во меѓувреме, во Украина продолжуваат работите за обновување на снабдувањето со електрична енергија по вчерашниот прекин, предизвикан од дефект на далноводите.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека околу 1.000 домаќинства и натаму се без греење, откако тешкото руско бомбардирање ја оштети електроенергетската и топлинската инфраструктура на главниот град.

