Свет
САД преку Бајден се враќаат во југоисточна Европа
Посетата на американскиот потпретседател Бајден на Сараево, Белград и Приштина следната седмица, според Белата куќа е порака на новата американска администрација дека повторно ќе се ангажира во југоисточна Европа, со цел да ги забрза нивните евроатлантски интеграции
„Факт е дека потпретседателот Џо Бајден и претседателот Барак Обама решија тој да го посети Балканот, е доказ за желбите на администрацијата да покаже дека се вративме во регионот, и дека Балканот во голема мерка е вашнито дел од нашата програма“, било речено на брифинг во Белата куќа пред посетата на Бајден на Босна и Херцеговина, Србија и Косово.Администрацијата на претседателот Обама дава уверувања дека се грижи за тоа што САД и европските сојузници вложиле на Балканот во текот на ’90-ите за надминување на етничкото чистење, насилствата о поделбите во регионот. Патувањето на Бајден, според нив, значи дека САД се многу заинтересирани да го поддржат напредувањето на трите држави кон нивната евро-атлантска иднина. Според програмата за посетата на Бајден, која детално не е обајвена, најверојатно Бајден ќе пристигне во Сараево во вторник, каде ќе се сретне со тричленото претседателство и со претставници на владата на БиХ. Предвиден е и негов говор во параламентот на федерацијата. Бајден ќе се сретне и со премиерот на српскиот ентитет, Милорад Додик и Харис Силајџиќ. Во негова придружба ќе бидат и високиот претставник за надворешна политика и безбедност на Европската Унија, Хавиер Солана, како и високиот претставник на межународната заедница за БиХ, Валентин Инжков.Во Белград, Бајден ќе допатува во среда и таму ќе се сретне со српскиот претседател Борис Тадиќ, со премиерот и министри и со началникот на српскиот Генералштаб.И според американските и според српските аналитичари, посетата на американскиот потпретседател на Србија е можност за поправање на односите меѓу двете држави. Или, како што било наведено на брифингот „… се надеваме на ’ресетирање’ на односите со Србија, и тоа е можност јасно да покажеме дека сакаме многу позитивна иднина за Србија во евроатлантската заедница, како водечка во регионот“.Во четврток, пак, Бајден ќе престојува во Приштина каде ќе разговара со највисоките носители на државните функции, а ќе ја посети и американската база Бондстил. Бајден ќе одржи и говор во косовското собрание, во кој, како што е најавено, ќе ја истакне американската поддршка за единствено, независно и мултиетничко Косово. Тема на разговорите со косовските политичари ќе бидат и малцинските права, подоброто управување до државните институции, јакнење на стопанството и подобрување на односите со некои европски држави. Џо Бајден во девеесетите повеќепати престојуваше во овој дел од Европа како претседател на Одборот за надворешна политика на американскиот Сенат и е еден од позаслужните што беше симнато ембаргото за купување оружје за Босна и Херцеговина и за воздушните напади врз босанските Срби. Исто така, во медиумите од регионот се нагласува и неговата голема активност во 1998/99 за преземањето на интервенцијата на НАТО на Косово и 11-седмичното бомбардирање на Србија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Орбан со предупредување: Додека нема нафта, нема пари за Украина
Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека Будимпешта нема да поддржи финансиска помош за Украина додека не се обнови снабдувањето со нафта преку нафтоводот „Дружба“, пренесува Анадолија.
Орбан изјави дека Украина, иако технички подготвена за нафтоводот, ги прекинала испораките за Унгарија од политички причини. Тој нагласи дека неговата влада нема да се согласи на таков пристап.
„Додека нафтата не тече низ „Дружба“, нема да има пари за Украина“, рече тој преку социјалната мрежа Икс. Тој исто така предупреди дека, без активирање на стратешките резерви, цените на горивата би можеле да достигнат 1.000 форинти (околу 2,64 евра) за литар веќе следната недела.
Орбан истакна дека Унгарија нема да дозволи да биде ставена во неповолна положба и потсети дека Будимпешта веќе ги прекина испораките на дизел за Украина и го информираше Брисел дека е подготвена да блокира пакет помош вреден 90 милијарди евра. Тој повтори дека Унгарија се залага за мир, а не за ескалација и дека нема да поддржи економска помош сè додека не се нормализира транзитот на нафта.
Транспортот на нафта до Унгарија и Словачка беше прекинат на 27 јануари по нападот врз „Дружба“. Владите во Будимпешта и Братислава го обвинија Киев за политичка злоупотреба на ситуацијата и спречување на продолжување на испораките. Како одговор, двете земји го прекинаа извозот на дизел гориво во Украина.
Во исто време, министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел не успеаја да се договорат за 20-тиот пакет санкции против Русија. Шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, го оцени тоа како чекор назад, но рече дека разговорите со Унгарија и Словачка продолжуваат со цел да се постигне договор.
Свет
Жена избодена до смрт на гробиштата во Виена: уапсена 14-годишна девојка
65-годишна жена е пронајдена мртва со повеќекратни убодни рани во виенскиот округ Пенцинг доцна во понеделникот попладне. Безживотното тело е откриено на гробиштата Баумгартен околу 17:30 часот од страна на случаен минувач. Полицијата уапси 14-годишно девојче под сомнение за убиство, објавува „Хојте“.
Полицијата и брзата помош веднаш пристигнале на местото на настанот, но за 65-годишната жена било предоцна. „Обидот за реанимација не успеа“, изјави портпаролот на полицијата Филип Хаслингер за агенцијата АПА на местото на настанот. Веднаш е започната истрага.
Истрагата брзо ги одвела истражителите од Покраинската канцеларија за кривични истраги до 14-годишно девојче во кое полицијата се посомнева поради нејзиното однесување. Девојчето живеело во непосредна близина на гробиштата, каде што се верува дека е убиена жената. Се верува дека жртвата е избрана по случаен избор.
Тинејџерката е уапсена на нејзината домашна адреса и моментално е во притвор. Таму, истражителите запленија нож, за кој се сомнева дека е оружјето употребено во злосторството, како и облека поврзана со убиството. Таа се смета за главна осомничена, но сè уште не е познато дали е испрашана.
Полицијата сè уште не објави детали за идентитетот на жртвата или осомничената. Гробиштата беа затворени за јавноста до 21 часот, а имаше силно полициско присуство. Екипата на местото на злосторството работеше доцна во ноќта и истрагата е во тек, пренесуваат медиумите во регионот.
Свет
Макрон: Војната во Украина е стратешки, воен и економски неуспех на Русија
Претседателот на Франција, Емануел Макрон, оцени дека војната во Украина, која трае веќе четири години, претставува „троен неуспех“ на Русија – воен, економски и стратешки.
„Четири години Европа се буди со звукот на руските бомби во Украина. Четири години агресивна војна избрана од Русија, со очигледно непочитување на меѓународното право, суверенитетот на народите и човечките животи. Четири години погодени градови, уништени училишта и болници, енергетска инфраструктура методично насочена кон туркање на семејствата во студ и терор. Четири години, 15.000 убиени украински цивили. Четири години уништени животи, насилство, силување, тортура, воени злосторства и терор. Четири години, илјадници украински деца оттргнати од нивната земја и нивните семејства. Но, четири години Украина цврсто стоеше и се спротивставуваше“, рече Маркон на социјалната мрежа Икс, објави „Фигаро“.
Макрон додаде дека Украина е „првата линија на одбрана на Европа“ и потврди дека Франција и европските земји цврсто стојат зад неа.
„Исто така, ќе продолжиме да ја таргетираме руската воена економија: ќе останеме на курсот на санкции и ќе продолжиме со нашите акции против „флотата на духови“. До оние кои мислат дека можат да сметаат на нашиот замор: грешат. Ние сме и ќе останеме со Украина“, нагласи францускиот претседател, објави Танјуг.

