Свет
Местото на Македонија е во НАТО
Мошне е важно Македонија да стане членка на НАТО. Ги исполнува сите критериуми, и да биде отфрлена само врз основа на прашањето за името, тоа, искрено кажано, е најбесмисленото нешто што воопшто сум го видела “, вели конгресменката Кендис Милер
Ми беше големо задоволство да ја примам наградата од Обединета македонска дијаспора, изјави за Гласот на Америка на македонски конгерсменката од Мичиген. Во мојата изборна единица – југоисточен Мичиген – сметаме дека го имаме најголемото македонско население во земјата. Сметаме дека тамошната македонска православна црква „Пресвета Богородица” е најголемата црква од тој вид. Едно од нештата што го научив од македонската заедница во мојата област е нивната љубов кон заедницата, љубовта кон семејството, и тоа како силната заедница и силното семејство градат слободи што сите ние ги бараме.Тоа навистина е заедничката цел што верувам дека САД ја споделуваат со Република Македонија – целта на слобода за секое човечко суштество.
VOA на македонски:Во писмо до државната секретарка Клинтон заедно со група конгресмени ја повикувате да ги приближи двете земји за решавање на проблемот со името.Реално гледано, што може да стори американската влада надвор од она што досега го има направено, за да се најде решение?
Кендис Милер:Мислам дека САД имаат значителен лост во сето ова. Мошне е важно секретарката Клинтон да ги приближи двете земји. Секако, кога станува збор за НАТО, мошне е важно Македонија да стане членка на НАТО. Ги исполнува сите критериуми, и да биде отфрлена само врз основа на прашањето за името, тоа, искрено кажано, е најбесмисленото нешто што воопшто сум го видела. Не знам за некој друг таков пример во историјата, особено не во историјата на НАТО. Треба да го надминеме тоа. VOA на македонски: Што, пак, Македонија треба да направи со цел поскоро да стане членка на НАТО?
Кендис Милер:Македонија ги исполни сите тестови што можам да ги замислам. Како Американец ви кажувам дека сме мошне благодарни за поддршката што ја добивме во војната против тероризмот, во Ирак, во Авганистан. Како што сведочиме дека Република Македонија има слободни и праведни избори, дека Република Македонија продолжува кон целта за систем на слободни пазари, не знам каков вид на други очекувања воопшто може да поставиме во однос на Република Македонија. Што поскоро стане членка на НАТО – тоа подобро.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Смената на режимот во Иран би била најдобрата работа
Претседателот на САД, Доналд Трамп синоќа изјави дека смената на режимот во Иран „би била најдобрата работа што може да се случи“.
– Само зборуваат и зборуваат и зборуваат веќе 47 години – наведе Трамп.
Тој потврди и дека најголемиот носач на авиони во светот „УСС Џералд Р. Форд“ од Карипско Море ќе биде распореден на Блиски Исток. Тој ќе се придружи на носачот „УСС Абрахам Линколн“ и на бродовите разорувачи со наведувачки ракети, кои во регионот се повеќе од две недели.
– Ќе ни треба во случај да не постигнеме договор. Многу брзо заминува – истакна Трамп.
Но, Трамп навести дека е можен договор со Иран и избегнување на воена операција.
– Ако ни дадат прав договор, нема да го сториме тоа – посочи Трамп.
Свет
(Видео) Бродот на Тито настрада на пристаништето во Риека
Вчера во риечкото пристаниште дојде до поморска незгода во која товарен брод удрил во бродот „Галеб“. Несреќата се случила додека „Галеб“ бил приврзан на Ријечкиот лукобран, а во него при маневрирање налетал товарниот брод DENIZ AKAY, кој плови под знамето на Барбадос.
Бродот од Риека требало да исплови за Турција, но по инцидентот сега тоа нема да биде во можност. Капетанот на капетанијата, Дарко Глажар, накратко изјавил дека, според првичните информации, многу е веројатно турскиот брод да имал дефект на погонскиот систем и дека веднаш му е издадена забрана за испловување од пристаништето додека не се утврдат сите потребни факти во овој судир.
Исто така, според првичните информации, нема повредени лица, а штетата на двата брода ќе се утврдува дополнително.
Свет
Маж нападна полицаец со нож во Париз
Маж вооружен со нож, кој се обиде да нападне полицаец кај Триумфалната капија во Париз, беше ранет од неколку куршуми испукани кон него од друг припадник на безбедносните сили, објави агенцијата Франс прес, повикувајќи се на полициски извор.
Напаѓачот е однесен во болница. Полицијата е присутна кај Триумфалната капија, споменик во центарот на Париз во близина на Шанзелизе, за церемонија на палење факел на Гробот на непознатиот војник.
Националното обвинителство за борба против тероризмот објави дека го презема случајот.
фото/Depositphotos

