Свет
Јушченко ја саботирал мисијата на патријархот Кирил ?
Рускиот патријарх Кирил кој е во својата десетдневна посета на Украина, го посетил градот Ровно, иако во неделата, на Илинден, секретаријатот на украинскиот претседател се обидел да го спречи во тоа
Иако авионот на рускиот патријарх Кирил наместо во градот Ровно во западна Украина слетал во Киев, со образложение дека „заради безбедност“ тоа го барала администрацијата на украинскиот претседател, сепак патријархот пристигнал во Ровно со автомобил. За измената во програмата на патријархот, и руската и украинската страна имале потполно различни верзии. Заменикот претседател на Одделението за надворешни врски на РПЦ, протоерејот Николај Балашов, изјавил дека одлуката за промената на планот била донесена по препорака на секретаријатот на претседателот на Украина, кој го советувал патријархот да не го посетува Ровно „заради опасност од судир кој би можел да донесе тешки последици“.Посетата била откажана, но само по неколку часа Кирил пристигнал во Ровно каде илјадници верници на РПЦ го дочекале со воодушевување. Како што пренесуваат новинските агенции, таму имало и околу триесетина националисти и претставници на непризнатата украинска црква кои протестирале против посетата со транспаренти на кои пишувало: „РПЦ е агент на московската империја“, „Рацете подалеку од украинското првославие“, „Украина не е Русија, ваше благородство“.Патријархот ја посетил катедралната Световоскресенска црква која пред 18 години ја зазеле расколниците. Таа денес е поделена на два дела. Во горниот дел, кој патријархот го именувал со зборот „катакомба“, се молеле верниците кои припаѓаат на Московската патријаршија. Долниот дел го користеле приврзаниците на Киевската патријаршија, црква која не е призната. Во западна Украина се наоѓаат поголем дел од црквите на Украинската православна црква т.н. Киевска патријаршија. Сите тие во 90-тите се припоиле кон новата непризната црква, предводени од свештеникот Филарет Денисенко и насилно ги одзеле земјиштата од РПЦ која пак, и ден-денес ги тужи за тоа, но без никаков резултат. Деновиве, расколниците барале од министерството за внатрешни работи да се забрани посетата на патријархот Кирил. Покрај украинската православна црква, која е во состав на Московската патријаршија, во Украина постојат и други непризнати цркви, од кои највлијателна е т.н. Украинска православна црква – Киевска патријаршија и помалку влијателната автокефална православна црква на Украина. Претседателот Виктор Јушченко одржувал односи со сите нив, но се смета дека дава предност на т.н. Киевска патријаршија и познат е неговиот став за создавање на „единствена украинска православна црква“ одвоена од Московската патријаршија.
Патријархот Кирил моментално е во посета на градот Почаев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Избран е новиот врховен лидер на Иран
Иранското Собрание на експерти го избра Моџтаба Хосеини Хамнеи за нов врховен лидер на Исламската Република, објавува Иран Интернешнл.
Овој историски и клучен политички потег за иднината на земјата дојде само неколку дена откако неговиот татко, долгогодишниот ајатолах Али Хамнеи, беше убиен во разорен израелски воздушен напад рано наутро во саботата.
Моџтаба Хамнеи е најстариот син на убиениот врховен лидер и личност со исклучително длабоки корени во безбедносниот и воениот апарат на државата.
Уште како млад човек, тој активно учествувал во крвавата војна Иран-Ирак, борејќи се токму во редовите на Револуционерната гарда. Неговото влијание особено се зајакна кога го презеде оперативното водство на озлогласената паравоена организација Басиџ, милиција која одигра клучна и брутална улога во насилното задушување на масовните антивладини протести по спорните претседателски избори во 2009 година.
Неговото официјално назначување на највисоката верска и политичка позиција во земјата испраќа недвосмислена порака до Западот, но и до домашната јавност, дека иранското раководство не планира никакви отстапки или поумерени политики во наредните денови.
фото/Depositphotos
Регион
Вучиќ лут на граѓаните: „Отидоа да се сончаат во Дубаи и не ме слушаа што зборував“
Првиот авион со патници од Дубаи слета во Белград рано утрово, а вториот се очекува во текот на ноќта. Српскиот претседател Александар Вучиќ е лут на граѓаните кои, како што вели, не го послушале, иако немало официјално државно предупредување против патување на Блискиот Исток, пишува N1 Белград.
„Сите оние кои се сончаа во Дубаи и не ме слушаа што зборував сега ќе ги бараат виновниците во нас, кои им помагаат да се извлечат од сето ова“, рече српскиот претседател.
Првото враќање од Емиратите до Србија беше успешно, иако летот беше одложен за неколку часа и помина подолг пат преку Оман. Патниците ја опишуваат хаотичната ситуација.
„Никој не не контактираше. Неколку пати се јавив во амбасадата, но немаа информации. Бевме сами“, рече еден од патниците. Други додадоа: „Не излеговме ниту се движевме многу. Амбасадорот не посети и тоа беше тоа.“
Еден патник рече: „Беше хаотично и воопшто не беше безопасно. Никој не ни зборуваше, но ниту ние не го очекувавме тоа. Сè решивме во лет.“ Сите се согласуваат за едно: „Секој може да каже што сака, но ситуацијата не беше безопасна.“
Дека ситуацијата не беше безопасна потврдуваат и експертите кои го следеа летот. „Безбедносните услови за тој лет не беа добри. Само 25 минути по полетувањето, целиот воздушен простор на Емиратите беше затворен бидејќи Министерството за одбрана објави дека бараж од балистички ракети се движи кон Емиратите“, вели Петар Војиновиќ од порталот „Танго Сикс“.
Ситуацијата на терен е непредвидлива, но оние што живеат и работат во Емиратите ја доживуваат поинаку од туристите.
„Градилиштето работи, има повеќе сообраќај на улиците, трговските центри се отворени, Бурџ Калифа не е евакуирана. Фала му на Бога, сè е нормално“, вели агентот за недвижности Милан Станиќ.
ИТ експертот Милан Шариќ размислува слично: „Жал ми е за туристите, нивната ситуација е поинаква. Тие се на аеродромот, слушаат звуци, не ѝ веруваат на владата тука, а за нив сè е различно“.
фото/Depositphotos
Свет
Иран: Сè уште не сме го употребиле нашето најнапредно оружје
Иран е подготвен за долга војна против САД и Израел и сè уште не го употребил своето најнапредно оружје, соопшти денес иранското министерство за одбрана.
„Имаме капацитет да се спротивставиме и да продолжиме со офанзивната одбрана подолго отколку што непријателот планираше за оваа наметната војна“, изјави портпаролот на министерството, Реза Талаеи-Ник, цитиран од официјалната новинска агенција ИРНА.
„Немаме намера да го распоредиме целото наше напредно оружје и опрема во првите неколку дена“, додаде тој.
Во меѓувреме, Револуционерната гарда вечерва објави дека испалила уште еден пламен од ракети кон Израел.
„Шеснаесеттиот бран на „Операција Вистинско ветување 4“ започна со голем број ракети и беспилотни летала лансирани од Воздухопловните сили на Револуционерната гарда кон срцето на окупираните територии“, се вели во соопштението, осврнувајќи се на Израел.
фото/Depositphotos

