Свет
Северна Кореја со нова нуклеарна закана
Северна Кореја протестираше против најавените заеднички воени маневри на јужнокорејската и американската армија, предупредувајќи дека ќе го употреби нуклеарното оружје за да ги уништи, доколку ја нападната, пренесе државната агенција од Пјонгјан, KCNA
Во понеделник Јужна Кореја и САД ќе ги започнат заедничките воени вежби кои вклучуваат компјутерски симулации и увежбување на комуникациите. Маневрите, како што се забележува во некои западни медиуми, доаѓаат во период кога од Пјонгјанг пристигнуваа ретки помирувачки тонови, а во тој контекст се наведува неодамнешното ослободување на двете американски новинарки Лора Линг и Еуна Ли, по интервенцијата на поранешниот американски претседател Бил Клинтон и неговата средба во Пјонгјанг со комунистичкиот лидер Ким Јонг Ил. Инаку, Северна Кореја, константно одржува воени вежби на кои се симулира извршување инвазија и нуклеарна војна. „Ако американските империјалисти и бандата на Ли Мунг Бак (претседателот на Јужна Кореја – з.н.) ја нападнат Корејската Народна Демократска Република со атомски бомби, тоа ќе предизвика одговор кон нив исто така со нуклеарно оружје. Ним треба да им биде јасно дека тоа е челичната волја на решителноста на корејската народна армија во секое време да Тие треба јасно да разбере“, стои во информацијата на KCNA во која се цитира изјава на висок офицер во армијата на Северна Кореја.САД во Јужна Кореја имаат стационирано 28.500 војници, како поддршка на нејзината армија која брои 670 илјади. Северна Кореја, пак, има во нејзините вооружени сили 1,2 милион војници, но аналитичарите сметаат дека се вооружени со застарено оружје.Двете Кореи, практично се’ уште се во војна, откако нивниот оружен конфликт од 1950 до 1953 г. заврши со потпишување прекин на огнот а не мировен договор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп ќе патува во Кина кон крајот на март, ќе преговара за царините
Американскиот претседател Доналд Трамп ќе ја посети Кина од 31 март до 2 април, потврди во петокот функционер на Белата куќа, со што се утврдени датумите за долгоочекуваниот самит во услови на тензии меѓу двете најголеми економии во светот, објави Ројтерс.
Се очекува Трамп да се сретне со кинескиот претседател Кси Џинпинг за време на посетата. Двете страни моментално размислуваат дали да го продолжат трговското примирје кое ја запре ескалацијата на царините, рече функционерот, кој побара да не биде именуван бидејќи деталите сè уште не се официјално објавени.
Самиот Трамп го најави патувањето во Кина во четврток пред странските лидери, велејќи: „Ќе биде лудо. Мораме да го направиме најголемиот спектакл во историјата на Кина“.
Тоа ќе биде првиот разговор меѓу двајцата лидери од февруари и нивната прва средба лице в лице од средбата во Јужна Кореја минатиот октомври, кога Трамп се согласи да ги намали царините за Кина во замена за ветувањето на Пекинг да се справи со нелегалната трговија со фентанил, да продолжи да купува американска соја и да обезбеди непречен извоз на ретки метали.
Свет
Пристигна првата реакција на ЕУ за укинувањето на царините на Трамп
Европската Унија повика на стабилност во трансатлантските трговски односи откако Врховниот суд на Соединетите Американски Држави пресуди со 6-3 гласови за поништување на сеопфатните царини на претседателот Доналд Трамп, објави Политико.
„Во близок контакт сме со американската администрација и чекаме разјаснување за чекорите што тие планираат да ги преземат како одговор на оваа пресуда“, изјави Олоф Гил, заменик-главен портпарол на Европската комисија. „Компаниите од двете страни на Атлантикот зависат од стабилноста и предвидливоста во трговските односи. Затоа остануваме посветени на ниските царини и работиме на нивно намалување“, додаде Гил.
Очекувањето во Европската Унија е дека администрацијата на Трамп повторно ќе воведе царини преку други средства, како што е преку истрагите по Член 232, кои веќе воведоа царини за европски челик и алуминиум во минатото.
„Ја следевме оваа одлука, но очекуваме американската администрација да користи други правни инструменти за повторно воведување царини“, изјави француски дипломат за Политико.
Свет
Врховниот суд ги поништува царините на Трамп
Врховниот суд на САД денес пресуди дека претседателот Доналд Трамп го прекршил федералниот закон кога еднострано вовел широки царини на глобално ниво. Одлуката е голем удар за Белата куќа по прашање кое е клучно за надворешната и економската политика на претседателот, објавува CNN.
Пресудата, според медиумот, веројатно е најзначајниот пораз што втората администрација на Трамп го претрпе пред Врховниот суд, во кој доминираат конзервативни судии. Минатата година, судот постојано застана на страната на претседателот во случаи поврзани со имиграција, отстранување на раководители на независни агенции и длабоки намалувања на владините трошоци.
Мнозинското мислење, кое беше поддржано од шест од деветте судии, го напиша главниот судија Џон Робертс. Во образложението се наведува дека царините се нелегални затоа што Трамп ги надминал своите овластувања.
„Претседателот си ја присвојува вонредната моќ еднострано да воведува царини со неограничен износ, времетраење и обем“, напиша Робертс за судот. „Со оглед на обемот, историјата и уставниот контекст на овластувањето што го повикува, тој мора да покаже јасно конгресно овластување за негова употреба.“
Судот заклучи дека вонредната моќ што Трамп се обиде да ја повика „не е доволна“, пренесува медиумот.

