Свет
Најмалку една жртва во бомбашки напад на аеродромот во Кабул
Бомбаш-самоубиец детонирал експлозив во автомобил пред базата на НАТО на интернационалниот аеродром во Кабул, Авганистан, утрово, при што убил најмалку еден цивил, соопштуваат надлежните, јави Ројтерс
Од Министерството за здравство, соопштено е дека најмалку едно лице е убиено во експлозијата, а седум други биле повредени и биле однесени во болниците низ главниот град. Сопственик на продавница во близина на експлозијата посведочил за Ројтерс дека бомбашот се разнесол во близина на воениот дел на аеродромот. „Бомбаш-самоубиец во џип се разнесе себеси на главната капија обезбедувана од војници од Непал. Таму имаше Тојота Корола паркирана во близина и едно лице внатре беше повредено“, вели очевидецот за Ројтерс.
Уште еден човек кој возел велосипед паднал на земја, а полицијата однесла уште еден повреден. Талибанците ја презедоа одговорноста за експлозијата, соопштувајќи дека цел биле странски војници на аеродромот. НАТО, која е задолжена за контрола на тој дел од аеродромот, нема коментар за настанот.
Големи пламени јазици се забележувале од местото на експлозијата, а сирени на предупредување се слушале на неколку километри. Аеродромот на кој неколку пати во минатото се случувале напади продолжил да работи без проблеми и задоцнувања, барем цивилниот дел, соопштиле аеродромските служби.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бангладеш го погоди силен земјотрес: најмалку тројца загинати и повеќе повредени
Најмалку три лица загинале, а неколку се повредени по земјотрес со јачина од 5,7 степени што го погоди Бангладеш. Оштетени се згради во повеќе области, вклучително и во густо населената Дака. Тлото се тресело и во источните индиски региони, но засега нема поголема штета, јавија властите.
Според Американската геолошка служба, епицентарот бил во градот Нарсингди, околу 40 километри источно од Дака.
Сведоци на „Ројтерс“ опишале паника на улиците и урнати конструкции. Тројца загинале кога ограда на шесткатница се урнала за време на потресот.
Противпожарните служби пријавиле повреди од паѓање тули и цемент од градилишта. Привремениот премиер Мухамад Јунус апелирал граѓаните да останат мирни и да не подлегнуваат на гласини или дезинформации додека се проценува штетата.
Европа
Шведски генерал: Русија наскоро ќе го тестира Членот 5 на НАТО
Шведскиот генерал Мајкл Клаесон предупреди дека Русија наскоро ќе се обиде да ја тестира колективната одбрана на НАТО според Член 5 и рече дека Европа мора да се подготви да употреби сила за да ја одврати Москва. Тој го кажа ова во интервју за Политико.
„Сигурен сум и убеден дека во секој момент ќе бидат подготвени да го тестираат Член 5 на НАТО во балтичките држави или во некој друг дел од Европа“, рече Клаесон.
„Тие се подготвени да преземат огромни стратешки ризици за да го постигнат она што мислат дека можат да го постигнат. Го видовме ова уште од Чеченија, го видовме ова во Грузија, го видовме ова на Крим“, рече тој.
Клаесон нагласи дека Европа не е подготвена за потенцијален конфликт со Русија, кој го опиша како „системски конфликт… чие решавање ќе потрае долго време“.
„Зборуваме за генерација во принцип… ова нема да исчезне со евентуално прекин на огнот или мировен договор во Украина“, додаде тој.
Тој исто така рече дека само дипломатијата нема да ја запре Русија.
„Единствениот јазик што го разбираат е силата“, рече Клаесон. „Мора да бидеме цврсти… постојаното повлекување не е вистинскиот одговор бидејќи ги охрабрува“, заклучи тој.
фото: принтскрин
Свет
Волстрит џурнал: Рубио денес ќе разговара со европските претставници за мировниот план за Украина
Американскиот државен секретар Марко Рубио планира денес да разговара со европските претставници за новиот американски план за мирно решавање на конфликтот во Украина, објави „Волстрит џурнал“.
Според весникот, Рубио, кој е и советник на претседателот за национална безбедност, ќе разговара со високи европски претставници задолжени за национална безбедност.
Во текстот се наведува дека неколку високи европски дипломати изразиле надеж дека ќе им биде дадена можност да ги изнесат своите загрижености во врска со евентуалните планови за решавање на украинската криза.
Според американскиот план, како што пренесуваат западните медиуми, САД и други држави ќе треба да го признаат суверенитетот на Русија над Крим, Донбас и други територии од кои Украина ќе мора да се откаже. За возврат, Киев ќе добие американски и европски безбедносни гаранции. Ќе се формира демилитаризирана зона и украинските трупи ќе бидат повлечени од тие области. Порталот „Аксиос“, повикувајќи се на неименуван американски претставник, додаде дека линијата на контакт меѓу Русија и Украина во Херсонскиот и Запорожкиот регион ќе биде „замрзната“, а Русија ќе треба да врати дел од областите на Украина. Украинската армија значително ќе се намали и ќе ги изгуби далекуметните оружја. Планот забранува распоредување странски трупи и обезбедува државен статус за рускиот јазик. „Блумберг“ објави дека санкциите против Русија исто така ќе бидат укинати.

