Свет
Досега 136 жртви во експлозиите во Багдад
До пладнето во двете силни експлозии во центарот на Багдад, бројката загинати се искачи на 136 лица и 520 ранети, пренесува BBC повикувајќи се на болнички извори
Багдадските полициски власти засега потврдуваа сигурни 92 загинати лица, меѓу кои има и жени, а се претпоставува дека бројката ранети е над 600. Репортерите и натаму јавуваат дека во центарот на Багдад се извива густ чад и дека центарот на главниот ирачки град е претворен во боиште како последица на разорниот експлозив, а постојано се слуша завивањето на болничките возила. „Ѕидовите се распаднаа и едноставно ги снема. Има многу ранети“, сведочи Јасмин Афадал, кој е вработен во провинциската администрација, која беше една од целите на нападот од недела наутро. Вториот автомобил-бомба беше употребен за напад на блиската зграда на ирачкото Министерството за правда, а се претпоставува дека е избрано за цел заради подготовките за изборите закажани во јануари кога се очекува зголемување на насилството. Според полицијата, двете возила биле паркирани во гаражите на владините институции.„Нападите се насочени против владата и политичкиот процес во државата“, изјавил генерал-мајорот Касим ал-Мусави, порппарол на специјални операции при командата во Багдад, за Associated Press. Во координираните експлозии врз истите институции во август годинава загинаа повеќе од сто луѓе. Багдадските медиуми најавија дека премиерот Нури ал Малики во текот на денот ќе го обиколи местото на трагедијата кое се наоѓа на само неколку стотина метри од силно заштитената Зелена зона каде што е сместена амбасадата на САД и канцелариите на највисоките ирачки државници.Според Мохамед ал Рубаири, шиитски член на Багдадскиот провинциски совет, најмалку 25 членови на советот и персоналот биле убиени. Аматерски снимки од мобилен телефон покажуваат дека при втората експлозија се формирала голема огнена топка, а била проследена со истрели од автомати. Во нападот биле повредени и три лица ангажирани за обезбедување на американската амбасада, но нема американски жртви, соопштил портпаролот Филип Фрејни, кој не прецизирал за карактерот на нивните повреди ниту како биле повредени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Шефот на НАТО: Кина сака добри односи со Западот и и помага на Русија, не може да ги има и двете
Кина мора да престане да ја поддржува руската војна во Украина ако сака да ужива во добри односи со Западот, изјави денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, предупредувајќи го Пекинг со невообичаено остри зборови дека не може да ги има и двете. За време на посетата на Берлин, шефот на западната воена алијанса рече дека помошта на Пекинг е од витално значење за воените напори на Москва бидејќи ја зајакнува воената економија на Русија со споделување на врвна технологија, како што се полупроводниците.
„Минатата година Русија увезе 90 отсто од својата микроелектроника од Кина, која се користи за производство на проектили, тенкови и авиони. Кина исто така работи на Русија да и обезбеди подобрени сателитски способности“, рече Столтенберг. „Кина вели дека сака добри односи со Западот. Во исто време, Пекинг продолжува да го поттикнува најголемиот вооружен конфликт во Европа од Втората светска војна. Не може да ги има и двете“, предупреди тој.
Столтенберг ги предупреди западните сојузници да не станат зависни од Кина како што беа од Русија. „Во минатото направивме грешка што станавме зависни од руската нафта и гас. Не смееме да ја повториме таа грешка со Кина и да зависиме од нејзините пари, суровини и технологии. Зависноста не прави ранливи“, додаде тој.
Кина ги зајакна трговските и воените врски со Русија во последниве години, бидејќи САД и нивните сојузници воведоа санкции и на двете, но особено на Москва, поради нејзината инвазија на Украина. Рускиот претседател Владимир Путин изјави во четвртокот дека планира да отпатува за Кина во мај, но не прецизираше точно кога.
Свет
САД градат привремено пристаниште во близина на Газа за испраќање хуманитарна помош
Соединетите Држави почнаа да градат пристаниште во Газа, соопшти денеска Пентагон, проект кој треба да ја олесни испораката на хуманитарна помош на палестинската територија. Пристаништето треба да профункционира на почетокот на мај.
Во март, претседателот Џо Бајден објави дека американската војска ќе изгради привремено пристаниште на медитеранскиот брег на Газа за да добива хуманитарна помош по море.
Изградбата е дел од напорите да се спречи гладувањето во палестинската енклава, која веќе пет месеци се наоѓа во средината на израелската воена кампања против Хамас, која го опустоши Појас Газа и ги потопи нејзините 2,3 милиони луѓе во хуманитарна катастрофа.
„Можам да потврдам дека американските воени бродови, вклучително и УСНС Бенавидез, почнаа да градат привремено пристаниште…“ изјави за новинарите портпаролот на Пентагон, Патрик Рајдер.
ОН предупредија дека Газа е во опасност од глад и се пожалија на „огромни пречки“ при добивањето помош и нејзино дистрибуирање низ енклавата.
Агенциите за помош и администрацијата на Бајден го молеа Израел да ја олесни испораката на помош во Газа и да им дозволи на нивните конвои безбедно поминување на територијата.
Рајдер рече дека Пентагон следи некој вид минофрлачки напад во Газа што предизвика минимална штета во близина на областа каде што се гради пристаништето, но додаде дека американските сили сè уште не почнале да преместуваат ништо во областа и дека нема американски сили на теренот.
Свет
(Видео) Големи поплави во Танзанија, загинаа 155 луѓе
Во поплавите во Танзанија загинаа 155 луѓе, а најмалку 236 се повредени, изјави денеска премиерот Касим Мајалива. Во поплавите оштетени се повеќе од 10.000 куќи.
Премиерот додаде дека обилните дождови предизвикани од Ел Нино и придружени со силен ветер доведоа до поплави и лизгање на земјиштето во различни делови на земјата.
„Многу луѓе загинаа. Имаше штета на посевите, куќите, инфраструктурата како патишта, мостови и железници“, рече Мајалива.
Поплави ја погодија и Кенија, која се граничи со Танзанија на истокот на Африка, при што загинаа повеќе од 30 луѓе, пишува Си-ен-ен.
Во Кенија врне силен дожд од средината на март, а врнежите се интензивираа минатата недела. Кенискиот Црвен крст изврши повеќе од 188 спасувачки операции од март. Властите вчера затворија некои патишта во главниот град на Кенија, а неколку населби беа поплавени.