Свет
Тројца кинески рудари спасени по осум дена
Тројца рудари повеќе од осум денови беа заробени во рудник за јаглен во северозападниот дел од Кина, а денеска спасувачите успеале живи да ги извлечат од окното
Рударите биле дел од 27-те работници кои се наоѓале во окното кое се урна на 17-ти октомври. Другите 24 рудари успеаја навреме да избегаат од рудникот, додека тројцата останаа затрупани под земјата. Заробените рудари успеале да најдат место во рудникот каде што имало циркулација на воздух, а имале и вода за пиење што ја користеле шест дена. Пред два дена спасувачките екипи успеале да направат мал отвор до местото каде што се наоѓале низ кој им дотурале храна и вода. Откако е обезбедено местото од повторно уривање, тројцата биле извлечени и пренесени во болница. Годишно во несреќите во кинеските рудници поради слаби мерки за обезбедување, животите ги губат околу седум илјади рудари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Украина го нападна турскиот гасовод во Русија, тврди Москва
Русија соопшти дека Украина се обидела да нападне компресорска станица што го снабдува гасоводот Турски тек.
Руското Министерство за одбрана објави дека противвоздушната одбрана соборила девет украински беспилотни летала кои се движеле кон компресорската станица Рускаја во јужниот руски регион Краснодар.
Наведено е дека нема жртви меѓу персоналот стациониран на станицата, иако инфраструктурата претрпела мала штета „поради фрагменти од соборените дронови“. Екипите за итни случаи на ПЈС Гаспром веднаш ги елиминираа последиците од паѓањето на отпадот, а опремата е обновена“, се вели во соопштението.
Тие додадоа дека нема прекини во работата на станицата, тврдејќи дека целта на нападот била да се запре испораката на руски гас за европските земји.
Украинските власти се уште не ги коментирале руските тврдења. Турски тек е гасовод кој води од Русија до Турција. Почнува од компресорската станица Рускаја во близина на Анапа во Краснодарскиот регион во Русија, минувајќи низ Црното Море до терминалот за прием во Кијикој во северозападна Турција.
Овој гасовод се состои од два крака од 930 километри, кои се протегаат од Русија до Турција преку Црното Море, и посебен крак од копно од 142 и 70 километри. Првиот крак со капацитет од 15,75 милијарди кубни метри е наменет за снабдување на домашните корисници во Турција, а вториот со уште 15,75 милијарди кубни метри го транспортира рускиот гас понатаму во југоисточна и централна Европа.
Турски тек беше официјално отворен на 8 јануари 2020 година, а неговата изградба започна во мај 2017 година.
Свет
Сојузник на Трамп: Маск е навистина злобен човек, моја мисија е да го отстранам
Во ескалацијата на незадоволството меѓу најистакнатите следбеници на Доналд Трамп, неговиот поранешен советник Стив Банон го нарече најновиот миленик на Трамп, Илон Маск „расист“ и „навистина злобен човек“.
Во интервју за Corriere della Sera, Банон го критикуваше прифаќањето на некои форми на имиграција од страна на Маск и вети дека ќе се погрижи Маск да нема пристап до Белата куќа на највисоко ниво. „Тој е навистина злобен човек, многу лош човек. Си поставив задача да го отстранам тој човек. Претходно, бидејќи инвестираше пари, јас бев подготвен да го толерирам тоа – но не повеќе“, нагласи тој.
„Ќе го натерам Илон Маск да избега од овде до денот на инаугурацијата. Тој нема да има целосен пристап до Белата куќа. Тој ќе биде како и секоја друга личност“, додаде тој. Маск стана еден од најголемите поддржувачи на Трамп за време на републиканската кампања за враќање на Трамп на претседателската функција на САД.
Наводно потрошил околу 270 милиони долари за да му помогне на Трамп да победи, пишува Гардијан. По неговата победа, Трамп го избра Маск да ја води советничката група посветена на намалувањето на трошоците на американската влада.
Сепак, прифаќањето на визите H-1B од страна на Маск, кои им дозволуваат на компаниите – како „Спејс Икс“ и „Тесла“ на Маск – да ангажираат квалификувани професионалци и инженери надвор од САД, не помина добро кај долгогодишните поддржувачи на Трамп кои се противат на речиси сите форми на имиграција. Маск, кој е роден во Јужна Африка, и самиот имал виза H-1B.
„Оваа работа со визите H-1B, се работи за тоа дека технолошките господари го изиграа целиот систем за имиграција. Тие го користат во своја полза. Луѓето се бесни“, рече Банон, кој беше отпуштен од неговата позиција во Белата куќа од Трамп за време на неговиот прв мандат.
Свет
Фицо: Со запирање на протокот на гас низ Украина, Европа ќе загуби многу, а цените ќе пораснат
Словачкиот премиер Роберт Фицо изјави дека земјата ќе го добие гасот што се обврза да го испорачува од Русија, но дека проблем за Братислава е прекинот на транзитот на рускиот гас преку Словачка до другите западноевропски земји и губењето на транзитните такси.
Фицо изјави за телевизијата ТА3 дека, по запирање на транзитот на гас преку Украина, за транзит на гас треба да се користат алтернативни патишта, како што е гасоводот низ Унгарија, објави словачки Хнонлајн.
„Во 2024 година беа преземени сите мерки затоа што моравме да сметаме на можноста за запирање на протокот на гас од исток, имаме полни резервоари, имаме договори за диверзификација, што се однесува до домашната потрошувачка, сè уште немаме проблеми“, рече Фицо, кој додаде дека руската страна потврдила дека ќе испорача од три до 3,5 милијарди кубни метри гас.
Словачкиот премиер повтори дека, според него, Словачка ќе загуби 500 милиони евра од таксата поради прекинот на транзитот на гас.
Тој рече дека со запирање на протокот на гас низ Украина, Европа ќе загуби приближно 13,5 милијарди кубни метри гас, што ќе изврши притисок врз цените, кои, според него, во моментов се пет пати повисоки отколку во САД.
„Ова е главната причина зошто бев во Брисел, каде ја предупредив Комисијата, тие тоа многу добро го знаат. Доколку не продолжиме да работиме на увоз на одредена количина гас од исток преку Украина, тогаш ќе бидеме сведоци на недостиг на гас во Европа и ќе бидеме сведоци на огромно зголемување на цените на гасот во Европа“, нагласи Фицо.
Фицо потсети дека, доколку ситуацијата не се промени во рок од неколку недели, ќе иницира реципрочни мерки против Украина, кои веќе ги најави во четврток.
Како пример за реципрочни мерки, Фицо го наведе прекинот на снабдувањето со електрична енергија за Украина, стопирањето на хуманитарната помош или дури и ставањето вето на понатамошната помош за Украина од ЕУ.
Министерката за економија Дениса Сакова во четвртокот разговараше за транзит на гас преку Украина со европскиот комесар за енергетика Дан Јоргенсен, по што беше најавено дека од следната недела ќе се формира посебна група на ниво на ЕУ, со учество на словачкиот министер.
Украина најави дека нема да учествува во работата на оваа група.
Од 1 јануари оваа година, рускиот гас повеќе не тече низ Украина до земјите од Европската унија, бидејќи петгодишниот договор за снабдување истече и не беше обновен.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно изнесе тврдење дека Украина му понудила помош на словачкиот народ за време на периодот на прилагодување на недостатокот на транзит на гас од Русија, но дека Братислава ја одбила.