Свет
Војници и оклопни возила тргнале на Техеран

Војници и оклопни возила се движат кон Техеран каде приврзаниците на опозицискиот лидер Мирхосеини Мусави најавија протестни собири, се наведува на интернет страницата на иранската опозиција Џарас
Светсктие агенции ја пренесуваат информацијата од Џарас дека стотини војници и неколку десетици оклопни возила се движат кон Техеран. Некои од возилата се користени за потиснување на уличните протести, се наведува во соопштението, и се додава дека на плоштадите на иранската престолнина се присутни сили за безбедност.Шефот на иранската полиција вчера ги предупреди приврзаниците на Мусави дека очекуваат жестока реакција на полицијата, доколку се придружат на „нелегалните антивладини протести“.Во масовните протести организирани за време на верскиот празник Ашура, во неделата се убиени осум лица, а најмалку 20 угкедни опозиционери се уапсени. Провладини протести се одржани во понеделникот. На нив учествуваа повеќе стотици илјади луѓе. Во таа пригода се упатени повици опозициските лидери да бидат погубени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Путин: Ќе ставиме крај на војната под наши услови

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека крајната цел на специјалната воена операција во Украина е воспоставување на долгорочен и одржлив мир, кој ќе ја гарантира безбедноста на Русија и ќе ги заштити интересите на руско-јазичното население во Украина.
Во интервју за руската државна телевизија, Путин нагласи дека Москва има доволно сила за да ја заврши војната според своите услови.
„Овој резултат ги елиминира причините што ја предизвикаа оваа криза, создава услови за долгорочен одржлив мир и обезбедува безбедност на руската држава“, рече Путин, пренесуваат руските медиуми.
Тој додаде дека Русија мора да ги брани луѓето кои зборуваат руски јазик и кои ја сметаат Русија за своја татковина.
„Нивните интереси мора да бидат заштитени“, потенцираше рускиот претседател.
Свет
Рубио: Русија подготвува предлог за прекин на огнот во Украина

Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека Русија подготвува документ со барања за прекин на огнот во Украина, што би можело да отвори пат за продолжување на мировните преговори. Изјавата доаѓа по телефонскиот разговор што Рубио го оствари со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.
Во интервју за американската телевизија Си-Би-Ес, Рубио посочи дека и Украина работи на сопствен предлог и изрази надеж дека двете страни ќе излезат со свои документи во наредните денови.
„Ако тие листи имаат идеи кои се реални и рационални, тогаш мислам дека сме постигнале напредок. Но, ако барањата се нереални, ќе мора да направиме поинаква проценка“, рече Рубио, додавајќи дека овој процес не смее да се претвори во бесконечни разговори без резултати.
Тој истакна дека директен дијалог меѓу рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски би имал позитивен ефект врз преговорите и дека очекува тоа да се случи наскоро.
Рубио потврди дека со Лавров разговарал и за време на преговорите меѓу руската и украинската делегација во Истанбул, одржани на 16 мај. Тој ги оцени разговорите како конструктивни, бидејќи бил постигнат договор за размена на 1.000 воени заробеници од двете страни.
На прашањето дали Русија преку новите преговори се обидува само да добие на време, Рубио одговори: „Тоа ќе се покаже сега“.
Свет
Папата Лав XIV: Ќе работам на единството, Црквата да биде симбол на мирот во светот

На инаугуративната миса одржана денеска на плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан, новоизбраниот папа Лав XIV вети дека ќе се залага за единство во Римокатоличката црква, повикувајќи на помирување и слога во време на длабоки поделби.
„Сакам Црквата да биде симбол на мирот во светот. Единството не е само наш повик, туку и наш долг“, изјави Папата во својата прва проповед пред десетици илјади верници, како и бројни светски и црковни лидери кои присуствуваа на свечената церемонија.
Американските медиуми ја истакнуваат важноста на оваа порака, особено во контекст на се поголемата поларизација во рамките на Римокатоличката црква, особено во САД.
Во текот на свеченоста, на папата Лав XIV му беа врачени и трите главни симболи на неговата папска функција: палиумот, литургиската облека и рибарскиот прстен – познат како Пискаторски прстен.
Литургиската облека е изработена од јагнешка волна, што ја симболизира улогата на папата како пастир. Палиумот, кој се носи преку рамото и се прицврстува со три иглички што потсетуваат на шајките од Христовиот крст, го претставува товарот и мисијата на пастирската служба. Рибарскиот прстен, кој традиционално се уништува по смртта на папата, го симболизира односот на Светиот Отец со Свети Петар, првиот папа и рибар по занимање.
Папата Лав XIV стапува на функцијата во време на глобални предизвици и духовни расколи, со порака дека ќе ја води Црквата кон помирување и обновување на довербата кај верниците ширум светот.