Свет
Сара Пејлин стана коментатор за Fox News

Поранешниот гувернер на Аљаска, Сара Пејлин, потпиша договор како коментатор со телевизискиот канал Fox News, пренесе BBC
Пејлин, која како претставник на Републиканската партија, се кандидираше за потпретседател на САД во изборите од 2008 година, се повлече од гувернерското место на Аљаска во јули 2009. Финансиските детали за договорот со Fox сеуште не се објавени.„Мило ми е што се придружувам на Fox News каде менаџерскиот тим има огромен талент. Прекрасно е да се биде дел од место кое ги дели вредностите на фер и балансирани вести,“ рече Пејлин во изјава дадена за веб сајтот на телевизијата.Потпретседателот на телевизијата, Бил Шајн, рече дека сите во ТВ мрежата се возбудени што ќе го додадат динамичниот глас на Пејлин во етерот. Сара Пејлин стана славна скоро преку ноќ, кога Републиканската партија ја кандидираше за потпретседател на САД, рамо до рамо со претседателскиот кандидат Џон Меккејн во изборите во 2008 година.Нејзината оставка од гувернерското место, 17 месеци пред завршување на мандатот, започна шпекулации дека таа планира да започне кариера во телевизијата.Одговорните во Fox News сметаат дека со одлуката за вработување на Пејлин, ќе го зголемат својот рејтинг кај конзервативните гледачи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
САД испраќаат трет носач на авиони на Блискиот Исток

САД испраќаат трет носач на авиони на Блискиот Исток, поради ескалацијата на тензиите меѓу Израел и Иран, објави Ројтерс, повикувајќи се на американски официјални лица.
Американскиот носач на авиони УСС Џералд Р. Форд ќе ја напушти својата база во Норфолк, Вирџинија, на 24 јуни, соопшти американската морнарица. Станува збор за планирано распоредување во областа на операции на Европската команда на САД (EUCOM), но неговото пристигнување во близина на Медитеранот значи дека третиот американски носач ќе биде во дофат на потенцијален конфликт на Блискиот Исток.
УСС Карл Винсон веќе е во регионот, учествувајќи во воздушни операции против бунтовниците Хути во Јемен, поддржани од Иран. Трет носач, УСС Нимиц, исто така се испраќа во регионот, потврди висок американски функционер за одбрана.
Министерот за одбрана Пит Хегсет издаде наредба за „одржување на одбранбената положба и заштита на американскиот персонал“.
Како што објави Ројтерс, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ќе одлучи во рок од две недели дали САД ќе се приклучат на нападите на Израел врз Иран. Тој додаде дека сè уште постои шанса за преговори со Техеран.
Трамп вчера изјави дека врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, е „лесна цел“, нагласувајќи дека не ја исклучил можноста за воена акција. Да потсетиме дека Трамп се повлече од нуклеарниот договор со Иран од 2015 година, а сега ги поддржува израелските напади врз иранските нуклеарни објекти и воени команданти.
Свет
Завршија разговорите меѓу ЕУ и Иран во Женева

Преговорите меѓу европските министри за надворешни работи и иранската делегација во Женева, одржани со цел смирување на ескалацијата на конфликтот меѓу Иран и Израел, завршија. Средбата траеше цел ден, а по завршувањето, учесниците дадоа кратки изјави за медиумите.
Потпретседателката на Европската комисија и естонска премиерка, Каја Калас, нагласи дека регионалната ескалација „не е од корист за никого“ и дека „затоа мора да ги држиме отворени каналите за комуникација“.
Таа додаде дека двете страни се согласиле да продолжат со разговорите за нуклеарните прашања, но и за пошироките прашања.
Британскиот министер за надворешни работи, Дејвид Лами, беше директен:
„Јасно ставивме до знаење: Иран не смее да има нуклеарно оружје“.
Тој додаде дека тој и неговите европски колеги се „решени да продолжат со преговорите со Иран“ и ја нагласи важноста од продолжување на разговорите меѓу Иран и САД.
„Ова е опасен момент и е исклучително важно да нема регионална ескалација“, предупреди Лами.
Свет
Иран: Разговорите во Женева беа сериозни и достоинствени, подготвени сме да продолжиме

Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, ги опиша денешните разговори во Женева со претставници на Обединетото Кралство, Германија, Франција и Европската Унија како „сериозни и достоинствени“.
Во изјава по состанокот, тој рече дека Иран е подготвен да го преиспита дипломатскиот пристап и го поддржува продолжувањето на разговорите.
„Подготвени сме за нови состаноци со земјите од Е3 и Европската Унија во блиска иднина“, рече Арагчи.
Така, Иран ја отвори вратата за понатамошна дипломатија откако сите учесници на денешните разговори во Женева, одржани со цел да се спречи ескалацијата на конфликтот меѓу Иран и Израел, ја нагласија важноста од продолжување на дијалогот и спречување на регионалното ширење на конфликтот