Свет
По неуспехот да формира влада, Караме се повлече од премиерската функција

Либанскиот просириски премиер Омар Караме објави дека се повлекува од премиерската функција, откако не успеа да формира нова влада што требаше да управува со земјата до изборите во мај.
Либанскиот просириски премиер Омар Караме објави дека се повлекува од премиерската функција, откако не успеа да формира нова влада што требаше да управува со земјата до изборите во мај. Како што јавуваат денеска медиумите, оставката на Караме го поставува под уште поголем знак прашалник навременото одржување на изборите и ја продлабочува политичката криза во земјата што се појави по убиството на поранешниот премиер Рафик Харири. Премиерот Караме изјави дека се уште има доволно време изборите да бидат одржани пред истекот на мандатот на актуелниот парламент на 31 мај. Според уставот на Либан, владата треба да го одреди датумот за изборите најмалку еден месец пред спроведувањето на изборите. Во Либан нема влада, откако Караме на 28 февруари поднесе оставка, соочен со народните протести поради смртта на Харири. Либанскиот парламент му додели нов мандат на Караме да формира нов кабинет, но тој реши да се повлече по неуспехот на преговорите за состав на нова влада. /крај/бг/ст/б
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Се огласи Трамп по изборот на новиот папа: Голема чест за нашата земја

Американскиот претседател, Доналд Трамп, денес му честиташе на новиот папа Лав 14 за изборот за нов поглавар на Католичката црква, наведувајќи дека е „голема чест“ што тој е првиот американски папа.
„Честитки до кардиналот Роберт Франсис Превост, кој штотуку беше назначен за папа. Голема чест е да се дознае дека тој е првиот американски папа. Каква возбуда и каква голема чест за нашата земја. Со нетрпение очекувам да се сретнам со папата Лав 14. Тоа ќе биде многу значаен момент“, напиша Трамп во објава на платформата TruthSocial.
Свет
(Видео) Папата Лав 14 го одржа првиот говор: „Бог нè сака сите, безусловно“

Новиот поглавар на Католичката црква, папата Лав 14, вечерва се појави на главниот балкон на базиликата „Свети Петар“ и го одржа својот прв говор по изборот пред десетици илјади собрани верници.
Во своето прво обраќање до верниците, 70-годишниот папа Лав 14, роден во Чикаго, започна со зборовите: „Мир со сите вас. Браќа и сестри, ова е првиот поздрав од воскреснатиот Христос. Би сакал да упатам поздрав на мир што ќе стигне до вашите семејства, до сите вас, каде и да сте. Нека биде мирот со вас.“
Тој го одржа својот говор на италијански, а публиката го поздрави со громогласен аплауз и навивање.
Потоа Папата продолжи со порака за љубов и единство, велејќи дека „Бог нè сака сите, безусловно“. Тој му се заблагодари на својот претходник, папата Франциск, и изрази желба, како него, да им го даде својот благослов на верниците на плоштадот „Свети Петар“.
„На човештвото му е потребен Христос како мост преку кој ќе стигне до Бога и неговата љубов. Помогнете ни, и дозволете ни да си помагаме едни на други, да градиме мостови“, рече новиот папа.
Во последниот дел од својот говор, Папата ги покани верниците заедно да се молат на Дева Марија, а плоштадот повторно одекна со ентузијазам.
По молитвата, тој прочита дел од светиот текст на латински јазик во чест на светците и Дева Марија.
Свет
Новиот папа е Американецот Роберт Превост

Новиот папа е 70-годишниот Американец Роберт Превост. Тој го зел името Лав XIV.
Поголемиот дел од својот свештенички живот го поминал надвор од Соединетите Американски Држави, претежно во Перу, каде што бил пастор, професор, едукатор и епископ. Ова го прави еден од ретките американски кардинали со длабоко искуство во Латинска Америка.
Тој е префект на Дикастеријата за епископи, една од највлијателните позиции во Ватикан. Превост е умерен, способен за дијалог и поврзување на различни струи во Црквата, веруваат аналитичарите. Неговиот стил и приоритети се блиски до реформскиот дух на папата Франциск, поради што ужива поддршка од некои кардинали кои сакаат континуитет.
„Гардијан“ пишува дека Превост е „ѕвезда во подем“ и го цитира католичкиот весник „Крукс“ во кој се вели дека Превост е „познат по својата цврста проценка и остри вештини за слушање“. „Гардијан“ пишува дека Превост го засени фаворитот Паролин.
Тој се соочува со критики за начинот на кој се справувал со случаите на сексуална злоупотреба за време на неговата служба во Перу и претходно во САД. Иако неговите застапници нагласуваат дека тој дејствувал според црковните правила, некои критичари веруваат дека тој не реагирал доволно транспарентно и решително.
Роберт Френсис Превост е американски кардинал и член на Редот на Свети Августин (О.С.А.), роден на 14 септември 1955 година во Чикаго.
Превост ја добил својата диплома по математика на Универзитетот Виланова, а потоа магистрирал по теологија на Католичкиот теолошки сојуз во Чикаго. Потоа, тој го завршил својот лиценциран и докторски степен по канонско право на Папскиот универзитет „Свети Тома Аквинас“ (Ангеликум) во Рим.
Тој е ракоположен за свештеник во 1982 година, а во 1985 година е испратен како мисионер во Перу, каде што поминал речиси две децении. Таму тој имал разни пастирски и образовни позиции, вклучувајќи ја и службата на игумен, професор и дворски викар.
Во јануари 2023 година, тој беше назначен за префект на Дикастеријата за епископи, телото одговорно за назначување епископи низ целиот свет, и претседател на Папската комисија за Латинска Америка. Во септември истата година, папата Франциск го назначи за кардинал.
Превост течно зборува англиски, шпански, италијански, француски и португалски јазик, а може да чита и латински и германски јазик.