Свет
22-годишна девојка се фрлила од осмиот кат за да избега од насилното момче
Млада танчарка скокнала од балкон на осмиот кат во очаен обид да избега од своето насилно момче.
Џорџија Бродрик го повикала татка си од својот стан во Мелбурн и го молела да дојде да ја земе. Таа дознала дека нејзиното момче ја изневерува. Татко ѝ не пристигнал на време и 22-годишната девојка скокнала од балконот и слетала на оградата, а нејзиното тело отскокнало во блискиот ров.
Веднаш потоа била пренесена во болница и ставена во индуцирана кома за итна операција на левата рака, која подоцна била делумно ампутирана, пишува „Дејли мејл Австралија“.
Нејзините повреди биле толку лоши што докторите и дале само 10 % шанси да преживее – ги скршила грбот, вратот и ногата. Таа, за среќа, избегнала оштетување на мозокот, иако не се сеќава на трауматските моменти пред да скокне.
Џорџија поминала три недели во одделот за траума, каде што ја хранеле преку цевка и сега користи инвалидска количка. Таа неодамна проговори за емотивната злоупотреба што ја претрпела од нејзиното сега веќе поранешно момче.
„Кога ќе се обидев да го оставам, тој ќе седнеше на влезната врата и не ме пушташе да излезам од станот“, рече таа за „Дејли мејл Австралија“. „Семејството се обиде да ме предупреди затоа што можеа да ги видат неговите манипулации, па тој постојано ги обвинуваше за моите несигурности.
„Ме натера да се чувствувам како да е единствената личност што вистински ме сака.“

Таа сега е безбедна со своето семејство и ја добива потребната помош за да продолжи понатаму и се надева дека ќе може повторно да оди до Божик.
Пријателите почнаа кампања за финансирање за неа на платформата GoFundMe, каде што досега беа собрани повеќе од 3.000 долари за нејзино закрепнување.
Бродрик сега повикува секој што е во насилна врска да побара помош што е можно побргу. „Ве молиме, разговарајте со член на семејство или близок пријател кому му верувате, побарајте помош и подгответе план за излез од опасната ситуација“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Хамас ги осуди нападите врз Иран и повика на единство
Хамас ги осуди „ционистичко-американските непријателства врз Исламската Република“, истовремено повикувајќи на единство во муслиманскиот свет.
„Додека ја потврдуваме нашата солидарност со Исламската Република Иран пред лицето на непријателствата, повикуваме на единство и солидарност во арапската и муслиманската нација за да се спречат овие непријателства“, соопшти Хамас.
Тие ги обвинуваат САД и Израел дека се обидуваат повторно да ја исцртаат мапата на регионот „за да воспостават ’Голем Израел‘ на сметка на арапските и муслиманските земји“.
Во меѓувреме, Палестинскиот исламски џихад (ПИЏ), кој аналитичарите го опишуваат како посреден сојузник на Иран, соопшти дека Иран има право „да се брани и да ги одврати противниците“ како одговор на американско-израелските напади, пренесе Тајмс оф Израел.
„Овие непријателства не се насочени само против Иран, туку против сите земји и луѓе на нашата нација и се обидуваат да наметнат доминација од страна на воени злосторници“, вели ПИЏ. „Ги повикуваме народите на нашата арапска и муслиманска нација, како и синовите на нашиот палестински народ, да се обединат против овие непријателски намери“.
Свет
Најмалку 40 лица се убиени во напад врз женско училиште во јужниот ирански округ Минаб
Најмалку 40 лица се убиени во напад врз женско училиште во јужниот ирански округ Минаб, изјави локалниот гувернер за агенцијата Тасним.
Моментално нема достапни дополнителни информации, нагласува Тајмс оф Израел.
Иранските власти претходно го осудија инцидентот како „брутална агресија“. Властите во Иран сè уште не ги коментираа деталите за нападот, а нема коментар ниту од израелска страна.
Свет
Четири американски воени бази на Блискиот Исток нападнати од Иран
Иранската војска вели дека започнала напади врз четири американски воени локалитети во Катар, Бахреин, Кувајт и Обединетите Арапски Емирати како одмазда за заедничките напади на САД и Израел низ Иран.
Целите вклучувале воздухопловната база Ал Удеид во Катар, воздухопловната база Ал Салем во Кувајт, воздухопловната база Ал Дафра во Обединетите Арапски Емирати, како и американската поморска флота во Бахреин, според иранската новинска агенција Фарс.
Министерството за одбрана на Катар соопшти дека ракетите биле насочени кон земјата и биле соборени од катарската воздушна одбрана. Сведоци изјавија дека слушнале експлозии во главниот град на Катар, Доха. Претходно во текот на денот, Министерството за внатрешни работи на Катар соопшти дека земјата е „безбедна“, но внимателно ја следи ситуацијата по нападите на САД и Израел врз Иран.
„Ситуацијата во Катар е стабилна и безбедна и во моментов нема индикации што предизвикуваат загриженост за внатрешната безбедност“, соопшти Министерството.
Извор рече дека дел од персоналот на американската воздухопловна база во Катар бил евакуиран по нападите на Израел и САД врз Иран.
Во Кувајт беа вклучени сирени за воздушен напад, каде што се слушнале силни експлозии. Во Кувајт се наоѓа седиштето на Централната команда на САД (ЦЕНТКОМ).
Во исто време, државната новинска агенција на Кувајт објави дека кувајтската армија пресретнала ракети во нејзиниот воздушен простор.
Претходно денеска, иранската државна телевизија официјално објави дека како одговор на заедничките напади на САД и Израел, силите на Техеран извршија ракетен напад врз седиштето на Петтата флота на САД во главниот град на Бахреин – Манама.
Силни експлозии одекнаа и во Абу Даби, во Обединетите Арапски Емирати. Државната агенција на ОАЕ објави дека земјата делумно и привремено го затворила својот воздушен простор.
„Овој напад е грубо кршење на националниот суверенитет и меѓународното право, а ОАЕ го задржува правото да одговори на ескалацијата“, се вели во соопштението на ОАЕ.
Амбасадата на САД во ОАЕ, како и дипломатските мисии на САД во Катар и Бахреин, воведе режим на изолација за сите свои вработени и ги повика сите граѓани на САД на територијата на арапската земја да се самоизолираат до понатамошно известување.
Според медиуми, силни експлозии одекнле и во главниот град на Саудиска Арабија, Ријад.
Сирија затвори дел од својот воздушен простор на југот од земјата, во близина на израелската граница.
САД и Израел почнаа да напаѓаат локалитети низ Иран денеска, вклучително и во главниот град Техеран, бидејќи тензиите меѓу земјите прераснаа во отворен конфликт. Иранските сили, исто така, лансираа бран ракети кон Израел.

