Свет
Кина против санкциите на ЕУ за Иран
Кина во петок соопшти дека им се спротивставува на санкциите кои Европската унија му ги наметна на Иран поради неговата спорна нуклеарна програма, а ги поддржува обновените напори на Иран за одржување на преговори за размена на нуклеарно гориво за сиров ураниум
Во понеделникот, ЕУ и Канада воведоа нови санкции против Иран, кои ќе ја засегнат надворешната трговија, како и банкарството и енергетиката на земјата.Кина во реакцијата истакнува дека верува оти дипломатските средства се најдобар начин да се реши ова прашање и дека не се согласува со унилатерални санкции против Иран. Пекинг реагираше на сличен начин и кога САД ги воведоа новите санкции против Иран.САД и другите западни земји постојано ја притискаат Кина да заземе поцврст став кон Иран. Кина има огромни потреби од енергија и има исто така огромни инвестиции во Иран, а нејзината позиција на постојан член на Советот за безбедност на ОН ги загрозува натамошните напори на САД и нејзините сојузници за вршење притисок врз Техеран.Неделава Техеран ги повтори повиците за продолжување на преговорите за размена на гориво за нејзиниот нуклеарен реактор, во замена за неговиот збогатен ураниум. Нивото на збогатениот на иранскиот ураниум е доволно високо за употреба во истражувачки реактори, но не и за производство на оружја.Во мај Иран постигна договор со Бразил и Турција, во кој се согласи да пренесе 1.200 килограми од својот збогатен ураниум во Турција, каде што би бил складиран. Во замена, Техеран би добил гориво направено од 20-процентно збогатен ураниум.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Европски премиери заглавени во Франкфурт – Луфтханза се извини поради инцидентот
Германската авиокомпанија „Луфтханза“ упати извинување поради инцидентот во кој премиерите на Финска, Данска и Луксембург во неделата навечер останале заглавени на аеродромот во Франкфурт поради технички дефект, што довело до нивно доцнење или спречено присуство на самитот ЕУ–Афричка унија во Луанда, Ангола.
Според извори на Euractiv, европските лидери, како и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Кaja Калас, чекале на пистата кога авионот не можел да полета. Финскиот премиер Петери Орпо со големо доцнење стигнал во Луанда, додека Калас, данската премиерка Мете Фредериксен и луксембуршкиот премиер Лук Фриден го откажале патувањето.
Портпаролот на „Луфтханза“, Борис Огурски, потврдил дека летот LH560 од 23 ноември доцнел 13 часа и 25 минути поради дефект на системот за информирање на патниците. Тој изразил жалење за непријатностите, но додал дека од „причини за заштита на податоците“ не може да открие кои патници биле во авионот.
Огурски навел дека можело да се обезбеди резервен авион, но ноќната забрана за летање што стапува во сила во 23 часот во Франкфурт спречила било какво решение.
Свет
Зеленски: Украина е подготвена за мировниот договор со САД и Европа
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека неговата земја е подготвена да продолжи напред со рамката за мировен договор во соработка со Соединетите Американски Држави и Европа, пишува Ројтерс.
Повикувајќи се на текст од говор во кој имал увид, Ројтерс наведува дека украинскиот лидер им порачал на сојузничките земји дека сите безбедносни одлуки што се однесуваат на Европа мора да ги вклучуваат и европските држави.
Зеленски истакнал дека е подготвен да разговара за чувствителните точки од мировниот договор со Доналд Трамп, но нагласил дека на тој состанок мора да учествуваат и европските лидери.
На крајот порача дека сојузниците на Киев треба да продолжат да ја поддржуваат Украина сè додека Русија не покаже подготвеност да ја заврши својата инвазија.
Регион
Захарова ѝ одговори на фон дер Лајен: Западот насилно ги прекрои границите на Србија
Портпаролката на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова, ги нарече условите на Европската унија за постигнување мир во Украина апсурдни.
„По средбата со лидерите на ЕУ, Урсула фон дер Лајен ги изнесе условите на ЕУ за постигнување мир во Украина“, напиша Захарова на својот канал на Телеграм.
Конкретно, ЕУ во своите услови нагласува дека границите не можат да се менуваат со сила.
„Урсула не можеше да не слушнала за Косово. Западот прогласи и со сила спроведе еднострано прекројување на границите на Србија, спротивно на волјата на српскиот народ“, предупреди Захарова, пренесе руската државна новинска агенција РИА Новости.
Во врска со ограничувањето на големината на украинската армија, Захарова потсети дека Германија во историјата прифатила слични ограничувања за својата војска, нагласувајќи дека фон дер Лајен, како Германка, би требало да го знае тоа.
Изјавата дека Украина ја одбрала европската иднина, Захарова ја нарече најапсурдна.
„Сите добро се сеќаваме како легитимно избраниот претседател на Украина, Виктор Јанукович, изјави дека земјата што тогаш легитимно ја водеше го суспендира договорот за европски интеграции затоа што ‘украинската економија и законодавство не беа подготвени за приклучување кон Европската унија’“, истакна таа.
„Во исто време, Западот го покрена Мајдан, што доведе до неуставен пуч во 2014 година и, на крајот, до воспоставување на неонацистички режим во Киев под водство на глобалното малцинство“, додаде Захарова.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во неделата порача дека украинските граници не можат да се менуваат со сила, дека украинската армија не смее да се намалува и да се остави ранлива на напад, како и дека Европската унија мора да има централна улога во мировниот договор за Украина.
„Секој веродостоен и одржлив мировен план треба пред сè да го запре убивањето и да го заврши војувањето, а не да посее семе за идни конфликт“, наведе шефицата на Европската комисија.

