Свет
Четири убиени во улини борби во Бејрут
Либанската армија ја презеде контролата врз населбата Бурџ Абу Хајдер во Бејрут, по ноќта мината во престрелки меѓу шиитската група Хезболах и сунитската ал-Ахбаш, во која четири луѓе загинаа, јавува Associated Press
И двете страни изјавија дека причина за вооружениот судир, најлош во Бејрут од 2008 година, била лична расправија меѓу припадници на двете групи, кои се степале околу паркинг место пред џамијата во населбата. Набрзо и двете страни почнале да носат засилувања и престрелката започнала. Тројца од загинатите се членови на Хезболах, а еден е од ал-Ахбаш.Се уште не е јасно зошто расправијата добила толку драматичен расплет, но тензиите меѓу двете групи почнале да растат откако неодамна беше објавено дека на членови на Хезболах ќе им биде судено за убиството на либанскиот премиер Рафик Харири, кој беше убиен во 2005 година и кој беше најистакнат сунитски политичар во Либан.Претходно, двајца членови на сунитската ал-Ахбаш четири години минаа во притвор поради обвинение дека учествувале во атентатот на Харири. Ал-Ахбаш е екстремно исламистичка сунитска организација, која е во војна со речиси сите други сунитски организации во земјата. Оваа организација, како и Хезболах е исклучително просириски настроена. Иако двете групи честопати водат борби меѓу себе, тие политички се многу блиски, па дури имаа и заедничка листа на изборите во 2009 година.И двете групи цврсто гарантираа дека престрелките не биле почеток на нови секташки насилства, кои беа причина Либан да мине 20 години во постојана граѓанска војна. Секташките недоразбирања, исто така, ја доведоа земјата на раб од граѓанска војна во 2008 година, кога Хезболах речиси целосно уништи сунитска населба, поради тоа што владата на Либан се обиде да го уништи нивниот сопствен телекомуникациски систем.По борбите, оформена е лабава коалиција меѓу прозападните партии во Либан и Хезболах. Во последниве години Хезболах се стекна со толку многу политичко влијание, што има виртуелно вето врз секоја одлука на владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Швајцарија ќе гласа за ограничување на бројот на населението на 10 милиони
Швајцарија ова лето ќе гласа за предлогот на крајно десничарската Швајцарска народна партија (SVP) за ограничување на населението на 10 милиони. Овој потег би можел да ги загрози клучните договори со Европската Унија и, според противниците, сериозно да ја оштети економијата, пишува „Гардијан“.
Иницијативата предвидува ограничување на растот на населението, што, според критичарите, би можело да му наштети на швајцарското стопанство и на односите со Европската унија.
Ако населението ја надмине границата од 9.5 милиони (во моментов 9.1 милион), државата би била обврзана да воведе рестрикции за имиграција, вклучително и за барателите на азил и спојување на семејства. Доколку се достигне 10 милиони, мерките би станале уште поригорозни, а Швајцарија би морала да го раскине договорот за слободно движење со ЕУ – нејзиниот најважен трговски партнер.
Партијата SVP тврди дека „експлозијата на население“ ги зголемува трошоците за изнајмување и го оптоварува јавниот систем. Од друга страна, економските асоцијации и компании како Roche, UBS и Nestlé предупредуваат дека иницијативата би можела да доведе до преселба на бизниси, пад на даночните приходи и губење на услуги.
Анкета од декември покажала дека 48% од граѓаните ја поддржуваат иницијативата, што упатува на длабока поделба во јавноста за прашањето на имиграција и демографија.
Свет
ОН: Спречени пет обиди за атентат врз сирискиот претседател и двајца министри
Според извештај на Обединетите нации, во текот на изминатата година биле спречени пет обиди за атентат врз сирискиот претседател Ахмад ал-Шараа и министрите за внатрешни и надворешни работи.
Во извештајот на генералниот секретар Антонио Гутереш, подготвен од Канцеларијата на ОН за борба против тероризмот, се наведува дека нападите биле планирани од група наречена Сараја Ансар ал-Суна, која се смета за параван на Исламска држава. Локации на обидите биле северната провинција Алеп и јужна Дара.
ОН истакнува дека ИД сѐ уште активно се обидува да ја дестабилизира новата сириска власт и го користи безбедносниот вакуум во земјата. Претседателот ал-Шараа, поранешен лидер на Хаџат Тахрир ал-Шам, дојде на власт по соборувањето на Башар ал-Асад во декември 2024.
Во извештајот се наведува и дека ИД продолжува со активности низ Сирија, а во напад од заседа на 13 декември кај Палмира биле убиени двајца американски војници и еден цивил, додека биле ранети уште шестмина.
Свет
САД и Иран покажуваат подготвеност за компромис
Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан изјави дека САД и Иран се подготвени да постигнат нов нуклеарен договор, но предупреди дека вклучувањето на иранската балистичка програма во преговорите би можело да предизвика уште една војна, пренесе Танјуг.
Во интервју за „Фајненшл тајмс“, Фидан рече дека Вашингтон сигнализирал подготвеност да толерира иранско збогатување на ураниум во строго определени граници, додека Техеран „искрено сака вистински договор“ и е подготвен да прифати ограничувања и строги инспекции, слично на договорот од 2015 година.
Според него, инсистирањето на САД да се решат сите прашања истовремено – вклучително и иранскиот арсенал на балистички ракети и поддршката за регионални сојузници – би можело да го блокира напредокот во нуклеарниот дел од преговорите.
Минатата недела во Маскат се одржаа индиректни разговори помеѓу американските претставници Стив Виткоф и Џеред Кушнер (зет на американскиот претседател), и иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи, со посредство на Оман и дипломатски напори на Турција, Катар и Египет.
И Вашингтон и Техеран го оценија состанокот како позитивен прв чекор и најавија нова рунда преговори.

