Свет
Кашмирските сепаратисти го отфрлија индискиот мировен пакет
Лидерите на кашмирските сепаратисти денеска ја отфрлија понудата на индијската влада да ослободи стотици затвореници и да го ревидира масовното присуство на безбедносните сили во регионот за да се ублажат смртоносните јавни немири, јавува Associated Press
Најмалку 107 луѓе, претежно тинејџери, загинаа во демонстрациите во овој немирен регион од јуни наваму. Властите го олабавија ригидниот полициски час за неколку часа во главниот град на покраината, Шринагар и уште во седум поголеми градови, откако неколку дена немаше ниту еден протест. Илјадници луѓе навалија на зелените пазари за да се снабдат со неопходните намирници, во страв дека немирите и полицискиот час повторно ќе се вратат. Индиските власти се заложија да се ослободат стотиците луѓе уапсени во текот на немирите и да се намали огромниот број на војници, како и да започнат преговори со сите засегнати страни. Кашмир е поделен помеѓу Индија и Пакистан и двете држави тврдат дека е нивни. Министерот за внатрешни работи Паланиапан Чидамбарам изјави дека ваквите чекори „би требало да ги задоволат барањата на разните групи во покраината, вклучувајќи ги и демонстрантите“. Предлогот на Њу Делхи доаѓа по посетата на регионот на 40 пратеници од главните политички партии на земјата. Индија, исто така, понуди компензација од 500.000 рупии (10.800 долари) на секоја фамилија чиј член загинал во демонстрациите од јуни наваму. Сепаратистите ги одбија предлозите на индиската влада. Од 1989 година во Кашмир трае вооружено востание , во чие задушување до сега се убиени околу 68.000 луѓе. Иако востанието е речиси целосно задушено,. локалното население и натаму му се противи на индиското владеење со регионот, но сега претежно преку демонстрации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Се бараат оставки поради трагедијата во Домот за пензионери
Голем број граѓани на Тузла денеска излегоа на улиците на градот и одржаа протест, изразувајќи го своето незадоволство поради трагедиите и скандалите што го погодија Тузланскиот кантон.
Пожарот што избувна во вторникот во Домот за пензионери во Тузла однесе 13 животи, а 12 пациенти сè уште се наоѓаат во болница. Како што беше утврдено, жртвите починале од труење со јаглерод моноксид.
Една седмица претходно, Тузланскиот кантон го потресе случајот со подведување малолетнички, за што се осомничени полициски службеник и еден професор. Нивното подведување траело неколку месеци во текот на минатата и оваа година.
Присутните граѓани од Тузла, но и оние кои допатуваа од други градови на Босна и Херцеговина, денеска побараа оставки од надлежните.
Свет
Три девојки планирале терористички напад во Париз
Девојки на возраст од 18, 19 и 21 година, беа уапсени и обвинети за терористичка завера и планирање напад во Париз, соопштија денеска истражните органи.
Како што е наведено, тие неколку недели планирале насилен терористички напад врз кафуле или концертна сала во Париз, јави РТЛ.
Апсењето и обвинението против трите жени е резултат на истрагата на Националното обвинителство за борба против тероризмот, која беше успешно завршена пред 10-годишнината од смртоносниот терористички напад на 13 ноември 2015 година во Париз.
Свет
Се запали магацин за парфеми во Турција, загинаа шест лица
Најмалку шест лица загинаа, а две се повредени во пожар што утрово избувна во магацин за парфеми во градот Диловаси, во северозападниот дел на Турција.
Според снимките што ги емитуваше турскиот канал НТВ, изгореле два ката од зградата во која се наоѓале магацинот и работилницата за производство на парфеми.
Засега нема информации за тоа што го предизвикало пожарот.

