Свет
Најмалку 120 заболени од колера во главниот град на Хаити

Во главниот град на Хаити, Порт-о-Пренс пријавени се најмалку 120 случаи на колера која е предизвикана од нехигиенски услови и употреба на загадена вода.
Болеста е потврдена и кај едно тригодишно дете кое е од главниот град и не било во некоја од провинциите во кои колерата брзо се шири, јави агенцијата АП.
Британската медиумска куќа BBC ја пренесува изјавата на лекарите кои соопштија дека колерата е клинички присутна во главниот град, но засега нема потврда за епидемија.
Доколу дојде до епидемија во главниот град на Хаити загрозени ќе бидат околу три милиони лица од кои половина живеат во нехигиенски услови бидејќи останаа без своите домови во земјотресот кои ги погоди на 12 јануари.
„Во половина од десет провинции на Хаити владее епидемија на колера, 8.138 се лечат во болниците, а досега починаа 544 лица“, изјави Габријел Тимоти, директор на министерството за здравство.
Експертите се плашат дека Хаити ќе добие нов тек на епидемијата поради ураганот Томас кој минатата недела предизвика обилни дождови, лизгање на земјиштето и кал.
Од ураганот Томас загинаа најмалку 20 лица, 36 беа повредени, а 11 се водат како исчезнати, јавува BBC.Властите и медицинските службеници стравуваат дека во последните три недели низ земјата од колера заболеа десет илјади лица, а во болниците се лечат само четири отсто од заболените. /крај/блиц/мт
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Фицо разговараше со Мерц: Предлогот за суспендирање на испораката на руски гас е идеолошки и штетен

Словачкиот премиер Роберт Фицо разговараше по телефон со германскиот канцелар Фридрих Мерц за рускиот гас и антируските санкции и го пофали конструктивниот пристап на Европската комисија (ЕК) кон резервите на Словачка во врска со предложеното суспендирање на увозот на гас од Русија од 2028 година, но истакна дека предлогот за суспендирање на испораката на руски гас е „идеолошки“ и „штетен“.
„Верувам дека предлогот на ЕК за суспендирање на испораката на руски гас е идеолошки и штетен за целата ЕУ, а особено за Словачка, која по децении транзит на руски гас е на крајот од цевката без гас и директен пристап до терминали за течен гас. Овој предлог од ЕК, чие усвојување бара само квалификувано мнозинство, дополнително ќе ја оштети конкурентноста на целата ЕУ и ќе доведе до зголемување на цените на гасот за словачките домаќинства и индустријата“, истакна Фицо.
Фицо додаде дека доколку Словачка нема доволно гаранции за минимизирање и надоместување на штетата предизвикана од предлогот на ЕК за запирање на протокот на руски гас, ќе побара одложување на гласањето за 18-от пакет антируски санкции, за што е потребна согласност од сите земји-членки на ЕУ, пренесува TASR.
Регион
Мајка им давала на децата желе бомбони направени од канабис: уапсена 29-годишна жена во Грција

Полицијата во Ираклион, на грчкиот остров Крит, уапсила 29-годишна жена за која постои сомнение дека им дала на своите деца, на возраст од 14 и 10 години, препарати со канабис во форма на желе бомбони.
По консумирањето, децата се чувствувале лошо и биле префрлени во Универзитетската болница во Ираклион, каде што биле хоспитализирани на детското одделение, објавува грчкиот весник „Катимерини“.
Директорот на болницата, Јоргос Халкиадакис, изјавил дека нивната здравствена состојба е добра.
Жената, која работи во хотел, наводно изјавила дека пронашла желе бомбони во хотелскиот простор и, мислејќи дека се обични слатки, им ги дала на децата.
Предметот на истрагата го води Пододделот за сузбивање и истрага на кривични дела во Ираклион.
Се очекува резултатите од истрагата да фрлат повеќе светлина врз тоа дали мајката ја кажувала вистината, а доколку е така, да откријат како бонбоните стигнале до хотелот и дали имало некакви пропусти во безбедносните процедури.
Свет
ЕУ лансира нова платформа за вработување работници надвор од Унијата

Базата на таленти на Европската Унија (ЕУ), платформа за вработување што ги здружува работодавачите со седиште во ЕУ и граѓаните на земјите што не се членки, влезе во понатамошни преговори со европските законодавци, објави денес истражувачкиот центар во Брисел „Институт Егмонт“.
Платформата, која колоквијално се нарекува Тиндер за баратели на работа, алудирајќи на популарната апликација за запознавање и поврзување на луѓе, се преплетува со неколку други иницијативи на ЕУ, што ја зголемуваат конкурентноста на земјата преку пазарот на трудот, според написите на медиумите во регионот.
Базата на таленти беше претставена како дел од Пакетот за мобилност на вештини и таленти и треба да им помогне на работодавачите да ги пополнат празните работни места, како и да го решат недостатокот на работни места во секторот, и да им помогне на граѓаните од земјите што не се членки на ЕУ да најдат работа на стандардизиран и предвидлив начин во земјите-членки на Унијата.
Работодавачите во ЕУ, тврдат дека имаат тешкотии во наоѓањето кандидати, особено во малите и средните претпријатија, а околу 74 проценти од нив изјавиле дека во моментов се соочуваат со недостаток на квалификувани работници на барем една позиција во нивната компанија.
Земји како Белгија, Италија и Холандија имаат проблем со вработувањето долго време, а тој се дуплираше во последните пет години.