Свет
Продолжува серијата бомбашки напади во Багдад
Во серијата бомбашки напади во Багдад, од кои два беа насочени против ирански аџии, загинаа најмалку 13 лица, а ранети се повеќе од 80 лица, пренесува Ројтерс, повикувајќи се на полициски извори
Во првата експлозија на автомобил бомба кој експлодирал пред една куќа во близина на реонот Кадамија, каде отседнуваат групи ирански аџии, загинале пет Иранци, а 18 биле повредени. Уште еден автомобил-бомба експлодирал кога се разминувал со автобус полн со Иранци во североисточниот регион Шула, при што загинале две лица, а осум се повредени.
По околу час од втората експлозија, на пазар во југозападниот дел на Багдад, се случила и третата експлозија на автомобил-бомба, при што загинаа најмалку шест лица, а ранет е 41 човек, соопштило ирачкото Министерство за внатрешни работи.
Во северниот дел на Багдад, Кадамија се наоѓа златната купола на светилиштето посветено на имамот Муса ал за-Кадим, средновековен шиитски свет човек. За време на аџилакот во 2005 г., страв од бомбашки напад на Мостот на имамите, којшто води кон светилиштето, предизвикаа стампедо во кое загинаа околу илјада луѓе.
Стотици илјади ирански аџии масовно ги посетуваат шиитските свети места во Ирак, почнувајќи од 2003 г. кога со американската инвазија беше соборен Садам Хусеин кој владееше со Ирак со сунитското малцинство.
Режимот на Садам Хусеин крваво ги задушуваше востанија на шиитското мнозинство во областите на Ирак каде што беа доминантни. Беа забранети шиитски религиозни празници, а Ирак водеше и осумгодишната војна со доминантниот шиитски Иран.
По 2003 г. шиитските верниците се честа мета на сунитските исламистички групи кои се поврзани со ќелиите на Ал Каеда во Ирак, која ги смета шиитски муслимани за отпадници. /крај/ро/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
„Политико“: Сојузниците сè повеќе ја губат довербата во САД поради Трамп
Клучните сојузници на САД, меѓу кои Германија, Франција и Канада, сè почесто ја доживуваат Америка како непредвидлива и проблематична сила на светската сцена поради политиките на претседателот Доналд Трамп, покажува ново меѓународно истражување, објави Политико.
Анкетата на POLITICO–Public First покажува дека значителен дел од испитаниците во Германија и Франција, како и мнозинството во Канада, сметаат дека САД се негативна глобална сила. Во Обединетото Кралство ставовите се поделени, но повеќе од една третина имаат негативна перцепција.
Речиси мнозинство во сите четири земји верува дека САД почесто создаваат проблеми отколку што ги решаваат. Повеќето Канаѓани и речиси половина од испитаниците во Германија и Франција сметаат дека САД ги предизвикуваат своите сојузници, додека значаен дел од Британците велат дека на Америка не може да се смета во време на криза.
Свет
Полска поставува противдронски систем на границата со Белорусија
Полска постави прв противдронски одбранбен систем на новa набљудувачкa кула во близина на границата со Белорусија, како дел од зајакнатите безбедносни мерки, објави Еуроњуз.
Системот е инсталиран во местото Ожерани и ќе биде оперативен од јануари, потврди министерот за внатрешни работи, Марчин Кервински.
За време на божиќните празници, повеќе од 6.000 припадници на армијата, граничната полиција и полицијата ќе бидат распоредени на границата. Полските власти соопштија дека годинава спречиле речиси 30.000 обиди за нелегален премин.
И покрај засиленото обезбедување, хуманитарната состојба на границата останува тешка, при што активистите предупредуваат дека и натаму има жртви меѓу мигрантите. Во исто време, опозициската група БЕЛПОЛ тврди дека во близина на Минск се гради фабрика за оружје, која наводно ќе произведува артилериска и ракетна муниција за Русија.
Свет
Зеленски: Подготвени нацрти за завршување на војната со Русија
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, изјави дека Украина и САД подготвиле неколку нацрти на документи поврзани со безбедносни гаранции, обнова и рамка за завршување на војната со Русија, по неколку рунди разговори одржани за време на викендот во Мајами, објави „Кијив Пост“.
Зеленски наведе дека работата била продуктивна и дека документите се структуирани со цел да обезбедат „вистински крај на војната и да спречат трета руска инвазија“, но додаде дека и понатаму постојат разлики меѓу договореното на хартија и состојбата на бојното поле.
Разговорите уследија по дипломатски тензии предизвикани од протекување на американски мировен план од 28 точки, кој предвидувал откажување од членство во НАТО и територијални отстапки од страна на Украина. По реакцијата на Украина и европските партнери, бил подготвен алтернативен план од 20 точки, кој бил детално разгледан со американската страна.
Иако нацртот од 20 точки е речиси завршен, Зеленски призна дека некои одредби остануваат неприфатливи и за Киев и за Москва, а траен прекин на огнот сè уште е далеку.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека преговорите продолжуваат и дека „одат добро“, без да открие конкретни чекори или рокови. Украинските власти предупредуваат дека без јасни и применливи безбедносни гаранции, секој договор може брзо да пропадне.

