Свет
Либискиот терорист ал-Меграхи е на умирање
Либискиот терорист Абдул ал-Меграхи, ослободен минатата година од страна на британските власти за уривањето на авионот над шкотскиот град Локерби, паднал во кома и неговата ситуација е многу критична, јавува во четвртокот британскиот телевизиски канал Скај њуз
„Здравствената состојба на ал-Меграхи е драматично влошена, секој час за него може да е последен“, изјавил за телевизијата извор близок на семејството на ал-Меграхи. Како што додале тие, тој бил приклучен на апарати за одржување во живот од пред неколку седмици.Британските власти минатата година го ослободија и го предадоа на Либија, поради тешката болест осудениот ал-Меграхи за уривањето на американскиот патнички авион над шкотското место Локерби од 1988 г.Либиецот ал-Меграхи во 2001 г., беше осуден од шкотскиот суд на доживотен затвор за експлозијата на авионот на американската авиокомпанија „ПанАм“ во декември 1988 г. над Локерби, кога загинаа 270 луѓе. Сепак, во август 2009 г., шкотскиот министер за правда, Кени Макаскил одлучи да го ослободи 57-годишниот терорист, кај кого беше констатирана тешка форма на канцер на простатата. Според тогашните прогнози на лекарите, нему му беа предвидени само уште три месеца живот, но како што забележува Скај Њуз, ал-Меграхи е се уште жив.Британските конзервативци коишто мината пролет дојдоа на власт, признаа дека ал-Меграхи трабало да остане во затвор. Многу британски политичари од претходната власт негираат дека заканата за економски санкции од страна на Либија биле директната причина за ослободувањето на ал-Меграхи, но исто така голем е бројот и на политичарите кои се сомневаат дека натамошното негово задржување во затвор можело да им наштети на односите со Триполи.САД сметаат дека одлуката за ослободување на ал-Меграхи беше грешка и се обидоа да извршат притисок да се ревидира судската одлука.Според објавените податоци на Wikileaks кои се базираат на депешите на американските дипломати од Британија, либискиот лидер Моамер Гадафи директно му се заканил на Лондон дека ќе ги прекине сите трговски договори и ќе воведе санкции за членови на британската амбасада, доколку ал-Меграхи не биде ослободен. Заканата била упатена директно и до владата на Шкотска. Според депешата на тогашниот вршител на работите во амабсадата на САД во Велика Британија во октомври 2008 г., Ричард Лебарон, информациите за заканите ги добил од двајца официјални британски функционери кои работеле на „Даунинг стрит“ (британската влада) и во Форинг-офисот – министерството за надворешни работи. Како што пишува весникот Гардијан, од објавените документи јасно се гледа британските медицински експерти и многумина во самата британска влада не го делеле мислењето дека ал-Меграхи „ќе живее само уште три месеца“, што беше образложението за одлуката на шкотските власти тој да биде „ослободен од сочувство“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Писториус: Германија сака да испорача уште пет противракетни системи „Патриот“ на Украина
Германија ќе испорача дополнителни пет противракетни системи „Патриот“ (PAC-3) на Украина доколку другите земји донираат вкупно 30, изјави денес во Брисел германскиот министер Борис Писториус по состанокот на Контакт групата за одбрана на Украина.
Ракетите „Патриот“ се меѓу главните оружја што Западот ѝ ги даде на Украина за време на нејзината борба против руската инвазија, пренесува Ројтерс.
„Сите знаеме дека станува збор за спасување животи“, рече Писториус во Брисел.
Тој додаде дека е прашање на денови, а не недели или месеци, да се договорат за ова.
Писториус посочи дека објавата сè уште не е одобрена од националните влади, но дека е „многу оптимист“ дека ќе се постигне договор за испраќање на тие 30 плус пет противракетни системи.
Свет
ЕУ им препорача на авиокомпаниите да го избегнуваат воздушниот простор на Иран
Европската агенција за безбедност на воздухопловството (EASA) денес им препорача на авиокомпаниите од Европската Унија (ЕУ) да го избегнуваат воздушниот простор на Иран до 31 март, продолжувајќи го претходното предупредување поради, како што рече, зголемен безбедносен ризик за цивилните летови.
„Присуството и можната употреба на широк спектар на оружје и системи за воздушна одбрана, во комбинација со непредвидливите реакции на државите, создаваат висок ризик за цивилните летови што се извршуваат на сите височини и нивоа на лет“, се вели во соопштението на EASA.
Препораката, пренесува Ројтерс, доаѓа во време на зголемени тензии, додека светските сили и земјите во регионот изразуваат загриженост дека евентуалниот прекин на преговорите меѓу Иран и Соединетите Американски Држави би можел да доведе до ескалација на конфликтот и дестабилизација на поширокиот регион богат со нафта.
Иран претходно предупреди дека решително ќе одговори на секој можен напад, како и дека соседните земји од Персискиот Залив, во кои се наоѓаат американски воени бази, би можеле да бидат изложени на последиците доколку бидат вклучени во евентуални воени операции.
Свет
Капета: Милијарди евра погрешно платени на Унгарија
Водечката советничка на највисокиот суд на Европската Унија оцени дека одлуката на Европската комисија за деблокирање на милијарди евра средства за Унгарија, кои претходно беа замрзнати поради загриженост за корупција и владеење на правото, треба да се поништи.
Тамара Капета, генерален адвокат на Судот на правдата на Европската Унија, изјави дека Комисијата не требало да го одобри плаќањето бидејќи Унгарија не ги спроведела целосно судските реформи што беа услов за ослободување на средствата.
Во 2022 година, комисијата ги суспендираше исплатите до владата на премиерот Виктор Орбан поради загриженост дека Будимпешта не успева да ја спречи корупцијата и да ја обезбеди независноста на судството. Сепак, една година подоцна, заклучи дека Унгарија направила доволно промени и ѝ обезбедила пристап до приближно 10 милијарди евра од разни фондови на ЕУ.
Во 2024 година, Европскиот парламент покрена тужба, тврдејќи дека извршната власт на ЕУ направила „очигледни грешки“. Некои европратеници изјавија дека одлуката е донесена непосредно пред клучниот самит на ЕУ, кога била потребна поддршката на Орбан за пакетот помош за Украина, што, според нив, укажува на политичка мотивација.
Мислењата на главните обвинители не се правно обврзувачки, но судиите често ги следат. Конечната пресуда се очекува во наредните месеци.
Капета изјави дека Комисијата не ги оценила соодветно реформите на унгарското судство и дека „погрешно ги применила критериумите“ кога го одобрила исплаќањето на средствата без јасно објаснување. Таа истакна дека ЕУ не треба да им исплаќа средства на земјите-членки сè додека бараните законски реформи не бидат целосно усвоени и имплементирани.
Дел од европските средства за Унгарија сè уште се блокирани, поради што Орбан често ја обвинува Комисијата за мешање во внатрешните работи на неговата земја и користење на финансиските ресурси како политички притисок.
Правните експерти предупредуваат дека, доколку судот пресуди во корист на Парламентот, Комисијата би можела да биде принудена да ги надомести спорните пари со намалување на идните плаќања кон Унгарија. Пресудата, исто така, би можела да постави важен преседан за улогата на Комисијата во случаи на кршење на владеењето на правото во рамките на ЕУ.
Во меѓувреме, Орбан се соочува со еден од најголемите политички предизвици во неговите 16 години на власт. На изборите во април, негов противник ќе биде лидерот на централно-десничарскиот лидер Петер Маѓар и неговата партија Тиса, која ветува дека ќе го врати владеењето на правото и ќе ги подобри односите со Европската Унија. Според повеќето анкети, Маѓар во моментов води во анкетите.

