Свет
Асанж во притвор најмалку уште два дена
Основачот на Викиликс ќе остане во притвор уште најмалку 48 часа, а неговите адвокати за тоа време треба да најдат 200 илјади фунти во готово за кауција, бидејќи судот не прима чекови, изјавил Марк Стивенс, адвокат на Џулиан Асанж. Како што пренесовме претходно, денеска судијата на судот во Вестминстер го ослободи Џулиан Асанж со кауција од 240 илјади фунти, по повторените барања на неговите адвокати. Основачот на контроверзната интернет страница WikiLeaks којашто континуирано објавува стотици илјади страници тајни документи за војните во Ирак и Авганистан, како и тајните дипломатски преписки на Стејт-департментот и американските дипломати низ светот, беше уапсен врз основа на потерницата на Интерпол издадени по барање на шведското обвинителство коешто бара негова екстрадиција во Шведска, каде што Асанж е обвинет за силување и сексуално вознемирување. Асанж мора да го предаде на судот својот пасош, да носи електронски чип преку којшто ќе се следи неговото движење во секој момент, да ја одреди адресата на којашто ќе биде достапен во секое време (веќе е посочена адреса во округот Сафолк) и секоја вечер да се пријавува во локалната полициска станица.Асанж мора да плати уште 200 илјади фунти во готово веднаш, а 40 илјади фунти да остави како гаранција ако ги прекршува условите за ослободување. „Жално е што тој не може да плати со неговите картички Виза и Мастеркард“, иронично изјавил адвокатот Стивенс. Инаку, меѓународните платежни системи по избивањето на скандалот со Wikileaks ги суспендираа трансферите на донациите за оваа интернет страница. Асанж најверојатно нема да може да излезе од притвор најрано до четврток. Според Стивенс, поддржувачите на Асанж веднаш започнале акција за собирање на сумата потребна за плаќање на кауцијата, а досега парична помош за Австралиецот ветиле неколку познати јавни личности – режисери, активисти за човековите права и новинари, чиишто имиња засега не се откриваат. Стивенс го изрази своето задоволство од одлуката на судот, иако призна дека, според него, процесот може да се води многу години. Тој додаде дека неговиот клиент се чувствува добро, но дека во 24-часовниот притвор му е забрането да чита и не му се обезбедува пристап до неговата електронска пошта. Асанж беше уапсен на 7-ми декември, кога доброволно се јави во Скотланд Јард. На првото судско рочиште, коешто се одржа истиот ден, беше одбиено барањето на 39-годишниот Австралиец да биде ослободен со кауција. Со тоа, според британските процедури, сослушувањата за екстрадиција треба да се одржат во рок од 21 ден.Сепак, како што покажува практиката, при вакви големи процеси се погласни се обвинувањата за политизација на самиот процес, донесувањето на конечната одлука на судот може да потрае и неколку месеци. Судот во шведската престолнина Стокхолм во ноември го одобри барањето на тамошното обвинителство да се побара апсење на Асанж по обвиненијата за силување и сексуално вознемирување. На 20-ти ноември канцеларијата на шведскиот јавен обвинител до Интерпол поднесе барање за распишување меѓународна потерница.По ослободувањето Асанж ќе живее во регионот Сафолк, во куќата којашто му ја отстапил основачот на познатиот лондонски новинарски клуб Frontline Club. Основачот на клубот Вон Смит изјавил дека е подготвен да му обезбеди постојано престојувалиште на Асанж, што е дел од условите под кои е ослободен со кауција, и тој веднаш му ја понудил својата родна куќа, каде што, како што изјавил за медиумите, „има многу простор и каде што тој (Асанж) ќе биде на сигурно“./крај/де/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Туск: Полска е лојален сојузник на САД, но никогаш нема да биде вазал
Полскиот премиер Доналд Туск денес изјави дека Полска е сигурен и лојален сојузник на САД, но дека никогаш нема да биде вазал, ниту на САД ниту на други земји.
„Советот за мир е многу иновативен, многу оригинален потфат, но не сите негови аспекти ѝ одговараат на Полска. И треба да можете да разговарате со вашиот најголем сојузник за тоа. Тие односи не можат да се темелат на тоа некој постојано да кимнува со главата и да се обидува да добие нешто со методот на ласкање. Бидејќи тоа не функционира“, рече Туск утрово пред да замине на неформалниот самит на Европската Унија.
Пристапувањето на Полска во Советот за мир на Трамп беше една од главните теми на Советот за национална безбедност на Полска вчера, каде што претседателот Карол Навроцки, кој е идеолошки близок до движењето MAGA, ја критикуваше владата за одбивање на поканата испратена од најважниот сојузник на Полска.
„Полска е верен, лојален, доверлив, предвидлив сојузник на САД и никој не треба да ме убедува во тоа. Тоа е надвор од дискусија. Секој што ги загрозува тие односи ги поткопува темелите на полската безбедност. Но, Полска во тој сојуз, барем додека сум премиер, нема да биде вазал. Лојален, доверлив, верен сојузник, но не и вазал“, рече денес Туск.
Премиерот додаде дека забележал оти понизноста кон САД не им користи на подлизурковците, а одбивањето на владата да ѝ дозволи на Полска да се приклучи на Мировниот совет, што е контроверзно за многу други земји, го нарече „претпазлив пристап“.
„Можеби околностите ќе се променат. Многу земји што се важни за нас имаат слични или други сомнежи, ние сме во добро друштво. Отворени сме за предлози, но тие мора да бидат безбедни за нашата земја и искрени“, рече Туск.
За време на шестчасовната седница, Националниот совет за безбедност ја разгледа новата европска програма за набавка на оружје и модернизација на воената индустрија – SAFE, каде што на Полска ѝ беа доделени дури 44 милијарди евра меки заеми.
Опозицијата и претседателот се вознемирени од фактот што програмата SAFE не предвидува купување американско оружје, додека премиерот Туск предупреди дека за време на владеењето на сега опозициската конзервативна партија „Право и правда“, која сега лобира за американско оружје, само една четвртина од расходите оделе во домашната полска воена индустрија, додека во владините проекти на Туск финансирани од програмата SAFE, 80 проценти од средствата ќе одат во полската воена индустрија и набавка на оружје.
Регион
„Не сум магионичар“: Кос за идејата сите земји од Западен Балкан да влезат во ЕУ одеднаш
„Живееме во геополитички чувствително време. Може да има мир во Украина и тоа ќе донесе нова реалност во Европа“, изјави европската комесарка за проширување Марта Кос.
Црна Гора би можела да ги заврши техничките преговори до крајот на годината, објави европската комесарка за проширување Марта Кос.
Таа го кажа ова во интервју за телевизијата Н1.
На прашањето што конкретно може да направи Европската Унија (ЕУ) за да му помогне на регионот, како и на изјавата на новинарката на Н1 дека парите и предупредувањата не се доволни, дека може да се види дека ЕУ ја губи информациската војна во регионот, особено во Србија, а делумно и во Босна, и дека дипломатскиот јазик не помага, Кос рече дека не прифаќа „критики дека не сме успешни во проширувањето“.
„Две од четирите водечки земји се од Западен Балкан. Црна Гора би можела да ги заврши техничките преговори до крајот на годината, а Албанија е следна. Ова е успех. Живееме во геополитички чувствително време. Може да има мир во Украина, а тоа ќе донесе нова реалност во Европа. Ако го забрзаме процесот, ќе ги разгледаме сите кандидати, но мора да има јасна посветеност. Не е доволно само да се хармонизира законодавството, треба да ја почувствувам и видам политичката волја. Процесот на пристапување не е само технички, туку зависи и од земјите-членки“, рече Кос.
На прашањето што мисли за идејата сите земји-кандидатки да влезат во ЕУ одеднаш, Кос рече: „Да можев, би сакала сите земји, особено од Западен Балкан, да влезат заедно“.
„Но, јас не сум магионичар. Ако има промени, внимателно ќе ја разгледаме секоја земја. Проширувањето мора да ја направи ЕУ посилна, а не послаба. Ова е цел што мора да ја постигнеме заедно“, рече Кос.
Свет
Фон дер Лајен го објави планот „Една Европа, еден пазар“
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес објави дека на следниот формален самит на Европската унија (ЕУ) во март, ќе го претстави акциониот план „Една Европа, еден пазар“, со детални рокови и цели за зајакнување и обединување на европската економија, додека во исто време оцени дека Европскиот систем за трговија со емисии (ETS) има јасни предности и механизми за контрола на цената на јаглеродот.
Според Јуроњуз, Фон дер Лајен на прес-конференцијата по самитот на лидерите на ЕУ изјави дека акциониот план содржи пет клучни области – административно поедноставување, единствен пазар, енергија, дигитализација и трговија.
Во март, комисијата ќе претстави детален план за понатамошен развој на единствениот пазар од 450 милиони потрошувачи, вклучително и унија на пазарот на капитал што би овозможила попродуктивно користење на околу 10 трилиони евра заштеди што моментално се наоѓаат на банкарски сметки, објави Ројтерс.
Зборувајќи за ETS, претседателката на ЕК нагласи дека системот има елементи што овозможуваат модулација на цената на јаглеродот во случај на негов прекумерен раст или неповолни економски околности, преку таканаречената „резерва за стабилност на пазарот“.
Додаде дека ЕУ детално ќе ги разгледа овие елементи во рамките на планираниот преглед на ETS, кој е закажан за третиот квартал од оваа година, за системот да остане ефикасен и прилагодлив на актуелните економски и климатски предизвици.
Европските лидери се состанаа денес на неформален самит во белгиската покраина Лимбург, а фокусот на разговорот беше конкурентноста на европската економија, пренесува Танјуг. Еден ден претходно, на индустрискиот самит во Антверпен, претставниците на европската индустрија ги презентираа своите приоритети пред највисоките претставници на ЕУ, барајќи пониски цени на енергијата, намалување на регулаторните оптоварувања и посилна конкурентност во споредба со Кина и Соединетите Американски Држави.

