Свет
На Австралија и се приближува ново силно невреме
Силниот тропски циклон Јаси и му се доближува на североисточното крајбрежје на Австралија, која е веќе тешко погодена од поплавите, а властите денеска наредиле евакуација на населението.Брзината на ветерот достигнала 102 километри на час, а се очекува дека циклонот Јаси ќе ја премине и четвртата категорија на бури, со брзина на ветерот и до 260 километри на час.Се предвидува дека Јаси во среда или четврток да го погоди брегот на сојузната држава Квинсленд и да донесе речиси метар дожд на населбите веќе погодени од повеќе месните поплави.Циклонот Јаси стигнува по циклонот Ентони, кој утринава го погоди брегот на Квинсленд, ослабна брзо и не причини значајна материјална штета.Штетата од обилните врнежи кои почнаа да паѓаат во ноември, е проценета на 5,6 милиони австралиски долари (околу четири милиони евра), но веројатно ќе биде и поголема./крај/бе/бч
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Силна бура создаде хаос во Црна Гора, граѓаните предупредени: Не излегувајте надвор
Силен ветер дуваше вчера и денеска во централните и крајбрежните делови на Црна Гора. Дрва паднаа на коловозот, дел од фасада на зграда падна на мостот во центарот на Подгорица, а покрив излета од базен во Котор.
Службата за заштита и спасување на Подгорица во изминатите 24 часа на терен имала 20-тина интервенции.
„Во текот на 24 часа на улица паднаа најмалку три дрвја, се беше отстрането со брза акција. Фасада падна во центарот на градот. За среќа насекаде е причинета само материјална штета и нема повредени поради силните ветрови и налети на ветер и можни ризични ситуации, апелираме граѓаните до среда да не излегуваат надвор, апелот особено важи за постарите лица“, вели за новинската агенција „РИНА“ Здравко Блечиќ, командир на Службата за заштита и спасување Подгорица.
Поради лошото време, единицата е во максимална готовност и сите вработени се должни да одговорат на повикот доколку има потреба, вели Блечиќ. Тој посочува дека силниот ветер влијае и на палењето на оџаците што предизвикува пожари во станбените згради.
„Имавме многу пријави за помали пожари, но утринава извршивме и сериозна интервенција кога се запали покрив од куќа во село Загорич. Пожарот беше во напредна фаза, бидејќи ветерот направи тој да се прошири. На пожарот интервениравме со пет возила и 12 пожарникари и оганот беше успешно локализиран а причинета е поголема материјална штета“, изјави Блечиќ.
На северот на Црна Гора вчера од снежните наноси беа извлечени 14 лица. Според командантот на Службата за заштита и спасување Жабљак Драго Поповиќ, денеска ситуацијата е под контрола.
„Денес немавме интервенција кога станува збор за спасување на заглавени. Патиштата се проодни и се работи нормално. Нормално работи и ски-центарот“, рече Поповиќ.
Свет
Тригодишно девојче се застрелало со пиштол што го нашла во собата на нејзините родители во Италија
Тригодишно девојче се застрелало во глава со пиштол што го нашла на ноќната маса во спалната соба на нејзините родители во Виа Матеоти, Италија. Моментално е во тешка состојба во болница во Бергамо, пренесуваат медиумите.
Малена го пронашла пиштолот „Берета“ на нејзиниот татко во собата и се застрелала во образот, а куршумот попатно дополнително го пробил черепот, оштетувајќи го мозокот. Веднаш по инцидентот, кој се случил на 1 јануари, девојчето било хоспитализирано.
Според зборовите на нејзиниотг татко, тој законски го поседувал пиштолот бидејќи се плашеле од крадците кои за време на новогодишната ноќ провалиле во куќите во соседството.
За време на испрашувањето, двајцата сопружници имале различни верзии за тоа кој од двајцата го оставил пиштолот во спалната соба, така што тој бил лесно достапен за двете ќерки на три и пет години.
Според извештаите на медиумите извесно е дека настанот се случил на 1 јануари околу 16 часот, а родителите прво слушнале истрел, а потоа и вресок на девојчето. Тие влегле во собата и на лице место ја нашле ќерката тешко ранета во лицето. До неа била нејзината петгодишна постара сестра.
Се уште е нејасен точниот редослед на настаните и која од двете девојки го повлекла чкрапалото.
Таткото и мајката се под истрага на Обвинителството за поседување на оружје.
Свет
Европската комисија негира дека ја прикрила здравствената состојба на Урсула фон дер Лајен
Европската комисија негираше дека се обидела да ја прикрие здравствената состојба на претседателката Урсула фон дер Лајен, која беше хоспитализирана поради тешка пневмонија, пренесува Радио Слободна Европа.
Фон дер Лајен (66) во септември го започна својот втор петгодишен мандат на чело на Европската комисија.
На 3 јануари, комисијата изјави дека Фон дер Лајен има „тешка пневмонија“ и дека нејзините активности во следните две недели се откажани.
Детали за нејзината состојба или како се разболе не се објавени, иако германската новинска агенција dpa подоцна објави дека таа била примена во болница. Ова, според написите покрена прашања за транспарентноста во моќната извршна власт на ЕУ.
На прашањето на новинарите зошто се сокриени вестите за нејзината хоспитализација, портпаролката на Европската комисија Пола Пињо изјави: „Рековме дека претседателката има тешка пневмонија“.
Пињо рече дека медиумите биле информирани дека Фон дер Лајен ги откажала своите состаноци на почетокот на јануари, но дека добила важни телефонски повици, вклучително и од италијанската премиерка Џорџа Мелони и дека можела да ги извршува своите должности.
„Затоа ви дадовме критични информации за здравствената состојба на претседателката, кажувајќи каква болест има и колку е сериозна“, рече Пињо одговарајќи на новинарски прашања, без да објасни зошто се сокриени детали за болницата. „Нејзината способност да дејствува никогаш не била доведена во прашање“.
Пињо рече дека претседателката „добро закрепнува“ и дека кон крајот на оваа недела треба да се врати во Брисел во својата канцеларија во Комисијата.
Според написите на медиумите во светот, Фон дер Лајен обично има напорен распоред на патувањата. Таа следната недела треба да присуствува на седницата на Европскиот парламент во Стразбур, Франција и ќе оди на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија.