Свет
Алжир: Демонстрантите подготвени за денешниот марш

Голем број припадници на безбедносните сили се распоредени денеска во главниот град на Алжир во очекување на протестите „За промена на власта“, организирани на повик на Националната координација за демократија и промени (CNDC).Повеќе маршови и собири се предвидени и во други делови од земјата, а во главниот град уште вчера можеа да се видат голем број припадници на полицијата, меѓу 25 и 30 илјади, според податоците кои ги наведуваат медиумите.Полициски барикади поставени на влезот во градот, по бомбашките напади во април и во декември 2007 година, за кои одговорноста ја превзема Ал Каеда, исламскиот Магреб, исто така се засилени.Собирот, кој во последен момент беше организиран вчера пред зградата на Сојузот за култура и демократија заради прослава по повод заминувањето на египетскиот претседател Хосни Мубарак, го прекина полициски кордон кој ги оттурнувал активистите кон зградата и уапсил десетина лица.Властите не го одобруваат денешниот марш врз основа на законската одредба која е на сила од 2001 година. Демонстрантите сепак ќе се соберат на Плоштадот на слогата, од каде ќе се упатат кон Плоштадот на мачениците, на кои вообичаено се одржуваат протести.CNDC на 21 јануари формираа опозициска партија, од цивилното општество и независните синдикати по побуната на почетокот од годината во која загинаа пет лица, а повеќе од 800 повредени./крај/хи/бч
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Израел денеска ги врати телата на 15 Палестинци во Газа

Израел денеска ги врати телата на 15 Палестинци во Газа, со што вкупниот број на вратени лица се искачи на 135, соопшти денеска Министерството за здравство на Појасот управуван од Хамас.
Според договорот за прекин на огнот постигнат со посредство на американскиот претседател Доналд Трамп, Израел требаше да ги врати телата на 15 Палестинци за секој вратен починат израелски заложник, објави „Тајмс оф Израел“.
Претходно денеска, канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти дека Хамас мора да го почитува договорот и да ги врати останките од преостанатите 18 убиени заложници кои сè уште се наоѓаат во Појасот Газа.
Израелската војска (ИДФ) претходно го информираше семејството на убиениот Елијаху Маргалит дека Хамас го вратил неговото тело во Израел синоќа.
ИДФ соопшти дека, според разузнавачките информации, Елијаху (75) бил убиен на 7 октомври 2023 година, а неговото тело подоцна било однесено во Појасот Газа од кибуцот Нир Оз.
Смртта на Елијаху Маргалит беше потврдена од израелската војска во декември 2023 година.
Свет
Милиони Американци би можеле да останат без купони за храна

Околу 42 милиони Американци би можеле да останат без купони за храна во ноември поради тековниот прекин на работата на федералната влада, предупреди министерката за земјоделство Брук Ролинс.
Програмата за дополнителна помош во исхраната (SNAP), позната и како купони за храна, е дел од клучната национална мрежа за безбедност на храната и обезбедува просечен месечен надомест од 188 долари по лице, пишува Си-Ен-Ен.
Ролинс рече дека средствата за програмата ќе бидат исцрпени во рок од две недели и ги обвини демократите за блокадата на финансирањето.
Свет
Десетици илјади евакуирани на Филипините, се приближува ураган

Десетици илјади луѓе на Филипините се евакуирани денеска од своите домови на брегот на Пацификот поради опасност од поплави во момент кога тропската бура „Феншен“ го зафати регионот, јавија светските агенции.
Бурата попладнево со брзина на ветрот до 80 км на час ја погоди општина Губат, на југоисточниот врв на главниот остров Лузон, соопшти државната метеоролошка служба.
Откако жителите беа евакуирани од крајбрежните и другите ризични области, локалните власти соопштија дека нема извештаи за сериозни штети или жртви.
„Имаше обилни дождови и силни налети на ветер, иако не толку силни“, изјави Рајан Естреладо, спасувач во Губат.
Ураганот вечер треба да помине во близина на островот Катандуанес, кој има население од 270.000 жители, со брзина на ветер до 90 км/ч. Се очекува „Феншен“ да се засили пред да стигне до копното по втор пат во централен Лузон, соопшти националната метеоролошка служба.