Свет
Нова експлозија во нуклеарката Фукушима

Нова експлозија се случи денеска во 11 часот по локално време во нуклеарната централа Фукушима Даичи, кај реакторот број 3.
Нова експлозија се случи денеска во 11 часот по локално време во нуклеарната централа Фукушима Даичи, кај реакторот број 3.
Владиниот портпарол потврди дека реакторот не е оштетен и дека дошло до експлозија на водород, слично како и кај реакторот број 1 во саботата.
Експлозијата се случи по соопштението од компанијата дека радијацијата што ја испушта реакторот е зголемена и дека расте притисокот внатре во реакторот. Граѓаните што живеат во радиус од 20 километри околу централата, а не беа евакуирани, предупредени се да не излегуваат од дома поради зголемена радијација.
Властите додаваат дека обвивката на реакторот, како и контролната соба не се оштетени.
Тројца работници се повредени, а седум се водат како исчезнати.
Неколку часа по експлозијата кај реакторот број 3, почнаа проблеми и со реакторот број 2. Ројтерс јавува дека започнува акција за испуштање на водородот од реакторот број 2.
Агенцијата Кјодо и јапонската телевизија јавуваат дека на само 30 километри од Фукушима Даичи експлодирал резервоар со гориво. Агенцијата Јиџи јавува дека откажал и системот за ладење на реакторот 2 во Фукушима. /крај/рој/ин/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Mерц: Русија ги загрози човечките животи во земја-членка на НАТО

Германскиот канцелар Фридрих Мерц остро го осуди нарушувањето на полскиот воздушен простор со борбени беспилотни летала и ја осуди Русија за провокации.
„Русија се закани со човечки животи во земја која е членка на Европската Унија и НАТО“, објави Фридрих Мерц.
Канцеларот изјави дека денешната „неодговорна акција“ е уште една во долгата низа провокации во балтичкиот регион и источното крило на НАТО.
„Германија остро ја осудува оваа агресивна руска акција“, се вели во соопштението за медиумите.
Мерц верува дека е добро што Полска и партнерите од НАТО брзо ја забележаа, реагираа и ја отстранија опасноста.
„НАТО е и останува подготвен да се брани“, заклучи Мерц.
Пред тоа, германскиот министер за одбрана Борис Писториус објасни во Бундестагот дека нема причина да се верува дека станува збор за грешка во управувањето со беспилотните летала.
Свет
Германскиoт министер за одбрана: Упадот на руски беспилотни летала во Полска не е грешка

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус изјави дека руските беспилотни летала што влегле во полскиот воздушен простор биле „јасно насочени на тој начин“.
Писториус ја отфрла можноста за случајна грешка.
Одговарајќи на прашања од пратениците во Бундестагот во Берлин, Писториус рече: „Нема причина да се сомневаме дека станува збор за корекција на курсот, грешка или нешто слично“.
Тој нагласи дека ова покажува како тие се „постојано изложени на закани од провокации“ од руските сили – во Балтикот од морето, а за Централна Европа преку „хибридни напади“ или летови како овие дронови.
Свет
Поплави на Бали, најмалку девет лица загинаа

Поплавите на индонезискиот остров Бали оваа недела убија најмалку девет лица, ги блокираа главните патишта во главниот град и го нарушија животот во прометната туристичка дестинација, соопштија денес официјални лица.
Силните дождови помеѓу вторник вечерта и среда предизвикаа големи поплави и убија пет лица во главниот град на Бали, Денпасар, изјави Абдул Мухари, портпарол на државната агенција за природни катастрофи.
Уште четири лица загинаа во регионите Џембрана, Џијањар и Бадунг, додаде Мухари. Две лица сè уште се водат како исчезнати.
Од 600 жители погодени од поплавите, речиси 200 се евакуирани од своите домови во училишта и џамии бидејќи нивните куќи се сè уште поплавени, соопшти агенцијата.
И. Њоман Сидакарја, раководител на агенцијата за пребарување и спасување на островот, изјави дека поплавите уништиле две згради во Денпасар и додаде дека пристапот до меѓународниот аеродром, кој се наоѓа недалеку од Денпасар, е ограничен бидејќи по патиштата можат да се движат само камиони.
Индонезискиот претседател Прабово Субианто изрази сочувство и му нареди на раководителот на националната агенција за катастрофи да отпатува на Бали за да ги води итни интервенции таму и да ги гарантира основните потреби на населението.