Свет
Најмалку 13 загинати во немирите во Сирија

Сириските сили за безбедност отворија оган врз демонстрантите во градовите Хомс и Хамас, во централниот дел на земјата, при што загинаа 13 луѓе, пренесува агенцијата AFP
Истовремено, државните медиуми јавуваат дека во градот Хомс загинал еден офицер, а четворица полицајци се ранети.Сирискиот власти денеска го уапсија лидерот на опозицијата Риад Сеиф за време на анти-владините демонстрации во квартот Мидан во престолнината Дамаск, пренесува Reuters кој ја цитира изјавата ќерката на опозицискиот водач Жумана Сеиф.Протестите со кои се бараат демократски реформи во Сирија започнаа во средината на март. Армијата и безбедносните сили на Сирија вршат постојан притисок врз демонстрантите растурајќи ги нивните митинзи низ градовите на земјата. Во петоците инаку се одржуваат најмасовните демонстрации на опозицијата.Масовни демонстрации во Сирија започнаа во областа Дера’a. Директен повод за тоа беше апсењето на група ученици кои по ѕидовите испишувале анти-владини пароли. Нивните сограѓани масовно излегоа на улиците барајќи ослободување на момчињата. Подоцна, на протестот се прошири на уште неколку други региони на земјата, а особено беа масовни во градовите Латакија, Банијас, Хомс и Хама, како и во некои предградија на главниот град Дамаск. За време на судирите на демонстрантите со полицијата во Сирија, според опозицијата, загинале повеќе од 500 луѓе. Според официјалните податоци на сириските власти, пак, од почетокот „на насилството предизвикано од платеници против безбедноста на граѓаните и татковината“, загинале 70 цивили и 80 војници и полицајци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Путин: Ќе ставиме крај на војната под наши услови

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека крајната цел на специјалната воена операција во Украина е воспоставување на долгорочен и одржлив мир, кој ќе ја гарантира безбедноста на Русија и ќе ги заштити интересите на руско-јазичното население во Украина.
Во интервју за руската државна телевизија, Путин нагласи дека Москва има доволно сила за да ја заврши војната според своите услови.
„Овој резултат ги елиминира причините што ја предизвикаа оваа криза, создава услови за долгорочен одржлив мир и обезбедува безбедност на руската држава“, рече Путин, пренесуваат руските медиуми.
Тој додаде дека Русија мора да ги брани луѓето кои зборуваат руски јазик и кои ја сметаат Русија за своја татковина.
„Нивните интереси мора да бидат заштитени“, потенцираше рускиот претседател.
Свет
Рубио: Русија подготвува предлог за прекин на огнот во Украина

Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека Русија подготвува документ со барања за прекин на огнот во Украина, што би можело да отвори пат за продолжување на мировните преговори. Изјавата доаѓа по телефонскиот разговор што Рубио го оствари со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.
Во интервју за американската телевизија Си-Би-Ес, Рубио посочи дека и Украина работи на сопствен предлог и изрази надеж дека двете страни ќе излезат со свои документи во наредните денови.
„Ако тие листи имаат идеи кои се реални и рационални, тогаш мислам дека сме постигнале напредок. Но, ако барањата се нереални, ќе мора да направиме поинаква проценка“, рече Рубио, додавајќи дека овој процес не смее да се претвори во бесконечни разговори без резултати.
Тој истакна дека директен дијалог меѓу рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски би имал позитивен ефект врз преговорите и дека очекува тоа да се случи наскоро.
Рубио потврди дека со Лавров разговарал и за време на преговорите меѓу руската и украинската делегација во Истанбул, одржани на 16 мај. Тој ги оцени разговорите како конструктивни, бидејќи бил постигнат договор за размена на 1.000 воени заробеници од двете страни.
На прашањето дали Русија преку новите преговори се обидува само да добие на време, Рубио одговори: „Тоа ќе се покаже сега“.
Свет
Папата Лав XIV: Ќе работам на единството, Црквата да биде симбол на мирот во светот

На инаугуративната миса одржана денеска на плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан, новоизбраниот папа Лав XIV вети дека ќе се залага за единство во Римокатоличката црква, повикувајќи на помирување и слога во време на длабоки поделби.
„Сакам Црквата да биде симбол на мирот во светот. Единството не е само наш повик, туку и наш долг“, изјави Папата во својата прва проповед пред десетици илјади верници, како и бројни светски и црковни лидери кои присуствуваа на свечената церемонија.
Американските медиуми ја истакнуваат важноста на оваа порака, особено во контекст на се поголемата поларизација во рамките на Римокатоличката црква, особено во САД.
Во текот на свеченоста, на папата Лав XIV му беа врачени и трите главни симболи на неговата папска функција: палиумот, литургиската облека и рибарскиот прстен – познат како Пискаторски прстен.
Литургиската облека е изработена од јагнешка волна, што ја симболизира улогата на папата како пастир. Палиумот, кој се носи преку рамото и се прицврстува со три иглички што потсетуваат на шајките од Христовиот крст, го претставува товарот и мисијата на пастирската служба. Рибарскиот прстен, кој традиционално се уништува по смртта на папата, го симболизира односот на Светиот Отец со Свети Петар, првиот папа и рибар по занимање.
Папата Лав XIV стапува на функцијата во време на глобални предизвици и духовни расколи, со порака дека ќе ја води Црквата кон помирување и обновување на довербата кај верниците ширум светот.