Свет
Во Мексико 28 мртви во судир на банди

Најмалку 28 луѓе се убиени а четири се тешко ранети во средата доцна навечер во судирите на ривалски банди на автопат во сојузната мексиканска држава Наирит во западниот дел од земјата
„Дваесет иосум мртви лица и четири ранети се пронајдени на самото место, како и десетина напуштени возила“, соопштиле од канцеларијата на мексиканското обвинителство.Полицијата интервенирала, откако првично била информирана дека станува збор за киднапирање.Судирот меѓу припадниците на двете банди се случил на автопатот на раскрсница во близина на местото Руиз. Во престрелката биле користени пушки и гранати, а судирот траел речиси цел час, велат сведоци за локалните медиуми. Жителите на градот Руиз изјавиле за новинарите на локалниот весник El Heraldo дека интензитетот на пукањето го принудило локалното население да ги затвори продавниците и да се сокрие во своите домови.Според официјалните податоци, во изминатите четири години во Мексико биле убиени повеќе од 34 илјади луѓе, главно во насилства поврзани со трговија на дрога.Откако во 2006 г. на власт дојде претседателот Фелипе Калдерон, тој им објави војна на организираниот криминал и нарко мафијата. Меѓутоа, имајќи ја предвид раширената корупција меѓу владините и полициските службеници, тој беше принуден да ја ангажира и војската, која во борбата против картелите учествтва со 50 илјади свои припадници од разни родови.Според оцените на експертите, секоја година преку Мексико во САД, Европа и Азија се пренесуваат наркотици во вредност од повеќе од 40 милијарди долари. Големата заработка и близината на богатиот американски пазар се причината за крвавите судири меѓу нарко картелите кои сакаат да имаат превласт врз шверцерските канали.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Позитивна средба меѓу Трамп, Зеленски, Макрон и Стармер – Доналд си заминал од Рим

На маргините од испраќањето на папата Франциск во Рим, претседателите на САД, Доналд Трамп, Украина, Володимир Зеленски, Франција, Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер остварија „позитивна“ размена на мислења за ситуацијата во Украина, соопшти Елисејската палата.
„Потврдувам дека имаше размена на мислења меѓу претседателот и Трамп, Зеленски и Стармер, што беше позитивно“, изјави советник од Елисејската палата.
Иако постоеше можност за нова средба помеѓу Трамп и Зеленски по церемонијата, американскиот претседател го напушти Рим без дополнителна средба, јавуваат агенциите.
Претходно, Зеленски и Трамп накратко се сретнале во базиликата „Свети Петар“, седејќи на две столчиња без советници околу нив. Белата куќа соопшти дека разговорот бил „многу продуктивен“, особено во контекст на обидите за ставање крај на конфликтот меѓу Украина и Русија.
Трамп, кој интензивно врши притисок врз двете страни да постигнат прекин на огнот, во петокот изјави дека неговиот претставник остварил „продуктивни“ разговори со руското раководство. Тој повика на итен состанок на високо ниво меѓу Киев и Москва за финализирање на мировен договор.
Трамп веќе ги предупреди страните дека неговата администрација ќе се повлече од напорите за постигнување мир ако не се постигне договор наскоро. Средбата во Рим е прва лична средба меѓу Трамп и Зеленски откако во февруари имаа жестока расправија во Овалната соба.
Свет
(Фото+Видео) Папата погребан со едноставна церемонија во „Санта Марија Маџоре“

Поворката со ковчегот на папата Франциск пристигна во базиликата „Санта Марија Маџоре“ во Рим, каде што поглаварот на Католичката црква ќе биде погребан. Погребната поворка, која го носеше ковчегот на Франциск во пренаменет папамобил, тргна од базиликата „Свети Петар“ кон неговата последна дестинација, додека илјадници верници, собрани на улиците на Рим, му оддаваа почит.
На рутата долга околу 5,5 километри од плоштадот „Свети Петар“, поворката помина покрај бројни познати римски споменици, вклучувајќи го и Колосеумот, а насобраните граѓани аплаудираа додека ковчегот минуваше.
Пред базиликата „Санта Марија Маџоре“, папата Франциск беше пречекан од четириесет претставници на маргинализирани групи – мигранти, бездомници, затвореници и трансродови лица – кои му оддадоа последна почит.
Погребот на папата ќе биде приватен, според неговите сопствени желби. Франциск ќе биде погребан во базиликата од петтиот век, лоцирана во центарот на Рим, во мала ниша на подот. Надгробната плоча, изработена од лигурски мермер, ќе го носи само неговото име на латински јазик – Franciscus.
Во истата базилика е погребан и прочуениот архитект и скулптор Џан Лоренцо Бернини, авторот на колонадите на плоштадот „Свети Петар“, каде што се одржа и погребната миса за папата Франциск.
Целиот церемонијал се одржа по едноставна постапка, како што тој лично посакувал.
Последниот папа што бил погребан надвор од ватиканските ѕидини бил Лав XIII, кој починал во 1903 година и бил погребан во базиликата „Свети Јован Латерански“. Последен пат, папа бил погребан во базиликата „Санта Марија Маџоре“ во 1669 година, кога таму бил положен Климент IX.
Кардинал Батиста Ре: Папата Франциск беше близок до народот и посакуваше Црква за сите
Италијанскиот кардинал Џовани Батиста Ре, на церемонијата на збогување на плоштадот „Свети Петар“, изјави дека папата Франциск бил „папа близок до народот“, кој посакувал Црква отворена за сите. Како што истакна кардиналот, водечката нишка на 12-годишниот понтификат на Франциск била идејата за „Црквата како дом за сите“.
Батиста Ре, 91-годишниот декан на Колеџот на кардинали кој ја предводеше погребната миса за покојниот поглавар на Римокатоличката црква, нагласи дека Франциск сакал да биде меѓу народот, со „отворено срце за сите“. Тој додаде дека папата бил особено чувствителен на она што се случувало во општеството, но и на инспирацијата која, како што рече, Светиот Дух ја внесувал во животот на Црквата.
Во своето обраќање пред насобраните верници и светски лидери, Батиста Ре го опиша Франциск како „многу спонтан човек“, со „неформален начин на комуникација со сите“, вклучително и со оние кои биле далеку од верата. „Полн со човечка топлина и длабоко чувствителен на раните од денешницата, папата Франциск навистина ги сподели грижите, страдањата и надежите на нашето време“, рече кардиналот.
Франциск, според него, се залагал за Црква што се грижи за проблемите што го разоруваат современиот свет, Црква што ќе се наведне над секој човек, без разлика на неговата вера или животни околности.
Кардиналот потсети дека папата бил најмногу загрижен за маргинализираните – сиромашните, мигрантите и бегалците. Прво патување како папа Франциск го направил токму на Лампедуза, остров кој стана симбол на трагедијата на миграцијата.
Батиста Ре ги спомена и дел од 47-те апостолски патувања на Франциск, вклучително и посетата на грчкиот остров Лезбос заедно со претставници на други цркви, мисата на границата меѓу Мексико и САД, како и ризичното патување во Ирак во 2021 година.
Следејќи ја визијата на Франциск, кој постојано повикуваше на „градење мостови, а не ѕидови“, италијанскиот кардинал испрати силна порака за важноста на мирот.
„Војната секогаш го остава светот полош отколку што беше порано. Војната е секогаш болен и трагичен пораз за сите“, рече Батиста Ре, обраќајќи се пред околу педесет светски лидери кои пристигнаа во Ватикан за да му оддадат последна почит на папата Франциск.
Свет
Трамп и Зеленски разговараа 15 минути пред погребот, нова средба подоцна

Портпаролот на украинскиот претседател, Сергеј Никифоров, изјави дека Володимир Зеленски и американскиот претседател Доналд Трамп денеска ќе одржат уште една средба.
Двајцата лидери веќе имаа краток, 15-минутен разговор во базиликата Свети Петар, непосредно пред почетокот на погребот на папата Франциск.
„Лидерите се согласија да ги продолжат разговорите денеска. Тимовите работат на организирање на продолжението на состанокот,“ изјави Никифоров.