Свет
Мароканците ги поддржаа уставните реформи на кралот

Повеќе од 98 отсто Мароканци гласале за ревизија на уставот, соопшти синоќа мароканскиот министер за внатрешни работи Таиб Шеркауи, по пребројувањето на гласовите на 94 отсто од избирачките места.
Повеќе од 98 отсто Мароканци гласале за ревизија на уставот, соопшти синоќа мароканскиот министер за внатрешни работи Таиб Шеркауи, по пребројувањето на гласовите на 94 отсто од избирачките места.
На гласањето излегле 72.65 отсто граѓани. Со реформата во Уставот ќе се ограничат овластувањата на мароканскиот крал во полза на премиерот.
Мароканското улично движење „20-ти февруари“ не наиде на масовна поддршка како во Тунис и Египет. Тоа бара само намалување на кралските овластувања на ниво на овластувањата на британскиот и шпанскиот монарх, а не негово заминување од власта.
Новиот устав и’ доделува повеќе овластувања на извршната власт, но кралот останува на чело на војската, верските власти и правосудството и натаму има право да го распушти парламентот, но не еднострано како досега.
Ревидирањето на мароканскиот устав започна пред три месеца кога по масовниот бунт од февруари, властите соопштија дека имаат намера да преземат чекори за демократизација на политичкиот систем на земјата. Во своето обраќање до нацијата од 9-ти март годинава, кралот Мохамед Шести објави дека ќе има уставни реформи.
Светската заедница и Мароканците реагираа различно на претстојниот референдум. Европската унија ги поздрави главните елементи на новиот устав на Мароко. Во заедничката изјава на ЕУ, шефот на дипломатијата и еврокомесарот за проширување, Кетрин Ештон и Стефан Фуле, изјавија дека целосното завршување на уставните реформи е важен чекор напред во процесот на реформите иницирани во Мароко. Од друга страна, дел од јавноста во Мароко негативно го коментираше претстојниот референдум. На пример, најголемиот синдикален сојуз во Мароко, „Демократската конфедерација на трудот“, повика на бојкот на референдумот за новиот устав.
Мароканската опозиција бара пренесување на сета извршна власт во земјата на избрани функционери, а исто така го критикуваше новиот нацрт-уставот, нарекувајќи го „вообичаен трик на власта“ којашто не сака воспоставување вистински демократски систем. Опозицијата бара спроведување уставни реформи кои ќе обезбедат реални промени а не само формално воспоставување на парламентарна монархија во Мароко. /крај/хи/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Орбан по разговорите Трамп-Путин: Голема вест за мирољубивите луѓе, подготвени сме

Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека наскоро повторно ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, а овој пат средбата ќе се одржи во Будимпешта. Двајцата лидери се согласија за нов самит за време на телефонски разговор.
Унгарија е подготвена да биде домаќин на самитот Русија-САД, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан.
„Планираната средба меѓу американскиот и рускиот претседател е голема вест за мирољубивите луѓе низ целиот свет. Подготвени сме!“ напиша тој на X.
Трамп и Путин последен пат се сретнаа пред два месеци во Алјаска, но таа средба не донесе конкретен напредок кон мирот во Украина, по што следеше период на дипломатско затишје меѓу Вашингтон и Москва, анализираат медиумите.
Денешниот телефонски повик не беше објавен со денови, за разлика од некои претходни, а аналитичарите истакнуваат дека времето на неговото случување е исклучително значајно. Имено, Трамп утре треба да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Клучната тема на нивниот разговор ќе биде можното испраќање американски ракети со долг дострел „Томахавк“ во Украина, што би претставувало значително зголемување на воената помош за земјата.
Фото: принтскрин
Свет
Трамп по телефонскиот разговор: Ќе се сретнам со Путин во Будимпешта

Американскиот претседател Доналд Трамп денес разговараше по телефон со рускиот претседател Владимир Путин, еден ден пред најавената средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Трамп напиша на својата социјална мрежа „Truth Social“ дека разговорот бил „многу продуктивен“.
„Претседателот Путин ми честиташе мене, како и на Соединетите Американски Држави, за големото достигнување – мир на Блискиот Исток – нешто за кое, како што рече, се сонувало со векови. Навистина верувам дека успехот на Блискиот Исток ќе помогне во нашите преговори за ставање крај на војната меѓу Русија и Украина“, додаде американскиот претседател.
Тој, исто така, изјави дека трговијата меѓу Русија и САД е дискутирана кога ќе заврши војната во Украина.
„Се договоривме дека следната недела ќе се одржи состанок на нашите високи советници. Првичните состаноци од американска страна ќе ги води државниот секретар Марко Рубио, заедно со неколку други лица кои ќе бидат одредени подоцна. Местото на состанокот ќе биде одредено подоцна. Потоа претседателот Путин и јас ќе се сретнеме на договорената локација – во Будимпешта – за да видиме дали можеме да ја завршиме оваа „озлогласена“ војна меѓу Русија и Украина“, напиша Трамп.
Тој потсети дека утре во Белата куќа се среќава со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Специјалниот претставник на Владимир Путин, Кирил Дмитриев, рече дека разговорот меѓу претседателот на Русија и Трамп бил „позитивен и продуктивен“.
Се очекува дека на утрешната средба во Белата куќа, Зеленски ќе побара од Трамп посилна воена поддршка за Киев во конфликтот против Русија. Киев бара од САД да го снабдат со ракети „Томахавк“ со долг дострел, според Ројтерс.
Трамп рече дека би можел да ја снабди Украина со такво оружје ако Путин продолжи да одбива да учествува во мировните преговори.
Амбасадорот на Русија во Велика Британија, Андреј Келин, се придружи на низа московски дипломати кои упатија строго предупредување до САД во врска со можната испорака на крстосувачки ракети „Томахавк“ во Украина.
Фото: принтскрин
Свет
Фицо: Без разумни предлози, нема да поддржам нови санкции против Русија

Словачкиот премиер Роберт Фицо денес изјави дека нема да го поддржи 19-тиот пакет санкции против Русија, освен ако заклучоците на Европскиот совет не содржат, како што изјави, „разумни предлози и насоки“ за Европската комисија.
Зборувајќи на собирот „Ден на извозот на ЕУ“, посветен на зајакнување на подготвеноста за извоз и конкурентноста на компаниите надвор од ЕУ, Фицо истакна дека Европскиот совет мора да се справи со клучните економски прашања, а не само да ѝ помогне на Украина, објави словачки „Справи“.
„Нема да го поддржам 19-тиот пакет санкции против Русија сè додека не видиме разумна формулација и упатства за Европската комисија во заклучоците на Европскиот совет“, рече Фицо, додавајќи дека лидерите на ЕУ имаат обврска да ја водат Комисијата како извршен орган на Унијата.
Тој нагласи дека е потребно да се дадат конкретни предлози во врска со индустријата, особено автомобилската индустрија, како и цените на електричната енергија.
Фицо ги повика политичките и економските актери во Словачка да се подготват за идното обновување на односите со Русија, бидејќи, како што изјави, „по завршувањето на војната, ќе биде потребно да се бараат деловни можности во таа земја“.
Премиерот на Словачка го критикуваше Европскиот совет за, според неговите зборови, прекумерна концентрација на Украина, додека проблемите со конкурентноста на земјите од ЕУ се занемаруваат.
„Ако не го решиме прашањето на извозот и високите цени на енергијата, нашите производи нема да можат да бидат конкурентни на светскиот пазар“, предупреди Фицо.
Осврнувајќи се на планираната забрана за производство на автомобили со мотори со внатрешно согорување од 2035 година, Фицо повика на преиспитување на таа одлука со продолжување на рокот или промена на условите.
„Автомобилската индустрија во Словачка учествува со околу 40 проценти во извозот и 10 проценти во БДП. Ако го оставиме тоа настрана, и знаеме во каква криза се наоѓа, и не кажеме ништо на следниот Европски совет, се поставува прашањето, зошто воопшто се состануваме, освен за Украина?“, заклучи Фицо.
Фото: принтскрин