Свет
Западот стравува дека парите и оружјето на Гадафи ќе паднат во рацете на Ал Каеда
САД, Велика Британија и Франција се обратија до соседните земји на Либија да ги зајакнат граничните контроли за да се спречи изнесувањето во странство на пари, злато и оружје на режимот на Моамер ел-Гадафи, пишува во средата алжирски весник „Ал-Khabar“
Западот стравува дека парите, оружјето а можеби и многу токсични хемикалии, може да дојдат во рацете на глобалната терористичка мрежа Ал Каеда, особено на нејзините ќелии коишто се активни во Северна Африка познати како „Ал Каеда во земјите на исламскиот Магреб“. Овие средства, според западните земји, може да бидат искористени од страна на екстремисти за терористички акти, кои би можеле да бидат изведувани и во европските земји. Соодветни писма, според алжирскиот дневен весник, по доверливи дипломатски канали биле испратени до раководствата на Алжир, Тунис, Египет, Чад и Нигер. Во пораката, наводно, особено се укажувало на тоа дека во Либија е можно сé уште да е сокриено одредено количество оружје за масовно уништување, што му беше на располагање на режимот на либискиот водач полковникот Моамер ел-Гадафи од чиешто производство и употреба тој се откажа пред неколку години. Покрај тоа, Западот ги предупреди соседните земји на Либија да не им даваат азил или дозвола за транзит преку нивните територии на сите членови на владејачкиот режим во Либија, особено на оние за чиешто апсење инсистира Меѓународниот кривичен суд поради нивна инволвираност во хуманитарни злосторства. Либискиот бунтовници го завладеаја најголемиот дел од главниот град Триполи на 22 август. Но, досега ниту еден од високите функционери на владејачкиот режим, вклучувајќи го и самиот Гадафи не се уапсени. За судбината на два најбарани претставници на стариот режим – Моамер ел-Гадафи и неговиот син Сеиф ал-Ислам, исто така, сé уште не се знае за ништо.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Пленковиќ: Украина не смее да потпише предавање на територија на Русија
Украина не смее да стави „ни капка мастило“ на документ со кој законски би отстапила нејзина територија на Русија, изјави премиерот Андреј Пленковиќ во Давос, објави Индекс.хр.
На Светскиот економски форум (WEF) во швајцарскиот алпски град, премиерот на Хрватска учествуваше на панел за Украина заедно со генералниот секретар на НАТО Марк Руте, финскиот претседател Александар Стаб, холандскиот премиер Дик Шуф и латвискиот претседател Едгарс Ринкевич.
За време на дискусијата, Пленковиќ нагласи дека Хрватска спаѓа во групата земји кои се „јасно проукраински во однос на солидарноста и поддршката“.
„Ова произлегува од нашето сопствено искуство. Поради големосрпската агресија на почетокот на 1990-тите, Хрватска во еден момент имаше и 27 проценти од својата окупирана територија“, рече тој, додавајќи дека Украина сега е на 19,5 проценти.
Пленковиќ нагласи дека сите мировни договори имаат два аспекта, моментот и контекстот во кој се потпишани и нивните последици во иднина.
Во овој поглед, Пленковиќ нагласи дека Украина „не треба да стави ниту капка мастило на документ со што de iure би ја предала“ својата територија.
„Ова е од клучно значење за Украина, но и за да се спречи преседан што би ја загрозил стабилноста на меѓународниот систем, правото и односите во иднина“, рече тој.
фото/Depositphotos
Свет
Будимпешта му порачува на Брисел: Не сметајте на нас
Унгарија јасно објави дека нема да биде поддршка за финансирање на Украина, повикувајќи ги и Европската Унија и Украина да не сметаат на Будимпешта кога станува збор за доделување средства за Киев.
Како што изјави Золтан Ковач, државен секретар за меѓународни комуникации и односи во кабинетот на унгарскиот премиер, барањата што доаѓаат од Брисел и Киев се, како што изјави тој, „скандалозни“.
„Украина бара од нас 800 милијарди долари, а Брисел сака да ги земе тие пари од унгарските семејства. Ние испраќаме јасен сигнал до Брисел и Киев: не сметајте на нас. Унгарските пари ѝ припаѓаат на Унгарија“, рече Ковач во видео обраќање објавено на социјалната мрежа „Икс“.
Овој став произлегува од претходните изјави на унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој на 5 јануари, на прес-конференција, објави дека Будимпешта нема намера да ја финансира Украина ниту да го поддржи продолжувањето на вооружениот конфликт во 2026 година.
Во тоа време, Орбан го критикуваше и таканаречениот мировен план од 20 точки за Украина, кој предвидува „глобален пакет“ помош и создавање фондови со вкупна вредност од 800 милијарди долари за обнова на земјата, нагласувајќи дека Унгарија нема да учествува во такви аранжмани.
Свет
Брисел: Европа не е во војна со Русија, не можеме да го конфискуваме нејзиниот имот
Европа не е во војна со Русија и не може само да ги конфискува нејзините средства, изјави белгискиот премиер Барт де Вевер во Давос, одговарајќи на прашање за замрзнатите суверени средства на Русија.
„Ние не сме во војна со Русија. Европа не е во војна со Русија. Не можете едноставно да конфискувате пари. Тоа е воен чин“, рече Вевер.
Во исто време, де Вевер е убеден дека „на крајот, руските средства ќе бидат потрошени за обнова на Украина“.
„Би бил многу тажен ако барем едно евро од овие пари се врати во Москва“, заклучи тој.
Според него, прашањето за рускиот имот ќе биде покренато за време на мировните преговори за Украина.
„Кога ќе се постигне мировен договор, имотот ќе биде на преговарачката маса“, рече функционерот.
Минатата година, Европската комисија бараше согласност од земјите-членки на ЕУ да ги користи руските суверени средства за поддршка на Киев. Разгледувани се износи од 185 до 210 милијарди евра кредити, кои Украина би била условно обврзана да ги врати по завршувањето на конфликтот и во случај „Москва да плати материјална штета“. Сепак, не е донесена никаква одлука.
Како што изјави белгискиот премиер Барт де Вевер по самитот во Брисел на крајот од минатата година, сите земји од ЕУ препознаа дека конфискацијата на рускиот имот би претставувала финансиски и правни ризици со кои е тешко да се управува, пренесува Спутник.
Во меѓувреме, Кремљ претходно предупреди дека конфискацијата на рускиот имот, доколку се спроведе, нема да остане без одговор и дека ваквите чекори би имале многу сериозни последици. За време на годишната прес-конференција, рускиот претседател Владимир Путин ја нарече идејата за конфискација на рускиот имот грабеж и предупреди дека тоа може да доведе до директни загуби поврзани со основните темели на современиот светски финансиски поредок.

