Свет
Оланд води на предизборите меѓу француските социјалисти
Умерениот левичарски пратеник Франсоа Оланд е победник на внатрепартиските избори за претседателскиот кандидат на француските социјалисти на претседателските избори што ќе се одржат идната година.
Умерениот левичарски пратеник Франсоа Оланд е победник на внатрепартиските избори за претседателскиот кандидат на француските социјалисти на претседателските избори што ќе се одржат идната година. Според конечните податоци од изборите што се одржаа во неделата, на нив излегле повеле од два милиона избирачи, или околу пет отсто од вкупното избирачко тело. По неколкуте изборни порази, француските социјалисти се решија на внатрепартиски прелиминарни избори по урнекот на американските избори за претседателска номинација, за да го изберат својот кандидат кој во 2012 година ќе му се спротистави на актуелниот претседател Николас Саркози. Особено што поради скандалите фаворитот на француската левица, поранешниот извршен директор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Доменик Строс Кан, отпадна како можен претседателски кандидат. Социјалистичката партија на Франција пред малку ги објави прелиминарните резултати коишто покажуваат дека Франсоа Оланд води со 39 отсто од гласовите, пред претседателката на партијата и градоначалничка на Лил, Мартина Обри којашто освои освоила 31 отсто од гласовите. Обри е ќерка на поранешниот претседател на Европската комисија, Жак Делор, и има силна поддршка во структурите на партиите. Вториот круг од предизборите меѓу социјалистите ќе се одржи во недела на 16-ти октомври, бидејќи ниеден од кандидатите не освои повеќе од половината од гласовите на излезените избирачи. Според испитувањето на јавното мнение, се наметнува размислувањето дека Оланд не само што ќе победи на изборите меѓу социјалистите, туку и ќе го победи Саркози на претседателските избори во април идната година. Тој уште во неделата по соопштувањето на првичните резултати, ги повика сите избирачи да го поддржат во вториот круг. Доколку тие предвидувања се остварат, тој ќе биде првиот социјалистички политичар кој ќе влезе во Елисејската палата по 17 години. Зад Оланд и Обри, на трето место со 17 отсто од гласовите е 48-годишниот Арно Монтебур, еден од лидерите на француската левица кој се залага за деглобализација – „демондијализација“, облик на европскиот протекционизам кој има цел да го запре слабеењето на индустријата во Франција. Следи е 57-годишната Сеголен Роајал, поранешна вонбрачна партнерка на Оланд, којашто во 2007 година загуби на претседателките избори од Николас Саркози. Таа оствари многу лош резултат освојувајќи само 7 отсто од гласовите на своите сопартијци. Роајал е олицетворение на атипичниот социјализам, кој акцентот го става врз правната држава.На изборите можеше да учествува секој лево ориентиран избирач кој ќе уплатеше едно евро. Социјалистичката партија понуди 10 илјади избирачки места, а ниеден гласач не мораше да мине повеќе од 10 километри до местото на кое ќе гласа.Самите кандидати, како и еден од челниците на социјалистите, Арлем Деси, го опишаа одѕивот на гласачите како „триумф на демократијата, на партијата и нејзиниот иден претседателски кандидат“./крај/афп/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Шефот на НАТО: Кина сака добри односи со Западот и и помага на Русија, не може да ги има и двете
Кина мора да престане да ја поддржува руската војна во Украина ако сака да ужива во добри односи со Западот, изјави денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, предупредувајќи го Пекинг со невообичаено остри зборови дека не може да ги има и двете. За време на посетата на Берлин, шефот на западната воена алијанса рече дека помошта на Пекинг е од витално значење за воените напори на Москва бидејќи ја зајакнува воената економија на Русија со споделување на врвна технологија, како што се полупроводниците.
„Минатата година Русија увезе 90 отсто од својата микроелектроника од Кина, која се користи за производство на проектили, тенкови и авиони. Кина исто така работи на Русија да и обезбеди подобрени сателитски способности“, рече Столтенберг. „Кина вели дека сака добри односи со Западот. Во исто време, Пекинг продолжува да го поттикнува најголемиот вооружен конфликт во Европа од Втората светска војна. Не може да ги има и двете“, предупреди тој.
Столтенберг ги предупреди западните сојузници да не станат зависни од Кина како што беа од Русија. „Во минатото направивме грешка што станавме зависни од руската нафта и гас. Не смееме да ја повториме таа грешка со Кина и да зависиме од нејзините пари, суровини и технологии. Зависноста не прави ранливи“, додаде тој.
Кина ги зајакна трговските и воените врски со Русија во последниве години, бидејќи САД и нивните сојузници воведоа санкции и на двете, но особено на Москва, поради нејзината инвазија на Украина. Рускиот претседател Владимир Путин изјави во четвртокот дека планира да отпатува за Кина во мај, но не прецизираше точно кога.
Свет
САД градат привремено пристаниште во близина на Газа за испраќање хуманитарна помош
Соединетите Држави почнаа да градат пристаниште во Газа, соопшти денеска Пентагон, проект кој треба да ја олесни испораката на хуманитарна помош на палестинската територија. Пристаништето треба да профункционира на почетокот на мај.
Во март, претседателот Џо Бајден објави дека американската војска ќе изгради привремено пристаниште на медитеранскиот брег на Газа за да добива хуманитарна помош по море.
Изградбата е дел од напорите да се спречи гладувањето во палестинската енклава, која веќе пет месеци се наоѓа во средината на израелската воена кампања против Хамас, која го опустоши Појас Газа и ги потопи нејзините 2,3 милиони луѓе во хуманитарна катастрофа.
„Можам да потврдам дека американските воени бродови, вклучително и УСНС Бенавидез, почнаа да градат привремено пристаниште…“ изјави за новинарите портпаролот на Пентагон, Патрик Рајдер.
ОН предупредија дека Газа е во опасност од глад и се пожалија на „огромни пречки“ при добивањето помош и нејзино дистрибуирање низ енклавата.
Агенциите за помош и администрацијата на Бајден го молеа Израел да ја олесни испораката на помош во Газа и да им дозволи на нивните конвои безбедно поминување на територијата.
Рајдер рече дека Пентагон следи некој вид минофрлачки напад во Газа што предизвика минимална штета во близина на областа каде што се гради пристаништето, но додаде дека американските сили сè уште не почнале да преместуваат ништо во областа и дека нема американски сили на теренот.
Свет
(Видео) Големи поплави во Танзанија, загинаа 155 луѓе
Во поплавите во Танзанија загинаа 155 луѓе, а најмалку 236 се повредени, изјави денеска премиерот Касим Мајалива. Во поплавите оштетени се повеќе од 10.000 куќи.
Премиерот додаде дека обилните дождови предизвикани од Ел Нино и придружени со силен ветер доведоа до поплави и лизгање на земјиштето во различни делови на земјата.
„Многу луѓе загинаа. Имаше штета на посевите, куќите, инфраструктурата како патишта, мостови и железници“, рече Мајалива.
Поплави ја погодија и Кенија, која се граничи со Танзанија на истокот на Африка, при што загинаа повеќе од 30 луѓе, пишува Си-ен-ен.
Во Кенија врне силен дожд од средината на март, а врнежите се интензивираа минатата недела. Кенискиот Црвен крст изврши повеќе од 188 спасувачки операции од март. Властите вчера затворија некои патишта во главниот град на Кенија, а неколку населби беа поплавени.