Свет
Странските сили барале Гадафи да биде убиен
Странските сили бараа Гадафи да биде убиен, бидејќи сакаа да го замолчат засекогаш, изјави поранешниот привремен премиер на Либија и некогашниот водач на бунтот во оваа земја Махмуд Џибрил
Странските сили бараа Гадафи да биде убиен, бидејќи сакаа да го замолчат засекогаш, изјави поранешниот привремен премиер на Либија и некогашниот водач на бунтот во оваа земја Махмуд Џибрил, кој патуваше по светот за да собере сојузници за уривањето на Моамер ел-Гадафи.
Џибрил во интервју за агенцијата „Блумберг“ рече дека сакал Гадафи да биде фатен жив за да му се суди и додаде дека една или повеќе странски сили, коишто не ги именуваше, имале интерес да го замолчат Гадафи, бидејќи знаел премногу.
„Би биле откриени премногу тајни. Гадафи беше ’црна кутија’ на целата земја. Имаше премногу контакти и договори со многу лидери од светот. Заедно со него, за жал, исчезнаа многу информации“, рече Џибрил во интервјуто за њујоршката агенција објавено во вторникот.
Џибрил рече дека и неговите странски сојузници сега ги спроведуваат сопствените интереси во неговата земја, која ги поседува најголемите резерви на нафта во Африка.
„Поради моменталниот недостиг од државен апарат, секоја можна странска сила се обидува да ги спроведе сопствените интереси во Либија. Ниедна не е исклучок. Таква е таа игра. Тоа е политика. Земјите имаат свои интереси во Либија, а секој се гледа само себеси“, оценува Џибрил.
На прашање зошто поднел оставка на местото премиер на 23-ти октомври, Џибрил одговори дека со тоа го исполнил претходно даденото ветување, дека ќе го направи тоа кога ќе падне режимот на Гадафи.
Него го замени Абдел Рахим ал-Киб, инженер со силни врски во САД, каде студирал. Џибрил вели дека и несогласувањата меѓу вооружените фракции кои се бореле да го урнат стариот режим, исто така, влијаат на сегашната ситуација во земјата.
„Имавме исти цели, но по ослободувањето, работите потполно се променија. Либијците почнаа да се натпреваруваат меѓу себе и земјата е поделена“, заклучува Џибрил .
Поранешниот либиски лидер Моамер ел-Гадафи, според соопштението на Националниот преоден совет, е убиен на 20 октомври, кога авионите на НАТО го нападнаа конвојот во кој соборениот лидер се обиде да избега од опколениот град Сирт.
Гадафи го заробија борците на преодната власти, а потоа беше претепан и убиен, иако новите власти подоцна дадоа различни верзии за околностите на неговата смрт.
Либискиот национален преоден совет на 23 октомври прогласи ослободување на Либија, неколку дена по апсењето и смртта на Гадафи./крај/тј/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Шефот на НАТО: Кина сака добри односи со Западот и и помага на Русија, не може да ги има и двете
Кина мора да престане да ја поддржува руската војна во Украина ако сака да ужива во добри односи со Западот, изјави денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, предупредувајќи го Пекинг со невообичаено остри зборови дека не може да ги има и двете. За време на посетата на Берлин, шефот на западната воена алијанса рече дека помошта на Пекинг е од витално значење за воените напори на Москва бидејќи ја зајакнува воената економија на Русија со споделување на врвна технологија, како што се полупроводниците.
„Минатата година Русија увезе 90 отсто од својата микроелектроника од Кина, која се користи за производство на проектили, тенкови и авиони. Кина исто така работи на Русија да и обезбеди подобрени сателитски способности“, рече Столтенберг. „Кина вели дека сака добри односи со Западот. Во исто време, Пекинг продолжува да го поттикнува најголемиот вооружен конфликт во Европа од Втората светска војна. Не може да ги има и двете“, предупреди тој.
Столтенберг ги предупреди западните сојузници да не станат зависни од Кина како што беа од Русија. „Во минатото направивме грешка што станавме зависни од руската нафта и гас. Не смееме да ја повториме таа грешка со Кина и да зависиме од нејзините пари, суровини и технологии. Зависноста не прави ранливи“, додаде тој.
Кина ги зајакна трговските и воените врски со Русија во последниве години, бидејќи САД и нивните сојузници воведоа санкции и на двете, но особено на Москва, поради нејзината инвазија на Украина. Рускиот претседател Владимир Путин изјави во четвртокот дека планира да отпатува за Кина во мај, но не прецизираше точно кога.
Свет
САД градат привремено пристаниште во близина на Газа за испраќање хуманитарна помош
Соединетите Држави почнаа да градат пристаниште во Газа, соопшти денеска Пентагон, проект кој треба да ја олесни испораката на хуманитарна помош на палестинската територија. Пристаништето треба да профункционира на почетокот на мај.
Во март, претседателот Џо Бајден објави дека американската војска ќе изгради привремено пристаниште на медитеранскиот брег на Газа за да добива хуманитарна помош по море.
Изградбата е дел од напорите да се спречи гладувањето во палестинската енклава, која веќе пет месеци се наоѓа во средината на израелската воена кампања против Хамас, која го опустоши Појас Газа и ги потопи нејзините 2,3 милиони луѓе во хуманитарна катастрофа.
„Можам да потврдам дека американските воени бродови, вклучително и УСНС Бенавидез, почнаа да градат привремено пристаниште…“ изјави за новинарите портпаролот на Пентагон, Патрик Рајдер.
ОН предупредија дека Газа е во опасност од глад и се пожалија на „огромни пречки“ при добивањето помош и нејзино дистрибуирање низ енклавата.
Агенциите за помош и администрацијата на Бајден го молеа Израел да ја олесни испораката на помош во Газа и да им дозволи на нивните конвои безбедно поминување на територијата.
Рајдер рече дека Пентагон следи некој вид минофрлачки напад во Газа што предизвика минимална штета во близина на областа каде што се гради пристаништето, но додаде дека американските сили сè уште не почнале да преместуваат ништо во областа и дека нема американски сили на теренот.
Свет
(Видео) Големи поплави во Танзанија, загинаа 155 луѓе
Во поплавите во Танзанија загинаа 155 луѓе, а најмалку 236 се повредени, изјави денеска премиерот Касим Мајалива. Во поплавите оштетени се повеќе од 10.000 куќи.
Премиерот додаде дека обилните дождови предизвикани од Ел Нино и придружени со силен ветер доведоа до поплави и лизгање на земјиштето во различни делови на земјата.
„Многу луѓе загинаа. Имаше штета на посевите, куќите, инфраструктурата како патишта, мостови и железници“, рече Мајалива.
Поплави ја погодија и Кенија, која се граничи со Танзанија на истокот на Африка, при што загинаа повеќе од 30 луѓе, пишува Си-ен-ен.
Во Кенија врне силен дожд од средината на март, а врнежите се интензивираа минатата недела. Кенискиот Црвен крст изврши повеќе од 188 спасувачки операции од март. Властите вчера затворија некои патишта во главниот град на Кенија, а неколку населби беа поплавени.