Свет
Путин, Саркози, Обама на проверка во 2012 година
Во годината која започна ќе бидат одржани претседателски избори во Русија, Франција и САД, чии резултати можат да имаат значајни промени на глобалните движења во светот.
Во годината која започна ќе бидат одржани претседателски избори во Русија, Франција и САД, чии резултати можат да имаат значајни промени на глобалните движења во светот. Прв на проверка, во март, ќе биде Владимир Путин, по него во април, со против кандидатите ќе се соочи Николас Саркози, а кон крајот на годината доверба за втор мандат од избирачите ќе бара Барак Обама. Големо внимание, се очекува да привлечат и претседателските избори во Египет, бидејќи според предвидувањата ќе остават длабока трага на понатамошните случувања во арапскиот свет. Мандатот му истекува и на претседателот на Кина, Ху Џинтао, така, да се очекува да дојде до смена на врвот на партијата и државата. Владимир Путин, до декемвриските парламентарните избори, важеше за неприкосновен кандидат за претседателската функција. Но на парламентарните избори неговата партија Единствена Русија, во однос на претходните избори загуби околу 25 отсто од гласовите. Путин и понатаму е главен фаворит, иако се соочува со обвинувања дека парламентарните избори биле наместени. Путин на изборите во март нема да има посериозен кандидат, за функцијата ќе му се спротивстават старите ривали Генадиј Зјуганов, Владимир Жириновски, Сергеј Миронов и тајкунот Михаил Прохоров. Николас Саркози, за разлика од Путин, ќе се најде пред најголемиот предизвик во политичката кариера. Економската криза не ја заобиколи Франција, владата воведе нови мерки за штедење и го продолжи работниот век за заминување во пензија, што го зголеми незадоволството кај граѓаните. Првата сериозна опомена на Саркози му стигна во септември минатата година, кога социјалистите освоија мнозинство во Сенатот. Главен ривал на Саркози ќе му биде социјалистот Франсоа Оланд, кој, во декември, според анкетите имаше поддршка од 60 отсто од испитаниците. Значаен број на гласови би можела да освои Мари Ле Пен, лидерка на екстремно националистичкиот Национален фронт. Во САД започна номинацијата на републиканските кандидати за влез во Белата куќа. Во овој момент, како против кандидати на Обама најчесто се споменуваат Њут Гингрич, Рон Пол, Рик Пери и Мишел Бакман. Претседателот Обама на надворешен план постигна значајни успеси, ги повлече војниците од Ирак и го ликвидира главниот непријател на САД, Осама бин Ладен. Сепак, изборите во САД се добиваат на домашен терен, каде актуелниот претседател се соочува со економски проблеми и огромен јавен долг, нешто што сигурно ќе се обиде да го искористи опозицијата. Според најновите анкети на „Wall street journala“ и „NBC news“, Обама би добил 51 отсто од гласовите доколку ривал му биде Гингрич (37 проценти). Предноста би била помала (47:45 отсто) доколку против кандидат му биде умерениот конзервативец Мит Ромни. Големо внимание ќе предизвикаат изборите во Египет, пред се поради повеќе месечната револуција, со која беше урнат Хосни Мубарак. Како можни кандидати за изборите се споменуваат либералите Махмуд ал Барадеј и Амр Муса, но по победата на исламистите на парламентарните избори, сите опции се во игра. крај/т/нц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Иран со дрон погоди пристаниште во Оман
Во Оман, во ирански напад со дрон е погоден резервоар за гориво во пристаништето Дукам, објави државната новинска агенција на таа земја.
„Штетата е ставена под контрола и нема човечки жртви“, се наведува, повикувајќи се на неименуван безбедносен извор.
Истото пристаниште било цел на напад и за време на викендот, кога според извештаите бил повреден еден работник. Објавена е и снимка од ударот.
Moment Iranian drone strike hit the Port of Salalah in Oman. pic.twitter.com/OGQs7CYqr3
— Clash Report (@clashreport) March 3, 2026
Во соседен Катар вчера беше запрено производството на течен природен гас по ирански напади врз дел од постројките, додека Саудиска Арабија ја суспендирала работата во својата најголема домашна рафинерија.
Оман со години е клучен посредник во разговорите меѓу САД и Иран, а последниот круг преговори бил одржан минатиот месец токму таму.
Свет
Багеи: Иран во моментов е единствената преостаната сила што се спротивставува на злото
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеи, денес изјави дека Иран во моментов е единствената преостаната сила што се спротивставува на злото и рече дека „вечен срам“ ќе ги снајде оние што тврдат дека ја следат дипломатијата, но, соочени со аргументите на Иран, попуштија и решија да прибегнат кон воени средства.
Тој нагласи дека Техеран верува дека е посветен на хуманитарните принципи, пренесува „Ал Џезира“.
„Ционистичкиот режим не се воздржува од никаков злобен чин. Ги молам моите арапски пријатели внимателно да размислат. Режимот не се двоуми да го прошири опсегот на војната, да го расипе угледот на Иран и да изврши злосторства во други земји“, додаде Багеи, пренесува Танјуг.
Свет
Песков: Путин вложува напори за намалување на тензиите на Блискиот Исток
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека рускиот претседател Владимир Путин ги продолжува напорите за намалување на тензиите на Блискиот Исток и најави дека рускиот лидер денес ќе одржи меѓународен телефонски разговор. „Претседателот денес треба да има уште еден меѓународен телефонски разговор. Ќе објавиме релевантни информации и повеќе детали малку подоцна“, изјави Песков за новинарите, објави РИА Новости.
Според него, Путин вчера разговарал со лидерите на Обединетите Арапски Емирати, Катар, Бахреин и Саудиска Арабија и во сите разговори, ситуацијата на Блискиот Исток била главна тема, а рускиот претседател ја пренел својата длабока загриженост за нападот врз иранската инфраструктура, што станало централна точка на разговорот.
„Вчера разговаравме со практично сите наши соговорници дека Путин ќе ја пренесе својата длабока загриженост за нападот врз нивната инфраструктура на нашите колеги во Иран, користејќи го дијалогот што го водиме со иранското раководство“, рече Песков.
Тој негираше дека Путин има какви било планови да разговара со американскиот претседател Доналд Трамп. „Не, во моментов нема планови за разговор со Трамп“, рече Песков, нагласувајќи дека Путин нема такви настани на својот распоред.
Зборувајќи за ситуацијата на Блискиот Исток, Песков нагласи дека Русија останува посветена на принципите на меѓународното право и почитувањето на суверените држави, коментирајќи ги заканите на сенаторот Линдзи Греам кон Куба по воените операции на САД против Иран.
Песков рече дека Русија отфрла какво било мешање во внатрешните работи на други земји и смета дека таквите дејствија се некомпатибилни со меѓународното право.
„Искрено, претпочитаме да не зборуваме за ова. Ние сме поддржувачи на меѓународното право. Министерството за надворешни работи е посветено на принципите на почитување на суверените држави и на принципот на немешање во нив како внатрешно прашање. Ова е суштината на нашата позиција и претпочитаме да се придржуваме до неа. Сè друго го сметаме за некомпатибилно со принципите на меѓународното право“, изјави Песков пред новинарите, пренесува Танјуг.
Песков, исто така, рече дека е малку веројатно дека во овој момент ќе се одржи трилатерален состанок во Абу Даби во врска со украинското решение.
„Јасно е дека е малку веројатно дека сега можеме да разговараме за можноста за состанок во Абу Даби токму од очигледни причини. Сè уште не е јасно каде и кога ќе се одржат разговорите. Штом ќе биде јасно, ќе ве информираме“, рече тој.

