Свет
Билансот од нападот во Пакистан достигна 23 мртви и 54 ранети
Во бомбашкиот напад изведен во петокот претпладне во близина на шиитска џамија во северозападен Пакистан, загинаа најмалку 23 лица а 54 се ранети, соопштија вечерва локалните власти.
Во бомбашкиот напад изведен во петокот претпладне во близина на шиитска џамија во северозападен Пакистан, загинаа најмалку 23 лица а 54 се ранети, соопштија вечерва локалните власти. Бомбашот самоубиец на мотор ја активирал експлозивната направа на многу посетен пазар во близина на шиитска џамија во времето на главната петочна молитва во Парачинар, административниот центар на округот Курам, каде се чести судирите меѓу синутските и шиитските муслимани, како и нападите на талибанските бунтовници. Одговорноста за нападот ја презема во телефонски разговор со AFP помалата бунтовничка групација којашто се издвои од Движењето на пакистанските талибани (TTP), главната бунтовничка групација којашто во 2007 година склопи сојуз со глобалната терористичка мрежа Ал Каеда. Пакистан, особено провинциите во близина на границата со Авганистан се често сцена на смртоносни напади, најмногу самоубиствени, коишто ги изведуваат талибаните коишто ја обвинуваат владата во Исламабад за сојузништво со САД, коишто од крајот на 2011 година води војна против тероризмот. Цел на дел од нападите се шиитите, кои се на удар на сунитсктие радикали низ цел Пакистан. Во последните четири пол години се проценува дека во вакви напади загинале повеќе од пет илјади луѓе низ целата земја. Округот Курам, инаку, е познат по меѓуверските судири меѓу сунитите и шиитите. Племенската областа Курам се наоѓа во племенскиот паштунски регион на Пакистан. Во овие провинции (или со официјален назив – федерално административно управувани племенски области), постојните федерални пакистански закони не важат, а сојузната полиција нема овластувања, туку вистинската моќ е во рацете на племенските водачи и лидерите на семејните кланови. Системот на широка автономија на планинските Паштунски племиња е воспоставена уште од времето кога Пакистан беше колонија на Велика Британија, на почетокот од XX век. По објавувањето на независноста на Пакистан, во 1947 г., овој систем на управување не се измени, зачувувајќи ги привилегиите за паштуните. Денес во племенската зона постојат седум ткн политички заедници – еден вид племенски мини-држави, кои се под пакистанска централна власт: Баџур, Мохманд, Кибер, Курам, Орказаи, Северен и Јужен Вазиристан. Според пакистанските власти и сомневањата на Вашингтон, во овие подрачја засолништа нашле илјадници борци на џихадот кои се бореа на страна на талибаните во соседниот Авганистан./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Руски напади во Украина
Руските сили во текот на ноќта извршиле напади врз неколку украински региони, при што загинала најмалку една личност, а повредени се повеќе од десетина, меѓу кои и деца и постари лица, јавија регионалните власти.
Во Дњипропетровската област, руските сили го нападнале Дњипровскиот округ по полноќ. Повредено е 10-годишно дете, а оштетени се три куќи. Во близина на Никопол, имало артилериско гранатирање, но без жртви.
Во Запорошката област, во последните 24 часа, загинала една личност, а осум се повредени. Регистрирани се 577 напади врз 30 населени места со употреба на дронови, ракети и артилерија. Оштетени се најмалку 67 објекти, меѓу кои и домови и инфраструктура.
Во Херсон, гранатирањето околу 23:10 часот ја погодило населбата Корабељна. Повредени се три жени, од кои две се хоспитализирани. Во последните 24 часа во областа е регистрирана една жртва и 18 повредени.
Украинските власти предупредуваат дека ваквите ноќни напади се дел од континуирана стратегија на притисок врз цивилната инфраструктура.
Свет
(Видео) Киднапирањето на мајката на ТВ-водителката ја потресе Америка, семејството објави снимка: „Ќе платиме“
Американската телевизиска водителка Саванa Гатри и нејзиното семејство објавија ново видео во кое молат за безбедно враќање на киднапираната мајка, порачувајќи им на киднаперите: „Ќе платиме“. Нејзината мајка, Ненси Гатри, исчезнала минатиот викенд од својот дом во Тусон, Аризона, а властите веруваат дека станува збор за киднапирање, пишува Би-Би-Си.
„Ја примивме вашата порака и ја разбираме“, вели Гатри во видеото објавено во саботата навечер на Инстаграм, опкружена со братот и сестрата. „Ве молиме, вратете ни ја нашата мајка за да можеме да славиме со неа.“
View this post on Instagram
„Тоа е единствениот начин да најдеме мир“, продолжува таа. „Ова ни е бескрајно вредно. И ќе платиме.“ Во видеото не откри детали за пораката што ја спомнува.
Ненси Гатри исчезнала среде ноќ од својот дом минатиот викенд. Нејзиното отсуство било забележано кога во неделата не се појавила на богослужба. Властите утврдиле дека рано во неделата наутро камерата на влезната врата била исклучена и отстранета. Околу 2:28 часот по локално време, апликацијата поврзана со нејзиниот пејсмејкер била исклучена од телефонот.
Претходно оваа недела, властите соопштија дека сè уште немаат идентификувано осомничен. Понудена е награда од 50.000 долари за информации што би довеле до нејзино пронаоѓање.
Специјалниот агент на ФБИ, Хит Џенке, потврди дека се истражува можна порака за откуп испратена до неколку медиуми. Тој изјави дека пораката „содржела информации поврзани со рок и парична сума што се бара“. Властите во петокот соопштија дека се „свесни за нова порака поврзана со Ненси Гатри“ и ја проверуваат нејзината веродостојност.
Локална телевизиска станица потврдила дека примила порака, без да открие детали. Според порталот ТМЗ, киднаперите наводно барале милиони долари во криптовалута.
Семејството претходно објави видеа во кои побара доказ дека Ненси е жива и изрази подготвеност за разговор. ФБИ уапси едно лице поради испраќање лажна порака за откуп.
Семејството и полицијата предупредуваат дека Ненси може да биде во животна опасност без своите лекови.
„Таа е без своите лекови. Потребни ѝ се за да преживее“, изјави Саванa Гатри во претходна објава.
Претседателот Доналд Трамп изјави дека разговарал со Гатри и понудил помош од федералните служби. Шерифот на округот Пима, Крис Нанос, изјави дека истрагата продолжува и дека засега се верува оти Ненси е жива.
Саванa Гатри (54) е американска телевизиска новинарка и од 2012 година е ко-водителка на емисијата „TODAY“ на NBC News, како и главна правна дописничка и водителка на изборното покривање.
Свет
Вонредни избори во Јапонија: Такаичи подготвена да замине ако коалицијата загуби
Во Јапонија утрово започна гласањето на вонредните парламентарни избори, во услови на снежни врнежи низ целата земја, што би можеле да ја намалат излезноста, јавија јапонските медиуми.
Премиерката Санае Такаичи и нејзината Либерално-демократска партија (ЛДП), во коалиција со Партијата на иновации на Јапонија (ЈИП), се стремат да обезбедат мнозинство во Донниот дом на парламентот. Такаичи, која минатиот октомври стана прва жена премиер во Јапонија, најави дека ќе поднесе оставка ако коалицијата не добие мнозинство.
На изборите се кандидираа околу 1.300 лица за 465 места. Анкетите предвидуваат убедлива победа на коалицијата ЛДП–ЈИП. Се натпреваруваат и опозициски партии, меѓу кои Центристичкиот реформски сојуз, Демократската партија за народот, Комунистичката партија на Јапонија, Сансеито, Социјалдемократската партија, Реива Шинсенгуми и други.

