Свет
Победа на левицата во Словачка
Словачката партија на левиот центар Смер на Роберт Фиц победи на вчерашните вонредни парламентарни избори со освоени 45 проценти од гласовите, покажаа податоците на изборната комисија објавени во недела во Братислава
Словачката партија на левиот центар Смер на Роберт Фиц победи на вчерашните вонредни парламентарни избори со освоени 45 проценти од гласовите, покажаа податоците на изборната комисија објавени во недела во Братислава.
Со 97,9 проценти преброени гласови, Смер освоил 44,8 проценти, што значи дека ќе добие 84 места во парламентот со 150 седишта. Излезноста била 58,78 проценти.
Првичните резултати покажуваат и дека Демохристијанското движење (КДХ) освоило 8,8 проценти или 16 места, колку и партијата „Обични луѓе“. По нив е унгарско-словачката партија Мост -Хид со 6,96 проценти од гласовите и 13 парламентарци, потоа партијата на десниот центар на досегашната премиерка Ивета Радичова (СДКУ-ДС) со 5,7 проценти и 11 застапници и либерално-популистичката партија Слобода и солидарност (СаС) со 5,46 проценти и 10 парламентарни места.
„Европската унија може да се потпре на Смер затоа што ние сфаќаме дека Словачка, како мала земја во Европа и која сака да биде во Европа, исто така сака и одржување на еврозоната и на еврото како единствена европска валута“, рече Фиц по прогласувањето на победата.
Во сабота 4,3 милиони регистрирани гласачи во Словачка излегоа на избирачките места за да изберат нов парламент на земјата. На овие избори за 150-те места во парламентот се бореа 26 партии. Предвремените избори станаа неизбежни откако во октомври минатата година, по само две години на власт, се распадна десничарската коалиција заради несогласувања во врска со европскиот фонд за спас на проблематичните членки и помошта на Грција. /крај/мф/сс/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Ирак: Соборен дрон кај меѓународниот аеродром во Багдад
Ирачките власти соопштија дека дрон бил соборен во близина на меѓународниот аеродром во Багдад, без жртви или материјална штета, јави Анадолу.
Во соопштение пренесено од Ирачката новинска агенција (ИНА) се наведува дека леталото било пресретнато на надворешниот периметар на аеродромот.
Генерал-потполковник Саад Маан изјавил дека станува збор за мало беспилотно летело и потврдил дека нема човечки или материјални загуби.
Овој развој на настаните доаѓа откако претходно во Ербил, на северот на Ирак, се слушнале експлозии по напад со дрон насочен кон американскиот конзулат и градскиот аеродром, каде биле активирани системите за противвоздушна одбрана. Дроновите биле пресретнати, но нема потврда за нивниот точен број.
Свет
(Видео) Нови снимки од Бејрут: Хотел тешко оштетен во израелски напад
Нови снимки од либанската престолнина Бејрут покажуваат сериозни оштетувања на хотел во населбата Хазмие, источно од центарот на градот, додека израелските напади продолжуваат.
На снимките се гледа тешко оштетена фасада на хотелската зграда по нападот.
Hazmieh now pic.twitter.com/Q1lN9MoKlC
— Pheebs (@galpalpheebs) March 4, 2026
Фото: ЕПА
Свет
Мерц: Трамп ме увери дека американската војска ќе остане во Германија
Американскиот претседател Доналд Трамп потврдил дека САД планираат да ја задржат својата воена присутност во Германија, изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц по средбата со него во Белата куќа.
„Трамп уште еднаш ме увери дека САД имаат намера да ја задржат својата воена присутност во Германија“, изјави Мерц во Вашингтон, додавајќи дека тоа се добри вести.
Во последните месеци се шпекулираше дека, поради критичкиот став на Трамп кон Европа, би можело да дојде до повлекување на американските трупи од Германија.
Мерц рече дека со Трамп разговарале и за подобра организација на заедничкото одвраќање пред самитот на НАТО во Анкара во јули.
Тој додаде дека Трамп признал дека Германија презела водечка улога во зајакнувањето на европскиот столб на НАТО и дека САД го почитуваат германското вложување во војската.

