Свет
Европејците се за воена интервенција во Сирија
Мнозинството европејци ја поддржуваат идејата за воена интервенција во сирискиот конфликт, но само една третина би поддржале таква операција без мандат од Обединетите нации, покажуваат резултатите од испитувањето јавното мнение.
Анкeтата што ја спровела агенцијата YouGov во Франција, Германија, Велика Британија, Данска, Швадска и Финска, покажува, дека повеќето од граѓаните на овие земји би поддржале евентуална интервенција на Западот против режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад.
Меѓутоа, половината од учесниците во анкетата Данци, Швеѓани, Британци и Финци, би настојувале претходно да се добие одобрение од Обединетите нации. Истовремено една третина од Германците и Французите, исто така, претпочитаат соодветна резолуција на светската организација.
Обидите за носење резолуција во Советот за безбедност на ОН, со којашто би се осудил режимот во Сирија, на двапати досега ги блокираа Русија и Кина, користејќи го правото на вето. Според нив, стануваше збор за еднострана осуда на владата во Дамаск, којашто нема да придонесе кон надминување на конфликтот во земјата и повторување на „либиското сценарио“.
Советот за безбедност на Обединетите нации на 21-ви март едногласно ја усвои изјавата во којашто се изразува „целосна поддршка“, на предлозите на Анан. Во изјавата, што нема тежина на резолуција и нема обврзувачки дејствија, сирискиот претседател Башар ал-Асад и сириската опозицијата се повикуваат да покажат „добра волја“ и да соработуваат со Анан, за неодложно спроведување на неговиот планот од шест точки за решавање на кризата во Сирија.
Од средината на март 2011 година во Сирија избувнаа протести против режимот на претседателот Башар ал-Асад, коишто минаа во вооружена конфронтација. Според ОН, досега во судирите меѓу регуларните безбедносни сили и вооружените припадници на опозицијата на чија страна преминаа и дезертирани војници, загинале повеќе од 8.000 луѓе, додека сириските невладини организации тврдат дека бројот загинати во конфликтот изнесува околу 9.600 убиено од кои најмалку 2.500 се дезертирани војници и припадници на безбедносните сили. Сириските власти, пак, тврдат дека бројката загинати во судирите на надминува 2.500 луѓе, од кои повеќето се припадници на армијата и полицијата кои водат борби со „вооружени терористи поддржани однадвор“/крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп му даде целосна поддршка на Орбан пред изборите во Унгарија: „Тој е силен и моќен лидер“
Американскиот претседател, Доналд Трамп, јавно го поддржа унгарскиот премиер Виктор Орбан пред парламентарните избори што ќе се одржат на 12 април, порачувајќи дека има негова целосна и апсолутна поддршка за нов мандат.
Трамп пред изборите што ќе се одржат во таа земја, рече дека Орбан е навистина силен и моќен лидер.
„Бев горд што го поддржав Виктор за реизбор во 2022 година и чест ми е што тоа го правам повторно. Виктор Орбан е вистински пријател, борец и победник и ја има мојата целосна и апсолутна поддршка за реизбор за премиер на Унгарија – тој никогаш нема да го изневери големиот унгарски народ“, напиша Трамп во објава на социјалната мрежа „Трут соушал“.
Трамп додаде дека Орбан е навистина силен и моќен лидер, со докажан успех во постигнувањето феноменални резултати.
„Тој неуморно се бори за својата голема земја и народ и ги сака, исто како што јас го правам тоа за Соединетите Американски Држави“, истакна Трамп.
Според него, Орбан вредно работи на заштитата на Унгарија, развојот на економијата, создавањето работни места, промоцијата на трговијата, запирањето на нелегалната имиграција и обезбедувањето закон и ред.
„Односите меѓу Унгарија и Соединетите Американски Држави достигнаа нови височини на соработка и спектакуларни достигнувања под мојата администрација, во голема мера благодарение на премиерот Орбан. Со нетрпение очекувам продолжување на блиската соработка со него, за двете наши земји дополнително да го унапредат овој огромен пат кон успех и соработка“, заклучи Трамп.
Регион
Четиричлено семејство од Албанија почина во Тоскана од труење со јаглероден моноксид
Четиричлено семејство – родителите и нивните две деца, настрадало во својот дом во италијанската покраина Тоскана, поради труење со јаглероден моноксид, соопштија локалните власти.
Според првичните информации, жртвите се таткото Арти, мајката Јонида (43), синот Хајдар (22) и ќерката Џесика (15). Петтото лице од домаќинството е префрлено во болницата Чизанело во Пиза во тешка состојба, но според достапните податоци не е животно загрозено, пренесе Раи Уно.
На местото на настанот интервенирале припадници на противпожарната служба, карабинерите и екипи на итната медицинска помош, пренесе Итaлпрес.
При прегледот на објектот, тројца карабинери исто така добиле полесни симптоми на труење и им била укажана медицинска помош.
Прелиминарната истрага е насочена кон проверка на исправноста на котелот за централно греење, со цел да се утврди причината за трагедијата. Италијанските медиуми наведуваат дека семејството е со потекло од Албанија.
Свет
Лавров до Макрон: Ако сакате сериозен разговор, јавете се, Путин ќе одговори
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ги коментираше француските обиди за обновување на дијалогот меѓу францускиот претседател Емануел Макрон и рускиот претседател Владимир Путин.
„Францускиот претседател Емануел Макрон пред околу две недели повторно рече дека ќе го повика Путин“, нагласи Лавров во интервју за државната телевизија „РТ“.
„Знаете, тоа не е сериозно. Тоа е патетична дипломатија. Ако сакате да се јавите и да водите сериозен разговор, тогаш јавете се. Путин секогаш ќе се јави на телефон. Секогаш ќе ги сослуша сите предлози, особено сериозните“, наведе Лавров.
Двајца европски дипломати, кои зборуваа под услов на анонимност, потврдија за Политико дека советникот на Макрон, Емануел Бон, во вторникот ја посетил Москва со цел да го подготви теренот за обновување на директната комуникација меѓу Путин и Макрон.
Според наводите на еден од дипломатите, Бон се сретнал со Јуриј Ушаков, близок соработник на Путин и член на руската делегација во тековните мировни преговори со Украина.
Француските претставници не сакаа ниту да го потврдат, ниту да го демантираат посетата на Бон во Москва. Истото го направи и портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, кој на редовната прес-конференција изјави дека тоа го прави „од солидарност со француската страна“.
Макрон во вторникот изјави дека се во тек „технички разговори“ со цел повторно воспоставување дијалог со Кремљ, додека неговиот кабинет вчера соопшти дека тие разговори се водат транспарентно „и во консултација со претседателот Зеленски и главните европски партнери“.
Макрон во повеќе наврати истакна дека европските држави треба да водат сопствени директни разговори со Москва.

