Свет
Разорен земјотрес ја погоди Суматра, издадено предупредување за цунами
Разорен потрес во среда го погоди подрачјето на Индонезија, западно од брегот на островот Суматра, заради што е издадено и предупредување за цунами.
Американската геолошка служба јавува дека станува збор за потрес со силина од 8,7 степени според Рихтер.
Потресот е регистриран на длабочина од 33 километри. Засега нема информации за евентуални жртви.
Пацифичкиот центар за предупредување јавува дека на сила е опасноста од цунами за целиот Индиски океан.
Американскиот геофизички институт процени дека потресот се случил на околу 600 километри југозападно од Банда Ачех.
Потресот се почувствувал и во Сингапур, на Тајланд, како и во делови на Индија, јави Би-Би-Си.
Ројтерс соопшти дека населението од северниот дел на Суматра почнало да бега кон повисоките подрачја стравувајќи од можно цунами. /крај/дн/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Шојгу: Русија никогаш не планирала да ги нападне земјите на НАТО
Русија никогаш не планирала да ги нападне земјите на НАТО, изјави рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу.
„Руската Федерација никогаш не била закана за НАТО. Ние немаме ниту геополитички ниту воени интереси да ги нападнеме земјите од блокот, ние едноставно го штитиме нашиот народ на нашите историски територии“, рече Шојгу на состанокот на министрите за одбрана на земјите-членки на Шангајската организација за соработка (SCO) во главниот град на Казахстан, Астана.
Шојгу нагласи дека Русија секогаш вложувала максимални напори за одржување на стратешката стабилност и рамнотежа на силите во светот, пренесува Интерфакс.
Свет
Трамп: Подготвен сум да го обновам конзервативниот сојуз со Орбан
Поранешниот американски претседател и републикански претседателски кандидат Доналд Трамп изјави дека е подготвен да го обнови конзервативниот сојуз со унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Во видео пораката Трамп изјави дека со нетрпение очекува блиска соработка со Орбан кога, како што наведе, повторно ќе положи заклетва како 47-ми претседател на САД, пренесе АП.
Во својата порака Трамп го нарече Орбан голем човек и истакна дека додека бил претседател на САД, работел со него на подобрување на вредностите и интересите на САД и Унгарија.
Свет
Блинкен пристигнува во Израел, седми пат од почетокот на војната
Американскиот државен секретар во вторник ќе го посети Израел, седми пат по нападот на палестински Хамас на 7 октомври врз јужен Израел и војната што следеше со израелскиот одговор во Појасот Газа.
Јавниот сервис Кан објави дека Блинкен ќе дојде во Израел за да разговара за најавената операција на израелската армија во Рафах, како и за напорите да се обезбеди пауза во борбите и да се ослободат повеќе од 100 заложници кои ги држеше Хамас.
Блинкен моментално е во посета на Кина.