Свет
Од вторник нова емисија на Џулијан Асанж, гостинот уште тајна
Втемелувачот на интернет ресурсот WikiLeaks, кој објавува тајни документи за војните во Ирак и Авганистан, како и дипломатски преписки на Стејт департментот на САД, Џулијан Асанж, ќе води сопствена телевизиска емисија на мрежата Russia today, но листата од гости уште е тајна.
Телевизијата Russia today, руска телевизија на англиски јазик финансирана од Кремљ, објави соопштение за тоа дека гостите во емисијата на Асанж нема да бидат однапред најавени, но и дека првото интервју ќе биде контроверзно.
Во моментов Џулијан Асанж се наоѓа во Англија во домашен притвор и му се заканува израчување во Шведска каде го бараат поради истрага за наводни сексуални прекршоци, а за негово израчување заинтересирани се и САД. Тој во Англија го сними и своето токшоу The World Tomorrow.
„Не сакаме да ја намалиме тензијата со откривањето на името на првиот гостин. Воопшто не се сомневаме дека токму тој гостин и тоа интервју ќе доведат до барање за наше згаснување, особено од некои јастреби со мало почитување за слободата на говорот“, изјави главната уредничка на Russia today, Маргарита Симонјан.
Австралиецот Џулијан Асанж соопшти дека во неговата емисија ќе разговара со луѓе „коишто инаку не би добиле можност да говорат на телевизија. Треба да се истакне дека повеќето од она што мене ми го кажаа, тие не би можеле да го кажат ниту на најголемите телевизиски мрежи“.
Аналитичарите сметат дека телевизиската мрежа Russia today е голем проект и обид на Кремљ да го поправи својот имиџ. Можноста да се следи програмата на оваа телевизија ја имаат околу 430 милиони луѓе, а постои и онлајн стрим (канал). Емисијата на Асанж истовремено ќе биде емитувана од Москва и од Вашингтон, на англиски, арапски и шпански јазик./крај/ро/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Ирански вооружени сили порачаа дека САД и Израел ќе добијат невидена лекција
Портпаролот на иранските вооружени сили Аболфазл Шекарчи денеска изјави дека Иран на САД и Израел ќе им одржи лекција „каква што никогаш во историјата не доживеале“.
По утринските напади на САД и Израел врз Иран, Шекарчи рече дека иранските вооружени сили веднаш реагирале и покренале ракетни напади на секоја локација која била во служба на американската и израелската војска, пренесува агенцијата Тасним.
„Со божја помош, ќе им одржиме лекција на САД и Израел каква што не доживеале во својата историја. Израелските бази веќе се соочија со проблеми и Иран подоцна ќе им удри уште поостар шамар“, предупреди воениот функционер.
Тој го повика иранскиот народ да не се грижи, да ги игнорира гласините и да ги следи официјалните вести преку националните медиуми.
Свет
Хамас ги осуди нападите врз Иран и повика на единство
Хамас ги осуди „ционистичко-американските непријателства врз Исламската Република“, истовремено повикувајќи на единство во муслиманскиот свет.
„Додека ја потврдуваме нашата солидарност со Исламската Република Иран пред лицето на непријателствата, повикуваме на единство и солидарност во арапската и муслиманската нација за да се спречат овие непријателства“, соопшти Хамас.
Тие ги обвинуваат САД и Израел дека се обидуваат повторно да ја исцртаат мапата на регионот „за да воспостават ’Голем Израел‘ на сметка на арапските и муслиманските земји“.
Во меѓувреме, Палестинскиот исламски џихад (ПИЏ), кој аналитичарите го опишуваат како посреден сојузник на Иран, соопшти дека Иран има право „да се брани и да ги одврати противниците“ како одговор на американско-израелските напади, пренесе Тајмс оф Израел.
„Овие непријателства не се насочени само против Иран, туку против сите земји и луѓе на нашата нација и се обидуваат да наметнат доминација од страна на воени злосторници“, вели ПИЏ. „Ги повикуваме народите на нашата арапска и муслиманска нација, како и синовите на нашиот палестински народ, да се обединат против овие непријателски намери“.
Свет
Најмалку 40 лица се убиени во напад врз женско училиште во јужниот ирански округ Минаб
Најмалку 40 лица се убиени во напад врз женско училиште во јужниот ирански округ Минаб, изјави локалниот гувернер за агенцијата Тасним.
Моментално нема достапни дополнителни информации, нагласува Тајмс оф Израел.
Иранските власти претходно го осудија инцидентот како „брутална агресија“. Властите во Иран сè уште не ги коментираа деталите за нападот, а нема коментар ниту од израелска страна.

